На 03.02.2019 г., во Триесет и шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Максим Исповедник, Блажениот Максим Грк, Светиот маченик Неофит, Светата маченичка Агнија и Собор на руските новомаченици и исповедници, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослушение со Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј и Епископот Хераклејски г. Климент, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Динитриј“ во Битола.
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги, браќа и сестри, после Триесет и втората недела по Педесетница, евангелските зачала се повторуваат. Од таа причина нема да се задржиме на денешното Евангелско четиво, туку, ќе зборуваме за верата и за нејзиното исповедание. Ќе зборуваме за исповеданието на верата, бидејќи денеска светата Црква прославува еден од знаменитите исповедници. Го прославуваме светиот Максим Исповедник.
Нашиот Спасител во Евангелието според Матеј вели: „На тој камен ќе ја изградам црквата Своја“ (Мт 16, 18). Таа карпа, тој камен, за којшто ни зборува Христос, не е направен од силен мермер, од челик, или од некој уште поцврст и потраен материјал. Таа карпа е соѕидана од непоколебливата и силна вера. Затоа, сите непријатели на Христовата Црква, коишто, освојувајќи ги христијанските простори, се обидувале, покрај тоа да ги уништат христијаните и да ги разрушат и нивните светилишта, а преку тоа сакале да ги убијат и нивните души. Да ги уништат душите на христијаните, бидејќи во тие неракотворни храмови, живее Христовата вера. Но, и покрај сите обиди, Црквата Христова опстојала не срушена, како вечна и Божествена установа.
И нашиот народ бил подложен на исти искушенија и страдања низ долгата историја. Но, и тој, имајќи ја силната вера во Бога и во својата Црква, успеал да ја сочува својата самобитност, својата култура, јазик и сè она што нè прави православен христијански народ. Затоа, не можеле да насадат туѓ темел меѓу нашиот народ. Токму тука се исполнуваат зборовите на апостолот Павле: „Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос“ (1 Кор 3, 11).
Во Стариот завет, псалмопејачот вели: „Господ е моја тврдина и прибежиште мое“ (Пс 17, 2). Како што човек, кој ѕида куќа, внимава да биде поставена на цврсти темели, така, и преку целиот свој живот, ние ја надоградуваме својата личност, сопствениот карактер и сопственото битие. Апостолот нè советува и ни порачува: „Секој нека пази како ѕида“ (1 Кор 3, 10). Темелот го постави Христос и никој не е во можност да постави друг темел, освен оној кој е поставен од Самиот Бог. Тој темел е создаден од неограничената Божја љубов. Од непроменливата вечна Божја вистина и од совршената и безгранична Божја правда. Од совршеното милосрдие и простување.
Со светата тајна крштение постануваме членови на Црквата Божја. Бог го поставува тој темел во душата на секој христијанин. Потоа, од секој човек зависи како понатака ќе ја наѕидува својата личност врз тој темел. Работите можат да се направат од злато, од сребро и од скапоцени камења. Колку материјалот е подобар, толку и самиот предмет е повреден. Така, човекот својата личност може да ја изградува од злато – вистината и правдата; од сребро – честа и почитувањето; но, може и од скапоцени камења – моралот, верата, љубовта, милосрдието и простувањето. Таквата изградена личност сигурно поминува низ оган и низ разни искушенија и тешкотии во животот. Но тој оган, тие искушенија само ја прочистуваат личноста на христијанинот. Потоа, тој христијанин стои цврсто како карпа, од која морските бранови се разбиваат.
Денеска, светата Црква прославува токму една таква карпа, а тоа е светиот Максим Исповедник. Овој човек, којшто живеел во VII век, имал брилијантен ум и образование. Тој е еден од најдобрите познавачи на платонизмот и на неоплатонизмот. Извонреден оратор и писател. Човек на висока позиција на Византискиот императорски двор. Но, кога се појавува монотелитската ерес, ќе ја жртвува својата положба на дворот, заминува во манастир и се поставува во одбрана на правилното учење на светата Црква, дека во Господа Христа има и Божја и човечка волја. Тој ќе претрпи големи прогонства, затворања, мачења, но, цврсто и непоколебливо ќе биде исповедник на верата Христова. Како исповедник, од страна на гонителите на Црквата, во тоа време Византискиот двор, како и од Цариградскиот патријарх, овој свет маж ќе биде протеран. Ќе биде протеран бидејќи силно и непоколебливо го бранел правилното учење на Црквата. За да не може да зборува, му бил отсечен јазикот, а за да не може да пишува и раката. На 82 годишна возраст ќе се упокои во Господа во прогонство, оставајќи зад себе извонредни дела, коишто ден денеска се проучуваат и се темели на правилното исповедање на Православието. 18 години по неговата смрт, на VI Вселенски собор, Православието ќе победи, осудувајќи го монотелитството како ерес.
Животниот пат на св. Максим нека ни биде пример каква цврстина и сила треба да поседуваме во зачувувањето на нашата вера, на традицијата и на учењето на нашата света Црква. Од нас денеска не се бара мачеништво и страдање. Од нас денеска се бара силна и непоколеблива вера, поткрепена со добри дела, бидејќи св. ап. Јаков вели: „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јк 2, 17).
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Максим Исповедник. Тој да биде наш молитвеник пред Престолот на Севишниот. Да нè зацврстува во нашата вера и да одиме по Христовиот пат. Така, да се претставиме пред Бога како вистински Негови следбеници, па да можеме да измолиме милост и благодат Божја за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!
Митрополит Деберско-кичевски г. Тимотеј