На 20.11.2019 г., во предвечерието на празникот Собор на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи празнична Вечерна богослужба во манастирскиот храм посветен на Светиот Архангел Михаил, во Варош.
Чиноначалникот на вишните сили, Михаил, првиот меѓу божествените чинови, кој оди со нас постојано и сите нас нѐ штити од ѓаволските напади, денес нѐ повика на торжество. Затоа, дојдете празникољупци и Христољупци, со цвеќе на добродетели, со чисти мисли, и добра совест, да го прославиме соборот на архангелите, бидејќи тој непрестајно стоејќи пред Бога, и пеејќи ја Трисветата песна, се моли да се спасат душите наши.