На 09.08.2019 г, кога го празнуваме споменот на Светите Седмочисленици и на Светиот Великомаченик Пантелејмон, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Ице Поповски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Пантелејмон, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Јас сум добриот Пастир, а добриот пастир си ја полага душата своја за овците„ (Јован 10, 11).
Високопреосвештени Архиереи, пречесни отци, драги, браќа и сестри!
Денес ние прославуваме троен празник, односно празник посветен на Светите Седмочисленици, кои се седуммина на број, почнувајќи од Светите Кирил и Методиј, учителите и просветителите на нас Македонците и на сите словенски народи, и нивните Свети ученици, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј.
Имено, кога зборуваме за овие свети луѓе, треба да знаеме дека, тие заради Христа, оставиле и татко и мајка, и браќа и сестри, а некои кои биле женети, и жени и деца, и тргнале по Христа нашиот Бог и Спасител. Овие светители, повеќе го возљубиле Бога, отколку земните и преодните работи, и токму заради тоа, го заслужиле или спечалиле Царството Небесно.
Денеска, ние имаме многу школи, институции и универзитети, посветени на Светите Седмочисленици, односно на Светите браќа Кирил и Методиј, или пак на Светите Климент и Наум, Охридските Чудотворци.
Кога ќе се запрашаме, која била мисијата на овие Божји луѓе, односно која била нивната порака до сите нас, ќе видиме дека нема усогласеност на проповедта и на мисијата на Светите Седмочисленици, со оние воспитно образовни институции во нашата татковина Македонија, кои не се на достоинството и на висината, на кој треба да бидат, бидејќи обрасците кои тие треба да ги имаат и следат се токму овие Свети Седмочисленици.
Ете во тој дух, сакам да поговорам за Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, кој е најмногу почитуван во Охрид и во охридско, а исто така, неговиот култ е раширен скоро по целиот свет, па така, не постои континент, на кој не е изграден храм, посветен на Свети климент.
Свети Климент, е една од ретко образованите личности во тоа време, и затоа Охридскиот Архиепископ Теофилакт, кој го напишал неговото житие, го споредува Свети Климент, со Светиот апостол Павле и вели дека: „она што бил Свети апостол Павле за Македонците, тоа бил Свети Климент за Словените“ т.е. за нас Македонците, бидејќи јазикот на кој се проповедало, бил еднаков за сите словенски народи, а знаеме дека Светите Седмочисленици, проповедале од исток до запад, па сè до север и југ, односно до Владивосток и северните мориња.
Ете, кога ќе ги погледнеме и прочитаме делата на Свети Климент, кои останале неуништени, од тријазичниците, односно од ереста на оние кои забранувале да се проповеда на други јазици, освен на еврејски, грчки и латински, и кои остро се бореле против словенскиот јазик, на кој е проповедано повеќе од осумдесет насто, меѓу словенските народи, односно во православниот свет. Против тријазичниците, браќа и сестри, се бореле Светите браќа Кирил и Методиј, заедно со нивните Свети ученици, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, кои ја одбраниле словенската писменост, и на словенски јазик го превеле Светото Писмо и богослужбените книги.
Кога ќе ги прочитаме делата на Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, ќе видиме, за што всушност Свети Климент проповедал и учел.
Свети Климент, браќа и сестри, кога дошол на овие наши простори, затекнал народ кој бил крстен, но не бил упатен во православната вера. Ако направиме споредба за тоа, кој кога од соседните народи го примил христијанството, ќе видиме дека во 885 година, во времето на цар Борис, се крстиле Бугарите, кои биле племе дојдено од татарските краишта, а во 998година, во времето на царот Владимир, се крстиле Русите, а во времето на 12-от век Србите. Ние, Македонците, браќа и сестри, немаме ден на крштевање, бидејќи нам верата ни е предадена од Светиот Апостол Павле, кој дошол на овие простори и ни го проповедал Евангелието.
Ние, како што спомнавме, немаме посебен ден, како другите народи, кога сме го примиле Светото Крштение, но затоа Свети Климент е оној, кој повторно врши евангелизација на нашиот народ, бидејќи до тогаш на нашиот народ му се проповедало, исклучиво на грчки јазик.
Токму околу тоа говори и Свети Кирил, кога му вели на Папата, дека повеќе сака, како што вели Свети апостол Павле „да каже пет збора, во домот Божји, на разбирлив јазик, отколку илјада зборови на туѓ, неразбирлив јазик“. Свети Кирил му вели на папата: „Ако јас се молам на туѓ јазик, тогаш мојот дух се моли, но умот не дава плод и браќата немаат полза од тоа“ бидејќи тие не можат да ја запознаат и да ја научат нашата Света Православна вера.
Токму затоа, Свети Климент проповеда на разбирлив мајчин јазик. Неговите проповеди, поуки и слова, се толку едноставни и разбирливи, така што дури и најнеупатените луѓе во верата можат да ги разберат, но истовремено истите се толку содржајни, што и денеска врвните теолози на нашата Света Црква, ќе забележат дека „Свети Климент, има прекрасни изрази со догматска содржина. Како пример ќе ја земеме следнава фраза: „Не барајте му на Синот Божји, Мајка на небесата, ниту Tатко на земјата“.
Свети Климент, браќа и сестри, потоа им укажува на луѓето, дека треба да си ја знаат верата, бидејќи ако не си ја познаваат верата, тие нема да имаат никаква полза. Затоа Свети Климент ќе рече дека, човек кој сака да се спаси, е потребно да не биде слеп, а слеп е оној, што не си ја знае верата. Верата, и животот според верата, се најосновните нешта за човекот да може да го спечали своето спасение.
Во тој дух, ќе поговориме за неколку работи, кои Свети Климент ги истакнува во своите дела. Имено, тој говори за верата, односно дека без вера, нема спасение, а исто така, говори и за љубовта кон Бога, и за љубовта кон својот ближен, и вели дека, љубовта кон Бога ние ќе ја искажеме, ако од сè најмногу го љубиме Бога. Самиот Христос во Светото Евангелие вели: „Кој сака татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37). Но исто така, треба да имаме и љубов кон ближниот свој, зашто во Светот Писмо е кажано: „Кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јов. 4, 20).
Свети Климент, исто така, укажува и на постот и вели: „Немојте да постите, само телесно, туку постете, како што пееме во црковните песни, и духовно, и телесно“. Свети Климент, уште вели: „Каква полза иамаме, ако не јадеме месо, а ги јадеме браќата свои“.
Меѓу другото, Свети Климент укажува и на гревовната состојба во тоа време. За жал, по две илјади години, христијанство во Македонија, ние воопшто не сме отишле напред во верата, браќа и сестри, туку одиме назад. Зошто го велам ова? Ова го велам, затоа што во раните векови на христијанската Црква, еден богослов поставува прашање велејќи: „Ајде кажете ми, има ли некој меѓу христијаните да краде и лаже, има ли некој меѓу христијаните да убива, завидува и да мами“ и.т.н. Сите овие гревови не биле присутни во раната Христова Црква, а сега ние се прашуваме? Дали (ние) денес меѓу христијаните имаме луѓе кои не крадат, не лажат и не живеат недостоен живот. Не, браќа и сестри! Верувајте, деведесет насто од луѓето во Македонија се крстени, во нашата Света Православна Црква, но не живеат според учењето на нашата Света Црква.
Меѓу другото, би истакнал уште неколку битни нешта, на кои укажува Свети Климент, кога нашите Македонци сеуште не биле просветени и кога немало луѓе кои знаеле да пишуваат, па Свети Климент, на дечињата им ги водел рачињата и ги учел како да ги пишуваат буквите. Денес, во денешно време, само што ќе се роди детето и ќе прозбори, веднаш добива мобилен телефон и се запознава со работи кои не треба да ги знае. За тоа сме виновни сите ние, почнувајќи од родителите, дедовците и бабите, просветните работници и.т.н.
Еден педагог вели: „немојте да мислите, дека вистински учители, се оние што едно зборуваат, а друго прават“. Свети Ефрем Сирин и Свети Ероним, велат дека таквите учители се: „повеќе шарлатани, кои од луѓето прават циркус“.
Свети Климент и некои други светители, упорно укажувале, на сите оние грешни работи и состојби, кои биле присутни во тоа време.
Во своите проповеди, Свети Климент, не ги поштедувал ни епископите, ни свештениците, бидејќи тој нашишал и „Слово до епископите и свештениците“, во кое вели, дека „епископите и свештениците, треба да бидат образец на верните, да не се оддаваат на недостојни работи, да бидат гостопримиви“, односно да бидат пример за сите и.т.н.
Меѓу другото, Свети Климент укажува, од каде потекнува еретичкото учење кај верните, и вели дека истото е последица на мрзеливоста на свештенослужителите.
Свети Климент уште вели, дека секој празник и секоја недела, се мисли на неделата како седмичен ден, верните треба да бидат во храмот Божји и да земаат актвно учество во богослужбите, особено во Светата Божествена Литургија. Исто така, Свети Климент ги истакнива најбитните работи во Божествената Литургија и укажува на Канонот на Евхаристијата и вели: „Зар не гледате дека, на секоја Света Литургија, се коле Јагнето Божјо, Спасителот наш Господ Исус Христос“, и ни се предава нам, браќа и сестри. Ако ние, сите овие нешта не ги разбереме правилно, односно ако ние не си ја научиме верата, ако не живееме според неа и сè што е спасоносно и достојно за нас, тогаш не можеме да се спасиме.
По молитвите на Светите Седмочисленици и на Свети Пантелејмон, Господи Исус Христе, помилувај нè и спаси нè. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар