На 25.12.2019 г., кога го празнуваме споменот на Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храмот Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството“ (Мат. 5, 3).
И денешниот светител кој го празнуваме, браќа и сестри, Светиот Спиридон епископот Тримитунтски е блажен, затоа што бил беден или скромен по дух. Бедни и скромни по дух, се оние луѓе кои ништо не сметаат за свое, туку сè што имаат, дали тоа е имот или некое друго богатство, дали е знаење, наука, положба, дали е некој постигнат успех во животот, ништо од тоа, тие не сметаат за свое. Дури ни своите души и тела, не ги сметат за свои, туку за Божји и дека се дар Божји. Тие токму така и се однесуваат кон сето она што тие го поседуваат, како дар Божји.
Ете, овој Божји угодник, Светиот Спиридон, епископот Тримитунтски, кој бил женет човек, имал семејство, но откако му умрела жената се замонашил и целосно животот му го посветил на Бога.
Имотот што го поседувал не го користел за ништо друго, освен за да им помага на сираци, сиромаси, вдовици, болни и на сите оние што имале потреба од тоа, па дури и на своите непријатели, односно на арамиите што влегле да му го украдат стадото. Свети Спиридон на арамиите кои се напрегале цела ноќ околу крадењето на стадото им дал еден овен за да се почестат за трудот што го направиле.
Денес си споменуваме за сите негови добродетели што ги направил во својот живот. Но заради неговата праведност и светост, кога на еден човек му продал сто кози, а една се вратила, па бидејќи Свети Спиридон не ги избројал парите што му ги дал купецот, а тој му дал за една помалку, ете, таа се вратила и тогаш новиот газда потрчал да ја врати козата, а Светиот Спиридон му рекол „синко таа знае дека не си ја платил, најверојатно затоа се враќа во мојот дом“. Овој купц се усрамил и ја платил козата, а таа потоа тргнала со стадото што го купил.
Свети Спиридон направил и многу други големи чуда. Тој еднаш змија претворил во злато, а некоја жена која била умрена ја воскреснал и проговорила. Исто така, Свети Спиридон, некоја река ја насочил на друга страна. Кога влегол во домот на царот, еден од царските чувари, (војници), мислејќи дека е некој просјак, бидејќи Светителот не се облекувал многу убаво, туку одел со едноставни алишта, му удрил шамар, незнаејќи дека се работи за владика, а Свети Спиридон му го завртил и другиот образ и по него да го удри. Ете, таков бил Свети Спиридон, едноствен, свет и достоинствен. Токму заради неговата светост, а од друга страна затоа што се занимавал со земјоделие, со сточарство, со шиење и.т.н., занаетчиите го избрале да биде нивни покровител, како што сте и вие занаетчиите и трговците од битолската општина и од Битола.
Браќа и сестри, кога го празнуваме овој свет човек, кој ни покажал вистнски пример како треба да живееме и да се однесуваме, какви добри дела треба да правиме, доколку сакаме вистински да го празнуваме неговиот свет празник, тоа значи дека треба нашиот живот да го усогласиме и уподобиме на неговиот живот. Неговите добродетели или добри дела што ги правел и ние да ги правиме, да бидеме скромни, како што тој бил скромен, да бидеме едноставни, како што тој бил едноставен, а и да се застапуваме за правдата, како што и тој се застапувал за правдата.
Свети Спиридон бил присутен и на Првиот Вселенски Собор. На Соборот не само со едноставни зборови, туку со дела и чудо, покажал како треба да се чува и брани нашата Света Православна Вера, правејќи чудо, потврдил, дека она што тој го зборува е вистина. Ете, таков бил Свети Спиридон, епископот Тримитунтски.
А ние денеска кога го прославуваме неговиот спомен, рековме дека треба да го следиме неговиот живот. А празникот што го празнуваме нема никаква смисла и никакво значење, ако ние го празнуваме само за да јадеме, пиеме и да се веселиме, односно да се прејадуваме, да се опиваме, да пееме недолични песни и.т.н. Вистинското празнување и прославување на празниците, особено на светителите е во тоа, наутро да се дојде на Светата Божествена Литургија, како што вие дојдовте, браќа и сестри, еден дел од славениците, занаетчиите и трговците што го прославувате овој празник, односно празникот на Свети Спиридон Тринитунтски. Вие, браќа и сестри, треба да бидете учесници на Светата Божествена Литургија, односно од збор до збор да го примите во своите срца и души сè она што се чита и пее на Божествената Литургија.
