На 11.09.2019 г., кога го празнуваме Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Серафим (Јончевски), протоереите Тони Смуткоски, Стеван Здравески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Слепче.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Оваа тајна е голема, но јас ви зборувам за Христос и за Црквата“ (Ефес. 5, 32).
Браќа и сестри, денес Светата Православна Црква, го празнува Отсекувањето на главата на Светиот Претеча и Крстител Јован, кој што во Светото Писмо е претставен како ангел во тело.
Уште старозаветниот пророк укажува на него, дека тој ќе биде како ангел. Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека Свети Јован е најголемиот човек што се родил од жена.
Знаеме какво било неговото раѓање, дека е испросено со горешти молитви од Бога, од страна на неговите бездетни родители, Светиот Захариј и Светата Елисавета, тетката (т.е. бртучетката) на Пресвета Богородица. Знаеме исто така, дека при неговото раѓање се случило чудо, односно за неговото раѓање, во најсветиот дел во Храмот Божји, во Светињата на Светите, каде што само еднаш во годината имал право да влезе првосвештеникот, а неговиот татко Свети Захариј, кој бил првосвештеник и пророк, кога влегол таму, ангел Божји му се јавил и му ја соопштил радосната вест дека неговата жена Елисавета ќе зачне и ќе му роди син. Свети Захариј не поверувал, и затоа Господ му рекол дека додека не се роди младенецот, тој ќе онеме, односно не ќе може да зборува.
Кога се родил Свети Јован Крстител, веднаш почнале да се прашуваат како ќе му биде името, бидејќи било обичај да се стави името на таткото, на дедото, односно на некој од најблиските роднини, но од ангелот им било кажано, дека името ќе му биде Јован, што значи благодат Божја. Па ете, тогаш неговиот татко Захариј, побарал една штица и на неа напишал дека името ќе му биде Јован. Тогаш Свети Захариј проговорил и изрекол пророштво дека Свети Јован ќе биде голем човек, и пророк.
Потоа Свети Захариј бил погубен помеѓу олтарот и храмот, и неговата крв, како што пишува во Светото Писмо, се згрутчила, за да им даде до знаење на оние што го извршиле убистовото, дека гревот мора да го платат.
Свети Јован Крстител, браќа и сестри, растел во пустината, се хранел со див мед и со скакулци, и заради аскетскиот живот, се вели дека дури и ангелите му служеле. Во пустината Свети Јован израснал како цврст и непоколеблив камен, кој ете, кога дошол меѓу луѓето, почнал да проповеда со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 4, 17). Околу него се собирал многу народ, а Свети Јован ги крштевал со покајно крштение, а оние што доаѓале при него, им велел да се покајат за своите гревови, но на оние кои биле лицемерни како книжниците, фарисеите, садукеите и старешините јудејски, им велел: „Породи аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас“, бидејќи тие не сакале да се покајат за своите гревови.
Свети Јован на оние, кои што барале совет од него, како војниците, им велел одговорно да си ја извршуваат својата војничка служба, да бидат покорни на своите старешини и да бидат задоволни на платата што ја примаат. А на оние кои биле богати и кои прашувале што треба да прават, им велел „кој има две кошули, едната нека ја даде на оној што нема“.
Свети Јован Крстител, со својот цврст карактер станал необичен човек меѓу луѓето, живеејќи ангелски живот, и токму затоа од старозаветниот пророк бил наречен „ангел во тело“.
Свети Јован бил и како апостол, бидејќи го проповедал Словото Божјо со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 4, 17), и вели: „Ете, секирата е веќе при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (сп. Мат. 3, 10), укажувајќи дека, секој човек кој нема да направи добри дела, што нема да биде чесен, кој нема да живее во согласност со Светото Писмо и Светото Предание, тој ќе биде посечен и фрлен во вечниот оган, односно ќе го заслужи пеколот.
Ете, така поучувал Светиот Претеча Јован Крстител, кој побарал да се израмнат патиштата за доаѓањето на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој исто како Свети Јован ја започнува Својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“.
Свети Јован, браќа и сестри, бил силен на збор, но уште посилен на дело, и токму заради тоа што од никого не се плашел, ниту од царот и царицата, а денеска ние се плашиме од секого и од сешто, затоа што немаме љубов, затоа што не живееме чесно, затоа што не живееме достојно, затоа што не сме праведни, како што бил праведен Свети Јован. Секој праведен човек, кој живее во согласност со Светото Писмо и Светото Предание, не се плаши од никого и од ништо, бидејќи верува дека на страшниот Христов Суд ќе го заслужи Царството Небесно.
