На 28.08.2019 г., кога го празнуваме споменот на преопдобниот наш отец Свети Јоаким Осоговски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Свети Јоаким Осоговски“ – Крива Паланка.
На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
За несебичното залагање и афирмација на МПЦ-ОА, Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА го одликуваше господинот Страшо Јакимовски, со највисоко одликување во МПЦ-ОА, орден на Свети Климент Охридски од прв ред.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (сп. Мат. 11, 28-30).
Браќа и сестри, овие зборови од денешното Свето Литургиско Евангелие, говорат најконкретно за животот и делото на денешниот славеник, преподобниот наш отец Светиот Јоаким Осоговски, на кого денеска споменот му го празнуваме.
Овој Божји угодник, најверојатно уште од своите млади години ги слушнал овие зборови на Христа нашиот Бог и Спасител, од Светото Евангелие, и веднаш се определил да го земе јаремот Христов, односно да тргне по Христовиот пат, зашто Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Друг пат, кој води во Царството Небесно нема, па токму затоа тој посакувал погодно место, кое ќе влијае врз неговиот понатамошен живот. Во житието на Свети Јоаким се вели дека тој се распрашал во овие краишта за тоа каде е најпогодно местото за смирен и тивок живот. Нему му било речено во Сарандопор, т.е. овде во овие предели на ова Свето место, во Осоговската планина.
Светиот Јоаким го избрал ова место за покој на неговото тело, но предтоа ја успокоил и својата душа со тоа што тргнал по Христовиот пат, т.е. се одрекол од својата човечка волја, земајќи го врз себе благиот Христов јарем и на тој начин покажал дека навистина христовиот јарем е благ.
Браќа и сестри, времето кога живеел Светиот Јоаким Осоговски, е некаде втората половина на единаесеттиот век, а нешто подоцна живееле и останатите познати столбови на исихастичкиот живот на нашата Света Македонска Православна Црква: покрај Свети Јоаким Осоговски, Свети Прохор Пчински, Свети Гаврил Лесновски и Свети Јован Рилски, кои во тоа време покажале како треба да биде односот на луѓето кон Бога.
Имено, овие Божји угодници, не биле луѓе кои правеле подвизи и дале пример само за тоа време, туку тие правеле подвизи и дале пример за сите генерации до крајот на светот, зашто нивниот живот, во конкретниов случај животот на Свети Јоаким Осоговски, е патоказ за генерациите до крајот на светот, како треба сите луѓе да живеат.
Ние знаеме дека нашите прародители Адам и Ева, кои беа создадени за вечен живот, а не за умирање, кога ја прекршија единствената Божја заповед, духовно умреа, а по неколку стотици години и телесно, па затоа Светиот апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние, како нивни потомци, грешиме и умираме“.
Кога умираме, браќа и сестри, ние најнапред умираме духовно, како што и Адам прво умрел духовно, а духовната смрт е разделбата со Бога. Оние што не веруваат дека постои Бог, тие се мртви за Бога, зашто живот без Бога не е живот туку смрт. Затоа и умреле нашите прародители Адам и Ева, бидејќи најнапред духовно се одвоиле и одделиле од Бога, а подоцна и телесно.
Човечкиот род, никој не можел да го спаси од гревот и смртта поинаку, ниту човек, ниту ангел од небесата, туку Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, како што било претскажано во Протоевангелието дека Он е оној што треба да прими човечко тело и ќе ги избави луѓето, од гревот и смртта. И ете, Оној најбогатиот, совршениот Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој заради нас и заради нашето спасение, толку многу осиромаши, што од совршен Дух, Син Божји, посака да излезе од прегратките на Отецот и да стане човек, да прими наше тело, наша човечка природа, т.е. да се понижи до тој степен, заради нас и нашето спасение, да ги поучи луѓето во верата, во постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Спасителот Христос живеејќи меѓу луѓето, лекувал од секакви болести, а од преголема љубов за човечкиот род, за паднатата човечка природа, Синот Божји, посакал да пострада, бидејќи знаел дека без совршената жртва, без Жртвата над сите жртви, спасението не луѓето е невозможно.
Христос заради нас и нашето спасение бил биен, тепан по плеќите, шамаран, плукан, трнов венец Му ставиле на главата, неправедно Го осудиле, Крстот Му го дале да го носи на Голгота, на кој бил распнат и ја пролеал Својата Света и спасоносна Крв, заради нас и заради нашето спасение, со која нè откупил од гревот и смртта, за повторно да нè врати во единство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ете, Он, Синот Божји, е Вториот Адам, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој нè научил како треба да живееме. Еве, тој пат Христов го следел денешниот славеник Свети Јоаким Осоговски, кој почнал да ја лекува својата душа.
Сите луѓе, браќа и сестри, кои се родени од жена, се со помрачен ум, односно со првородниот грев, бидејќи нашиот прататко Адам, кога згрешил, јадејќи од забранетиот плод, му се помрачил умот, и на тој начин дозволил умот кој раководи со разумот и волјата (духот), да ја преземе разумот неговата улога. Ете, оној кој Го гледал Бога и кој разговарал со Него, сега ја загубил таа моќ да биде со Бога Троичниот.
Сите горделиви луѓе, се со обожен разум, бидејќи себеси се прогласуваат за богови т.е. го земаат местото на Бога, но кога ќе сфатат дека тие не се богови, тогаш си измислуваат нови богови: сонцето, месечината, ѕвездите, луѓето, татка си, мајка си, жената, децата, куќите, имотите и.т.н. Токму затоа Спасителот наш Господ Исус Христос вели: „Кој сака повеќе татко или мајка, жена или деца, куќа или ниви или било што, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37). Па така, браќа и сестри, токму затоа и Свети апостол Павле вели: „Луѓето почнаа да мудруваат, и во нивното мудрување отидоа дотаму што полудеа, односно славата на Бога ја заменија со славата човечка, со славата на материјалната природа, со птиците, со животните и со предметите, т.е. станаа идолопоклоници и немаа друг начин и пат за спасение, освен повторно да се вратат во единствот со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (види Рим. 1, 23-25).
А денешниот славеник, браќа и сестри, не само што го научил тоа, туку истото го докажал искуствено со опит. Опитот или искустовото што го направил Свети Јоаким е следното, т.е. го очистил своето срце од секаква нечистотија, од секакви грешни желби, грешни чувства, грешни похоти, грешни страсти и грешните дела.
Откако Свети Јоаким сето ова го направил, неговата душа копнеела кон повисокиот духовен степен, а тоа е просветлувањето на умот. Како го просветлил умот? Умот го просветлил на тој начин што ја разбудил својата совест и таа почнала да бдее над сè што доаѓа до неговиот ум, односно неговата совест не дозволувала во неговиот ум да влегуваат никакви грешни мисли и претстави за овој материјален и преоден свет, туку целиот свој ум го насочил кон Бога и постојано мислел на Бога, постојано Го љубел Бога и постојано живеел за Бога. Па така на тој начин се ослободил и од помислите, т.е. од мислите на кои им се додаваат и слики, а од кои подоцна кога ние ќе почнеме да си разговараме со грешните мисли, тогаш се случуваат тие таканаречени фантазии или фантастични филмови, што си ги правиме, а таква работа немало во умот на Христа Нашиот Бог и Спасител, Кој бил совршен човек и совршен Бог. И ете, Свети Јоаким Осоговски откако ги постигнал овие нешта, не застанал тука, туку уште повеќе се усовршил, се обожил, односно откако го просветлил својот ум, кој бил помрачен, како и на сите луѓе што не го гледаат Бога, што не ја гледаат благодатта Божја, несоздадените енергии Божји, кои им биле покажани на тројцата апостоли Петар, Јаков и Јован на Светото Преображение, како силна светлина, како што пееме во тропарот дека тие паднаа ничкум од силната светлина, што ја видоа и ја почувстуваа, колку што можеа, бидејќи целосно ја немаа примено благодат Божја, Светлината Божја, за која ние читаме во Символот на Верата дека Христос, нашиот Бог и Спасител е „Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински“, т.е. не беа обожени.
Да се запрашаме, браќа и сестри, тогаш Кој е Отецот на светлините? Отецот на светлините, е Отецот Небесен. Преку таа светлина или благодат Божја, ние грешните можеме да Го гледаме Бога. На тој начин и Свети Јоаким со својот ум, преку благодатта Божја што му била дадена, Го гледал Бога и повеќе не грешел. Некои ќе речат дека светите луѓе можат да згрешат. Да, светителите некогаш ќе згрешат, но кога ќе згрешат, веднаш се каат. Свети апостол Петар згрешил кога се откажал од Христа, но само еден поглед, на Христа бил доволен Свети апостол Петар да се наслони на ѕидот и да плаче за направениот грев и да се кае вистински, а не како Јуда, за кого во Светото Писмо се вели дека се покаја, односно призна(л) дека предаде праведна крв, па отиде, ги фрли сребрениците во храмот, направи јамка на една врба и се обеси, бидејќи сатаната беше влегол во него, во моментот кога Христос го причестл. Ете така, како Јуда, завршуваат сите горделиви луѓе, кои самите се прават богови, а оние кои се каат, завршуваат како Свети апостол Петар, кој заради Христа побарал да биде распнат со главата надолу, бидејќи не бил достоен да биде распнат на Крст како Христа нашиот Бог и Спасител.
Еве го денешниот светител, Свети Јоаким Осоговски, кој е прекрасен пример на светител и аскет, кој постојано мислел на Бога, постојано Го гледал Бога преку благодатта Божја и ни оставил пример дека и ние треба да го следиме неговиот пример, односно и ние да тргнеме по тој пат. Ако тоа го направиме, тогаш ние нема да се наоѓаме во онаа состојба, за која вчера ми говореше една женичка во манастирот Света Богородица во Јанковец, која ми рече: „Дедо, младите денес се сите безнадежни!“. Не се сите, и реков и верувам дека не се сите безнадежни, но повеќето од нив немаат волја за живот. Тие се паднати во депресија, како што велат лекарите. Депресијата не е болест, браќа и сестри, депресијата е гревовна состојба. Ако оние кои се во депресија, дојдат да се исповедаат кај своите духовници и да примат совети од нив, како да почнат да се каат за гревовите, како да почнат да живеат литургиски живот, да доѓаат во храмот Божји и со внимание ли ја следат богослужбата, а особено Литургијата, да постат, да се причестуваат, да се исповедаат најмалку четири пати во годината, а и секогаш кога ќе почувстуваат потреба, тогаш тие нема да имаат депресија. Но сè додека Господ им е пушењето, пиењето, дрогата, богатството, кариерата, положбата во општеството, работните места и.т.н., сè до тогаш нема лекување и спасение, браќа и сестри.
Вистинскиот Лекар, е Христос нашиот Бог и Спасител, а научен од вистинскиот Лекар да лекува, е и денешниот славеник, Свети Јоаким Осоговски, на кого нека му е славата во век и веков. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар