На 29.03.2019 г., во третиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, отслужи Мало повечерие заедно со читање на третата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, ја отслуживме, односно ја испеавме и прочитавме, третата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во оваа трета седмица од Велигденскиот пост. Во текстот од оваа статија, како што слушнавме, се говори за добродетелите што ги имала Мајката Божја, Пресвета Богородица. Ние ќе спомнеме само неколку од нејзините безброј добродетели, кои таа ги имала, и ќе нагласиме, дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, била целосно оддадена, на волјата Божја. Таа немала своја волја, бидејќи Божјата волја била нејзината волја, и токму заради тоа, ангелот Божји, архангелот Гаврил и пристапил, и ѝ рекол: „Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе!“ (Лука 1, 28), најавувајќи и го зачнувањето на Синот Божји од Светиот Дух во неа, a таа слушајќи ги првите зборови, рекла: „нека ми биде според зборовите твои!” (Лука 1, 38). Потоа Мајката Божја, запрашала: „како ќе биде тоа кога јас не знам за маж“, на што ангелот и одговорил: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји„ (Лука 1, 27-35).
Ете браќа и сестри, Пресвета Богородица, не се спротивставила на гласот од ангелот испратен од Бога, дека таа е избраната од Бога, дека е единственото најсвето суштество на светот, кое се удостоило да го прими во својата света утроба самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос. Пресвета Богородица, браќа и сестри, покрај оваа добродетел, имала и други добродетели, меѓу кои ќе си спомнеме за нејзиното целомудрие.
Целомудрие значи, апсолутна целосна чистота, телесна, душевна и духовна. Со такво целомудрие, со таква чистота се одликувала Пресвета Богородица, и токму затоа се удостоила да го прими во својата света утроба Спасителот наш Господ Исус Христос. А ние денес гледајќи што сè се случува во денешниот свет, да си спомнеме како во минатите времиња, кога нашите баби и прабаби, имаа прекрасни души, и совршено се трудеа да ја имаат за пример Мајката Божја, Пресвета Богородица, тие девствени влегуваа во браковите, и не ги изневеруваа своите брачни другари, како што тоа денеска се случува во православниот свет. Овој прекрасен пример на Мајката Божја, свдочи дека тоа не е нешто што не е невозможно, ако ние живееме христијански онака како што не учи нашата света православна вера и Црква. Затоа никогаш не треба да забораваме дека целомудрието, односно дественоста, има голема сила.
Во некои земји, како што е Индија, кога девојката требало да се мажи, претходно ја проверувале дали навистина е девствена, не само телесно, но и со умот. За да ја проверат девојката, донесувале кобра, која е опасна змија, и ја ставале пред неа, и ако змијата не ја каснела девојката, значело дека таа имала телесна и духовна чистота. Ете прекрасен пример од нехристијанска средина за тоа колку е силна девственоста, што дури и најлошите животни како што е змијата, не сакаат да посегнат на телесната и духовна чистота. Затоа возљубени треба да запомниме дека девственоста треба да се чува.
Мајката Божја, исто така, била изложувана и на големи жалости и искушенија, кои ги поднесувала со големо трпение, несакајќи со ништо да покаже слабост. Ќе спомнеме дека кога старецот Јосиф забележал дека Пресвета Богородица е тешка, односно бремена, тој не знаејќи дека бременоста е од Светиот Дух, тајно сакал да ја отпушти. Таа намера, Мајката Божја, многу болно ја доживеала, знаејќи дека е совршено чиста и девствена, и телесно, и духовно и душевно. Овие нешта таа ги поднесувала со големи страдања, поради сознанието дека старецот Јосиф сака да ја отпушти неа тајно, затоа што е бремена, не знаејќи дека нејзината бременоста е од Светиот Дух, и дека оној што ќе се роди од неа е всушност Синот Божји, Спасителот Наш Господ Исус Христос.
Понатаму, браќа и сестри, се редат едно по едно и искушенијата кои ги поднесувала Мајката Божја, како што е на пример; патувањето од Назарет, околу три дена до Витлеем, каде што во пештера се родил Спасителот наш Господ Исус Христос. Потоа следат искушенијата и страдањата со немањето место каде да преноќат, засолнувањето во пештерата каде што се родил Спасителот Господ Исус Христос, немањето облекло во кое ќе го облече своето чедо, нашиот Спасител, Кој бил положен во јасли и.т.н.
Големо страдање на Мајката Божја и донела и намерата на цар Ирод, кој дознал од мудреците дека се родил Царот израилев, Синот Божји, и барал начин како да го убие. По Божја промисла, ноќе на сон им било јавено на старецот Јосиф и на Мајката Божја, да заминат за Египет, за да го спасат од убиство младенесот. Сите тие страдања и искушенија од Израел до Египет, престојувањето таму и враќањето назад, по смртта на Ирода, ги поднела, Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Ќе ги спомнеме и сите напади врз Господа Исуса Христа, клеветите, биењето по неговите плеќи, шамарањето, плукањето, ставањето на трнов венец на главата, носењето на крстот на Голгота, а нај тешко од сите за неа, браќа и сестри, било распнувањето на Крст на Спасителот наш Господ Исус Христос. Оние луѓе кои таму минувале и ја гледале таа сцена, како го распнуваат Синот Божји, не можеле да го поднесат тоа и си заминувале, а Мајката Божја, останала до крај при распнувањето на Господа Исуса Христа, гледајќи како нејзиниот Син ги изговара последните зборови, меѓу кои и зборовите упатени кон неа: „Мајко, ете ти син“ (Јован 19, 26), укажувајчи на Свети Јован Богослов, неговиот ученик и апостол, кој најмногу го возљуби од сите апостоли, и кому му рече: „Синко ете ти мајка! (Јован 19, 27)“. Оттогаш Свети Јован Богослов ја зел Пресвета Богородица на чување до крајот на нејзиниот живот. Конечно радоста, браќа и сестри, на Мајката Божја, доаѓа со Воскресението на нејзиниот Син , Спасителот наш Господ Исус Христос.
И така откако ја отслуживме оваа статија, да се помолиме на Мајката Божја, преку нејзините молитви како заштитница на човечкиот род, Бог да ни даде и нам сили во преостанатите денови во овој пост, за да го следиме примерот на нејзините безбројни добродетели, за и ние да стекнеме дел од тие добродетели и да ги запазиме, онака како што учи нашата света Црква. По нејзините Свети молитви Господи Исусе Христе помилуј нè и спаси нè! Амин!