Ете, затоа Свети Јован му велел на царот: „Не можеш за жена да ја имаш, жената на твојот брат Филип, Иродијада“, која живеела нечесно и блудно, и која на незаконски начин станала царица. Тука станува збор за родосквернавење, за нечесно живеење, бидејќи Ирод сакал да ја има за жена, жената на својот брат, иако тој сеуште бил жив.
Ете заради тоа, се озлобил Ирод, но уште повеќе Иродијада, која побарала Свети Јован да биде фрлен во затвор, но Свети Јован и од затворот викал со силен глас, дека Ирод нема право да ја има за жена, жената на својот брат Филип.
Ирод четворогласниот, браќа и сестри, е син на оној стариот Ирод, кој наредил да се убијат четиринаесет илјади младенци во Витлеем и околината, барајќи Го меѓу нив Христа нашиот Бог и Спасител, да го убие како новородено дете. Тој ја отпуштил својата законита жена, ќерката на Арапскиот цар Арета, и за жена ја зел Иродијада.
И ете, при една прилика, кога Ирод го прославувал својот роденден, на истиот му угодила ќерката на Иродијада, Саломија, со своето играње на масите. Тогаш Ирод рекол: „што и да побараш ќе ти дадам“, дури ако побара и половина од неговото царство.
Тогаш Саломија отишла да се посоветува со својата мајка Иродијада, која и рекла: „ништо друго не барај, освен главата на Свети Јован“. По советот од мајка си, Саломија со трчање отишла кај Ирода и побарала да и биде дадена главата на Свети Јован Крстител, а царот наредил џелат да му ја отсече главата на Свети Јован Крстител и на табла да и ја предаде на Саломија, а Саломија и ја предала на својата мајка Иродијада.
Иродијада, од преголема злоба, со игла почнала да го боде јазикот на Свети Јован Крстител, со зборовите: „Овој јазик зборуваше против мене“.
Ете, браќа и сестри, каков грев ќе направиме, со таков грев и ќе завршиме. Така било и со Иродијада и со Ирода, и со Саломија кои нечесно ги завршиле своите животи заради убиството на Свети Јован Крстител.
Царот Арета, со силна војска го поразил Ирода , а царот Калигула го испратил во заточеништво заедно со Иродијада и Саломија, прво во Галија, денешна Франција, а потоа во Шпанија, во градот Толедо. Една зима, кога Саломија се шетала по замрзнатата река Сикорис, движејќи се пропаднала во реката, и две санти мраз и ја потфатиле главата, и таа како што некогаш играла пред гостите, сега со нозете се движела и се обидувала да го допре дното на реката, но не можела, и во тоа нејзино движење, сантите од мразот и ја пресекле главата. Поминал некој човек, кој се сожалил на главата на девојката, па затоа ја зел, ја ставил на табла и ѝ ја дал на Иродијада.
Ете, како што некогаш Саломија на својата мајка, на табла и ја предаде главата на Свети Јован Крстител, сега на истиот начин, нејзината глава и е предадена на нејзината мајка Иродијада.
Ова се случило, браќа и сестри, само заради одбраната на бракот, на брачната заедница, за кој се застапувал Свети Јован Крстител. Што значи тоа? Бракот, односно заедницата помеѓу мажот и жената, е голема Тајна. Затоа оваа проповед ја почнавме со зборовите: „Оваа тајна е голема, но јас ви зборувам за Христа и за Црквата“ (Ефес. 5, 32), вели Свети апостол Павле, споредувајќи ја жената со Црквата, а мажот со Христа нашиот Бог и Спасител.
Како што Христос пострадал за Својата Црква, а Црквата се верниците со монаштвото и свештенството, собрани околу својот Епископ, Владиката. За таа жива Црква, Христос пострадал, за да ја направи жива и непорочна. Така и мажот е должен да се грижи за својата жена и да ја скака, како што читаме во Апостолот на Светата Тајна Венчание.