Еден свет човек вели дека, кога ќе заврши Божествената Литургија, тогаш таа почува, а тоа значи дека, она што сме го доживеале на Божествената Литургија, треба да биде наш постојан живот, и дење и ноќе, и на работно место и на секаде. Ние треба секогаш да го повикуваме Името Божјо, Името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Браќа и сестри, на Божествената Литургија се повторува целокупниот живот на нашата Света Православна Црква. Почнувајќи од создавањето на светот, понатаму сето она што се случило со доаѓањето во светот на Синот Божји Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој излегол од прегратките на Отецот заради нас и заради нашето спасение, за да го спаси човечкиот род, кој се одрекол од Бога и тргнал по лошиот пат да биде служител на сатаната. Од преголемата љубов кон човекот, Синот Божји дошол на земјата, се родил во понижена состојба во пештера, бил положен во јасли, но радоста била неискажлива, бидејќи ангелите ја пееле песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.“
При Спасителот Христое, од исток, дошеле претставниците на народите, односно најмудрите луѓе за да му се поклонат на Богомладенецот и да го даруваат со злато, ливан и смирна. Нив ги донела ѕвездата, а според учењето на Светите Отци, се смета дека тоа бил Архангелот Гаврил, кој ги донел до пештерата мудреците, каде што се родил Спасителот, Кој потоа растел, напредувајќи духовно и телесно. Спасителот Христос поживеал со луѓето, ги поучил, ги воспитал во верата, ги лекувал од секакви болести, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, и најпосле заради нас и нашето спасение, бил неправедно осуден на смрт, со најстрашната и најпонижувана смрт во тоа време, со распнување на Крст, а со својата пролеана Крв на Крстот, осветувајќи го и Крстот, не избавил и не откупил нас од гревот и смртта, и не вовел во Царството Небесно. Со Својата смрт, ја победил смртта со Воскресението, а во Возмесението ја осветил и просветил паднатата човечка природа, издигнувајќи ја во небесните височини, и ја поставил од десната страна на Отецот.
Ете, Спасителот наш Господ Исус Христос, е Оној Кој заради нас и заради нашето спасение пострадал.
Сите светители практично како и денешниот славеник, го следеле Господа Исуса Христа и со својот живот покажале дека се вистински Христови последователи, не само со зборови, туку и со својот живот и со своите дела.
Ете, таков бил и денешниот славеник, браќа и сестри, па ние доколку сакаме правилно да го прославуваме овој празник, а и секој празник, прво и основно што треба да направиме, е да научиме кои биле тие светители, или што се случувало на тие празници кои ги празнуваме, а потоа, длабоко во душите и срцата, тоа што ќе го прочитаме, научиме или слушнеме на проповедта на Божествената Литургија, да го примиме во нашите души и срца како што Мајката Божја, ги примила сите зборови што ги говорел Христос нашиот Бог и Спасител. Па така, и ние ќе бидеме вистински Христови последователи и вистински ќе ги прославуваме светителите, а тоа значи дека, на сите нам, ни è потребно да го заслужиме Царството Небесно. Целта не луѓето на земјата е да го задобијата Светиот Дух преку благодатта Бжја.
Светиот Дух да се задобие, значи ние да се обожиме, а да се обожиме значи, да се откажеме од сите наши грешни дела, желби, мисли, помисли, фантазии, похоти и страсти. Да се откажеме од страстите, значи, ние да не живееме страствено, туку да живееме како што живееле светителите.
Не дека некои од светителите не грешеле, туку многумина од нив пред да станат христијани, како Свети апостол Павле, биле најголеми грешници и гонители на Светата Црква, но кога благодатта Божја се вселила во нив, како во Свети апостол Павле, кој рекол дека „тој не живее, туку Христос живее во него“ тогаш тој толку го возљубил Господа, нашиот Бог и Спасител, а така и сите светители, како и Свети Спиридон епископот Тримитунтски, се чувствувале дека Христос во нив живее.
Па така, Господ ги просветлил тие свети луѓе и не дозволил светителите да се распаднат. Затоа нивните тела се свети, како и телото на Свети Спиридон, епископот Тримитунтски, кое се наоѓа на островот Крф. Таму, сите оние што доаѓаат и се поклонуваат пред неговите Свети Мошти, по молитвите на Свети Спиридон се лекуваат од секакви болести и слабости. По неговите молитви, Господи Исусе Христе Сине, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Честот нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар