На 21.09.2019 г., кога го празнувавме раѓањето на Мајката Божја, Пресветата Богородица, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Раде Јошевски, Стеван Здравески, Горан Кутлешовски, ѓаконот Константин Сековски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Рождеството Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог; уривајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен“. (Тропар на Рождество на Пресвета Богородица).
Раѓањето на Пресвета Богородица, браќа и сестри, е испросено од нејзините благочестиви родители, Богоотците Јоаким и Ана, со горешти молитви, и со ветување дека, чедото што Господ ќе им го даде, Нему ќе му го посветат.
Ете, во длабока старост, молбите, молитвите и просењата, на нашите Богоотци Јоаким и Ана, кои постојано ги упатуваа кон Бога со силна вера и надеж, дека ќе бидат услишани од Бога, се вознесоа високо во небесата, и Господ ја слушна нивната горешта молитва и им ја исполни, односно им даде чедо, а тоа е нашата Пресвета Мајка, кој е наречена Богородица, уште пред да го роди Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Раѓањето на Пресвета Богородица, како што кажавме во тропарот, е раѓање, преку кое се роди Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог и Спасител, преку Кого се разруши клетвата. Која клетва, браќа и сстри? Клетвата која им била изречена на нашите прародителе, односно на прамајката Ева и на прататкото Ада, заради прекршувањето на заповедта, да не јадат од забранетиот плод.
Ете, со раѓањето на Пресвета Богородица, оваа клетва, дека ќе нема спасение за човечкиот род, била разрушена, бидејќи од Пресвета Богородица, ќе се роди Спасителот наш Господ Исус Христос, како што било пророкувано од старозаветниот пророк Исаија, кои кога ги преведувал зборовите за Пресвета Богородица, старецот Симеон дека „девојка ќе зачне и ќе роди син“, сакал да напише „жена ќе роди син, и ќе му стават име Емануил, што значи со нас е Бог“. Затоа му било кажано на овој старец, дека нема да умре, додека не го види од девојка, односно од Пресвета Богородица, родениот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Овој старец, браќа и сестри, е праведниот Симеон, кој во своите прегратки, од Пресвета Богородица, го прими Спасителот наш Господ Исус Христос, изговарајќи ги зборовите: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. Праведниот Симеон, по примањето во Своите прегратки на Спасителот Господ Исус Христос, во својата сто и петтата година (од својот живот), се упокоил во Господа.
Пресвета Богородица, како што било пророкувано од пророкот Исаија, го родила Спасителот наш Господ Исус Христос, а тоа раѓање, како што кажавме претходно, и за кое претскажал старозаветниот пророк, не е обично раѓање, туку тоа е натприродно раѓање, односно раѓање без болки, иако на нашата прамајка Ева и било кажано, дека со болки ќе раѓа деца, а и сите жени натаму до Пресвета Богородица, и по Пресвета Богородица, раѓале и раѓаат деца со болки.
Мајката Божја, Пресвета Богородица, е единствената која, и пред раѓањето, и во раѓањето, и по раѓањето, останала секогаш Дева.
Ете, токму затоа што не направила никаков грев, Пресвета Богородица, е единствената од сите жени и девојки на светот, која се удостоила да го роди Спасителот наш Господ Исус Христос.
Во нејзината, Пречиста и Преблагословена утроба, како што гледате на фреската зад мене, во Светиот Престол, е изразен знакот, а знакот е Христос нашиот Бог и Спасител, насликан на фреската во утробата на Неговата Мајка, Пресвета Богородица.
Оној што не може да го опфати вселената и целиот свет, Мајката Божја, во својата утроба, поради својата смиреност, светост, скромност и чистота, се удостоила Несместливиот да го смести во својата утроба, заради нас грешните и недостојните, и заради нашето спасение.
Браќа и сестри, раѓањето на Пресвета Богородица, како што кажавме, било со цел да биде посветена на Бога, па затоа, во третата година од нејзиното раѓање, таа била внесена во храмот. Токму затоа, празникот „Воведение на Пресвета Богородица во храмот“, се нарекува уште и „Пречиста“, бидејќи Пресвета Богородица е најчиста од сите, и токму затоа била внесена во најсветиот дел на Старозаветниот храм, во „Светињата на Светињите“, каде што никој немал право да влегува, освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината, за да го покади Ковчегот на Заветот, и сè што било во него. Ете, во тој дел од храмот, каде што никој не смеел да влегува, била внесена Пресвета Богородица и била хранета со небесна храна од ангелите до нејзиното вереништво за праведниот Јосиф, бидејќи според еврејскиот закон, девојката која немало да се омажи, била казнувана со смртна казна, и токму затоа, вереништвото на Пресвета Богородица, е всушност само начин таа да биде спасена.
За тоа, каква била Пресвета Богородица, ние, браќа и сестри, слушнавме дека Пресвета Богородица, е Почесна од Херувамите и неспоредливо пославна од Серафимите, што значи, дека таа со чистотата на својот живот ги надминала, и ангелите, и ангелските сили и чинови, и токму затоа, се удостоила во својата утроба, да го прими Христа нашиот Бог и Спасител. И денес, кога го празнуваме нејзиното раѓање, истото не упатува на мислата за раѓањето на секое дете, браќа и сестри.
Ако, Пресвета Богородица, од своите родители била измолена со горешти молитви, кој нам ни дава право да ги убиваме децата во утробите на своите мајки? Ако со такви молитви била испросена Пресвета Богородица, тогаш како се осудува секоја мајка, во чија утроба ќе се зачне детето, истото да го убие! Тоа е најголемото злосторство, бидејќи се убива, најчистото и најдествено човечко суштество, кое сеуште не дошло на овој свет. Оттаму абортусите и секоја помисла за абортус, како и спречување на бременоста, било тоа да е од самите мајки татковици, или по наговор од бабите и дедовците, а исто така и од лекарите кои ги извршуваат абортусите, на Страшниот Суд, од нив ќе се бара одговор за убиството на тие деца., исто како што ќе се бара одговор и од Ирода, за убиството на четиринаесетте илјади деца, кои беа убиени, за меѓу нив да биде убиен и Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Затоа денес, укажуваме на ова, бидејќи истото е присутно не само кај оние што се неверници и незнаат за нашата Света Православна Вера, туку и кај нас православните христијани, кои сме крстени и миропомазани, кои доаѓаме во храмовите, палиме свеќи и се причестуваме, без да се покаеме за гревовите.
Секој што ќе се причести, без да се исповеда кај парохискиот свештеникот, тој, браќа и сестри, не ќе може да го наследи Царството Небесно. Ние треба прво да се исповедаме, а потоа како најголеми грешници да пристапиме и да се причестиме со Телото и Крвта на Христос нашиот Бог и Спасител.
Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е наша застапница, пред Христа нашиот Бог и Спасител, која е почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите, по нејзините молитви Господи Исус Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар