На 08.08.2019 г, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Параскева (Петка) Римјанка, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Петко Кесакоски, Живко Десподоски, Љупче Петрески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Петка“, во населбата Точила, Прилеп.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не бојте се од оној што може да го убие телото, а на душата не можат да и напакости; туку бојте се од Оној, Кој може и душата и телото да ги фрли во пеколот!“(сп. Мат..10, 28).
Денес, браќа и сестри, ја прославуваме Светата Великомаченица Параскева (Петка), именувана Римјанка, бидејќи се родила во градот Рим, од благочестиви и угледни родители, кои биле неплодни, и кои Света Петка ја испросиле од Бога со горешти молитви. Уште од раното детство, Света Петка била воспитувана во нашата Света Православна вера, и според тоа воспитување, таа уште од младоста одлучила за жених да го има Христа нашиот Бог и Спасител, и Нему да Му го посвети својот живот.
Затоа, браќа и сестри, таа презрела, сè што е материјално, земно и преодно, и одлучила да стане монахиња и да го проповеда Светото Евангелие, не само со збор, туку и со своите дела, а за тоа сведочи и нејзината маченичка смрт, односно полагањето на нејзиниот живот за нашата Света Православна вера.
Во времето на гонењето на христијаните, кога се дознало дека Света Петка е христијанка и дека не се плаши јавно да ги приведува луѓето во верата, тогаш таа била изведена пред царот Антонин, за да посведочи, дали навистина верува во Христа нашиот Бог и Спасители, или пак ќе им се поклони на идолите – кумири т.е. на измислените богови, кои всушност биле дело на човечките раце, преку кои говореле демоните.
Света Петка, браќа и сестри, храбро сведочела дека е христијанка и не се исплашила од царот, кој ја подложил на големи страдања и измачувања, ставајќи и усвитен шлем на главата, но таа со благодатта на Светиот Дух, останала неповредена.
Потоа, откако царот ја видел нејзината силна вера, заповедал Света Петка да биде фрлена во котел со зовриено масло и смола, но и таму, Светиот Дух ја сочувал неповредена.
Гледајќи го тоа чудо, царот не можел да поверува, па затоа и рекол на Света Петка: „Ако навистина маслото е жешко, тогаш фрли кон мене за да видам дали е тоа така“. Света Петка, со своите раце, зела од врелото масло и фрлила кон царот, а тој веднаш ослепел. Потоа царот, откако видел дека згрешил, поверувал во Спасителот наш Господ Исус Христос, и по молитвите на Света Петка повторно прогледал, а веднаш потоа се крстил, односно станал христијанин и престанал да ги гони христијаните.
Во житието на Света Петка се спомнува и за еден друг цар по име Асклипиј, кој исто така, ја подложил Света Петка на тешки страдања и мачења, но Света Петка и пред него покажала силна вера во Господа, Кој ја заштитувал во измачувањата и страдањата. И овој цар, браќа и сестри, поверувал во Христа, заедно со сите оние што ги гледане нејзините чуда. Света Петка, насекаде каде што одела по светот, го проповедала Христа нашиот Бог и Спасител и многумина обратила во верата.
Се поставува прашањето, која е силата што и била дадена на Света Петка, и не само нејзе, туку и на сите маченици, кои пострадале за нашата Света Православна вера? Силата со која мачениците ги поднесувале страњаната, ја добивале од Христа нашиот Бог и Спасител.
Маченик, на грчки (μάρτυρ), значи сведок кој сведочи. Многумина сведоци денес сведочат за материални и преодни работи, а мачениците сведочат за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Мачениците го сведочат Бога, не само со зборови и дела, туку и со своите животи. Кога некој треба нешто да посведочи, можеби ќе каже некој збор или ќе се изложи на некое страдање, но ретки се оние, кои што ќе речат дека со својот живот, ќе Го посведочат Бога, Кој е Вистина, над секоја вистина.
Ние денес, браќа и сестри, кога го знаеме животот и делата на Светата Великомаченица Параскева (Петка), ни останува да размислиме во овој ден, кој и е нејзе посветен, како ние неа ја прославуваме и чествуваме.
Прославувањето и чествувањето, на мачениците, на страдалниците, на апостолите, на подвижниците и на сите оние што својот живот го посветиле на Бога, се чествува не со зборови, јадења, прејадувања, пиења и опивања, како што за жал се случува и кај нас православните, туку се преславуваат со тоа што, ние ќе го следиме нивниот живот. Луѓето вистински го прославуваат некој светител, само тогаш ако го следат во неговиот живот.
Оние што ја слават Света Петка, треба да го следат нејзиниот живот, а тоа значи, да си ја запознаат нашата Света Православна вера.
Ние денес на прсти можеме да ги изброиме интелектуалците во нашата православна земја Македонија, кои си ја знаат својата вера. Многумина интелектуалци, со докторски титули, кои се крстени и венчани во нашата Црква, не знаат да се прекрстат во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а да не говориме за нешто друго.
Свети Климент, нашиот патрон, вели дека, оној што ја знае својата вера, а не живее според неа, е како слеп човек што кој има цел во животот, но неговата цел не вреди ништо, бидејќи е слеп и не гледа каде оди. Оној пак, што сака да живее според верата, но не ја знае верата, е како сакат човек, кој има цел каде да стигне, но не може, бидејќи нема нозе. Ете, тука е целиот проблем на нашиот народ и на нашата Македонска Црква, за која виновни сме прво ние владиците, а потоа и свештениците и верници, кои ја сочинуваме нашата православна Црква. Зошто? Ние владиците, свештениците и ѓаконите, недоволно укажуваме на верата и не живееме според неа, и затоа луѓето не нè следат. Ако верниците видат дека живееме вистински христијански живот, како во раната Црква Христова, кога живеела Света Петка, тогаш ќе се обратат во верата и ќе доаѓаат во храмот Божји.
Христијанскиот богослов Тертулијан, браќа и сестри, кој живеел во третиот век, ги прашувал тогашните христијани: „кажете ми, има ли некој од христијаните што краде и лаже?“ А јас прашувам: „колку мина од денешните христијани не крадат и не лажат?“ Богословот Тертулијан, исто така прашувал, „има ли некој од христијаните што убива?“ Јас, браќа и сестри, тврдам дема многумина денес убиваат невини чеда во утробите на мајките. За тоа највиновни се мајките и татковците, а исто така и лекарите, кои ги вршат абортусите.
За сите овие нешта, Свети Тертулијан прашува: „кажете ми, дали има такви луѓе меѓу христијаните?“ Немало, браќа и сестри! Денеска прашуваме, дали меѓу православните христијани има, докрај чесни и достојни луѓе?
Архипастирската должност ни наложува, токму на тоа да укажеме, браќа и сестри.
Оваа светителка, Света Петка, животот го положила за Христа нашиот Бог и Спасител. Таа не сакала да слушне за маж, бидејќи знаела дека животот на земјата е времен, а таа живеела само дваесет и три години и за време на својот живот говорела дека не сака времено да живее, (па дури да живее и над сто години), туку сакала вечно да живее.
Вечното живеење е чесното и достоинствено живеење, кое е во согласност со учењето на нашата Света Православна Црква. Затоа Света Петка одлучила да го положи својот живот за нашата Света Православна вера.
Денес, кога ќе ги поставиме девојките од нејзината возраст, и ќе се прашаме: колку од нив се чесни и колку од нив чесни ќе влезат во брачната заедница, кој ќе биде одговорот? Тоа е вистината и не можеме да бегаме од неа. За тоа сме виновни сите, и ние владиците, и свештениците, и ѓаконите, а исто така, и вие, браќа и сестри, бабите, дедовците, татковците и мајките. Ние, не сакаме да разбереме, дека кога ќе згрешиме, треба да ги признаеме гревовите, да ги признаеме нашите грешки и да речеме: „повеќе не сакаме да грешиме и да правиме глупости, туку ќе отпочнеме да правиме дела, спротивни на нашите гревови“. „Ако сме лажеле, секаде ќе ја говориме вистината“, а на оние што лажат, во очи ќе им кажеме: „престани да лажеш брате, оти нема да го наследиш Царството Небесно; престани да крадеш брате, оти нема да го наследиш Царството Небесно“.
Ете, така треба да ги прославуваме нашите светители и маченици, браќа и сестри!
Затоа денешните млади луѓе, кои тргнле по погрешни патишта, не се само тие виновни за својата состојба, бидејќи вината е прво наша, на Црквата, на нас владиците и свештениците, но исто така, не помалку и на вас верниците, бидејќи никој не сака да покаже вистински пример, како треба да се живее христијански.
Во нашата Црква, низ вековите ние имаме безброј примери, како што е примерот на денешната светителка, Света Параскева, која се родила во 138-та година, а животот маченички го положила во 161-та година, на дваесет и три годишна возраст.
Кој и дал таква сила на Света Петка, тоа да го направи? Никој друг, браќа и сестри, освен Христос нашиот Бог и Спасител.
Некој ќе рече: „да тоа било некогаш во раната христијанска Црква“. Денес, ние сме напреднати, но за жал во злото, а не во доброто. Можеби ќе ни позавидат и најголемите злосторници, во нашето зло, во кое ние сме напреднале и кои мислиме дека само за стомакот треба да работиме.
Денес луѓето говорат дека најбитно во животот е да имаме пари, а знаеме дека, многумина од тие што имаат пари, воопшто не доаѓаат во Црква и не прават добри дела, туку парите ги употребуваат за лоши дела, а не за спасение на своите души.
Ете, во тој дух, што го имала Света Петка и ние, браќа и сестри, треба да се трудиме да се ослободиме од гревовните мисли, помисли, фантазии, чувства и дела, кои ние ги правиме во денешно време.
Имајќи го во предвид тоа, сите ние, треба да се потрудиме и на дело да покажеме, дека сме вистински христијани.
Ќе ви приведам еден краток пример, како во едно предградие на Каро, каде живеат православни христијани, кои се занимаваат со најнедостојната работа, односно работат на депонија складрајќи ѓубре, и заради оваа тешка работа, нивниот живот просечно трае четириесет години. Кај нив, браќа и сестри, при една православна мисија, дошол православен свештеник и ги просветил, а денес истите можете да ги видите на интернет страниците, како ревносно живеат православен живот. Тие постојано се натпреваруваат, кој повеќе ќе го воспее и ќе му заблагодари на Христа нашиот Бог и Спасител.
Тие се свесни, дека нивниот живот на земјата е четириесет години. Ако тие луѓе, кои живеат во најтешки услови, ни Го сведочат Бога, тогаш каде сме ние, браќа и сестри?
Ние треба да знаеме дека сè во животот зависи од нас, од нашето срце, од нашите мисли, од нашиот ум, од нашите чувства, од нашите желби доколку се богоугодни, или пак, од нашите похоти и страсти, бидејќи ако се оддадеме на последниве, нашето безаконие нема да има крај.
Да се помолиме на Света Петка, на која денес споменот и го празнуваме. По нејзините молитви Господ да ги просветли нашите умови, за во нив да не влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии, а исто така, и да не ослободи од грешни чувства, похоти, страсти и дела.
По молитвите на Света Петка, Господи Исусе Христе, Сине Божи, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар