На 12.02.2019 г., кога го празнуваме споменот на Светите Три Светители (Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов), Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослушение на Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Благоја Станкоски, протоереите Илчо Смилески, Влатко Ристески и Кирил Павлевски, новоракоположениот свештеник Тони Кузманоски, протоѓаконите Дени Насков и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Крсте Тасески, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар благоволи во свештенички чин го ракоположи ѓаконот Тони Кузманоски.
Од името на Епархијата, на отец Тони му го честитаме презвитерскиот чин и се молиме достојно да му служи на Бога и на паството кое ќе му биде доверено.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Да го прославиме овој букет на Света троица – Јован великиот, со божествениот Богослов Григорија, и високоумниот Василија – овие прекрасни и мирисливи цвеќиња од Божјата ливада, овие зраци на духовното Сонце, кои со својата божествена светлина ја просветлуваат земјата“. (Стихирна на Господи возвах)
Светитe Tри Светители ( Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов) имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари, но овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш кога настанала расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем, едни го воздигнувале Свети Василиј заради неговата чистота и храброст, други Свети Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието, а трети го воздивнувале Свети Јован зарди неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни христијани се нарекувале василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор бил решен во корист на Црквата, а исто така и за уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован имал видение на сон, во кое му се јавил секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа и сите тројца заедно. Тие му рекле: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се решил на тој начин што 12 февруари (30 јануари по стар стил) се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.
По нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!