Исто така, за жената, во Светото Писмо се вели, дека жената треба да се бои од својот маж, односно да го почитува својот маж. Зошто? Затоа што е создадена од него, бидејќи Господ, кога го создал човекот, рекол дека не е добро човекот да биде сам, па затоа му пуштил сон, зел едно од неговите ребра и ја создал жената. Кога Адам се разбудил и ја видел Ева, рекол: „ова е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Ќе се нарече жена, зашто е земена од својот маж!” “ (сп. 1. Мој. 2, 23). Бог тоа што го соединил, човекот да не го разделува! (сп. Мат. 19, 6). Со тоа Господ практично, ги венчал нашите прародители Адам и Ева.
Спасителот Господ Исус Христос Синот Божји, заради нас и нашето спасение, како совршен Бог излегол од прегратките на Отецот, примил човечко тело, во сè еднакво на нашето, освен во гревот, и дошол во светот за да не спаси од гревот и смртта. Кога дошло времето да го проповеда Словото Божјо, првото чудо кое го направил Спасителот Христос, е чудото во Кана Галилејска, кога водата ја претворил во вино и го благословил бракот. Спасителот Господ Исус Христос во Кана Галилејска го потврдил венчанието, односно љубовната и телесна врска меѓу мажот и жената, која е таинствена и света, и која треба да биде чиста и непорочна, како што е чиста и непорочна Црквата Божја.
Па затоа, како што рекол Господ: „Бог тоа што го соединил, човекот да не го разделува!“ (сп. Мат. 19, 6), бидејќи мажот и жената се соединуваат за вечна заедница, и затоа никој нема право да ја остави својата жена, ниту жената да го остави својот маж, за ништо друго, освен за неверство. Во Црквата Христова, само неверството може да биде причина за да се разделат мажот и жената.
Свети апостол Павле вели: „Тој што ќе земе оставена жена прељубодејствува, но и оставената жена прељубодејствува“. Вториот брак е дозволен, само за да нема поголемо прељубодејство. Ние денеска сме сведоци за тоа, дека брачната заедница е разнишана. Една третина од венчаните во Црквата Божја се разведуваат. Кога ќе ги прашаме, што е причината за разведувањето, на наше длабоко изненадување, дознаваме дека неверството, не е секогаш причина за разводот, туку глупостите кои се присутни кај мажот и кај жената, наводно, различните карактери.
Мажот и жената, забораваат дека треба да се усовршуваат. Тие се создадени еден за друг, за да бидат заедница, да раѓаат деца и да ги воспитуваат. Какви ќе бидат децата од разведени родители? Тие ќе бидат сираци при живи родители. Зошто за глупостите на таткото и мајката, кои сакаат да бидат слободни и да не зависат еден од друг, да страдаат децата?
Ако сакаат да бидат слободни, тогаш нека не се женат и нека не се мажат, но исто така, и нека не седат дома, туку нека се замонашат за да бидат од полза на Црквата.
Затоа, браќа и сестри, ни се случуваат овие нешта, кои ни се случуваат.
Еве, токму за таа светиња, пострадал Свети Јован Крстител, за бракот да биде вистински брак, за да раѓаат деца, и да ги воспитуваат во духот на нашата Света Православна Вера, а не да ги убиваат во утробите, бидејќи нема пострашно убиство, од тоа да се убие саканото чедо кое е зачнато во утробата. За таквото убиство, одговорноста ќе биде голема и страшна. Сите оние кои спречувале бременост и абортирале, треба да одат кај духовникот, да побараат прошка и да се покајат. Ако не се покајат, нема да се спасат и нема да го наследат Царството Небесно.
Па затоа, во тој дух порачуваме, дека треба да ја заштитуваме светињата на Бракот, исто како што ја штител и бранел, Светиот Претеча Јован Крстител, кого старозаветниот пророк го велича со зборовите: „Како да те наречам Свети Јоване, да те наречам ли ангел“. Свети Јован навистина бил Ангел како што проповеда пророкот, живеејќи ангелски живот, иако бил со тело.
„Да те наречам ли апостол!“ Свети Јован бил силен во проповедта, односно посилен од сите апостоли, бидејќи го проповедал Словото Божјо, и ги израмнил патиштата за доаѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител.
„Како да те наречам, Свети Јоване, да те наречам ли маченик!“ Да, браќа и сестри, Свети Јован Крстител, бил маченик и повеќе од маченик, бидејќи животот свој го жртвувал за бракот, за венчанието, односно за чистиот брак и за чистото раѓање на деца од него, а исто така, и за воспитување на децата во духот на нашата Света Православна Вера. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар