На 20.10.2019 г., кога го празнуваме споменот на Светите маченици Сергиј и Вакх и Светиот маченик Полихрониј, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не бој се! Отсега ќе те направам да бидеш ловец на луѓе! (сп. Лука 5, 10).
Браќа и сестри, додека Спасителот наш Господ Исус Христос, проповедал пред насобраниот народ на брегот на Генисаретското езеро, во меѓу време со две кајчиња пристигнале апостолите Петар, Јаков и Јован, и тогаш Господ влегол во едно од кајчињата и оттаму ја продолжил проповедта пред насобраниот народ. Кога Спасителот Христос ја завршил Својата проповед, му рекол на Свети апостол Петар: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!” (сп. Лука 5, 4). Тогаш Свети апостол Петар, Му рекол на Господа Исуса Христа: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.” (сп. Лука 5, 5) И ете, откако ги фрлиле мрежите, тие уловиле толку многу богат лов на риби, што почнале и мрежите да се кинат, па на помош им дошле и оние од другото кајче, кои за малку ќе потонеле. Кога сето ова го видел Светиот апостол Петар, т.е. кога видел како рибите Го слушаат Господа Исуса Христа и влегуваат во мрежите, си рекол во себе, а потоа и гласно проговорил: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” (Лука 5, 8). А Спасителот Господ Исус Христос му одговорил: „Не бој се! Отсега ќе те направам да бидеш ловец на луѓе! (сп. Лука 5, 10).
Браќа и сестри, денешното Свето Евангелие, Свети Јован Златоуст го објаснува и споредува со длабочината на морето, во која има прекрасни бисери и секакви други убави животни, кои можеме да ги видиме на документарните телевизиски емисии. Ете, затоа Свети Јован Златоуст го споредува денешното Свето Евангелие со таа морска длабочина, во која Апостолите ги фрлиле мрежите и уловиле богат лов на риби.
Денешното Свето Евангелие, ни говори и нè поттикнува да размислуваме за неколку работи. Имено, дали и ние мислиме како овој народ, кој бил насобран на Генисаретското езеро, за да ја слуша прекрасната проповед на Спасителот наш Господа Исуса Христа? И зошто Светиот апостол Петар, откако го видел чудото што се случило, говори дека не е достоен Христос да биде во Неговата близина, а уште помалку во неговата душа и срце?
Браќа и сестри, кога ние се трудиме да напрвиме некои работи, ако не молиме од Бога тие работи да бидат услишани и Нему угодни, тогаш ние попусто се трудиме. Факт е дека ние многу пати се трудиме да направиме многу работи, но во тоа не успеваме, зашто не Го бараме Бога во нашите молитви, и не ја бараме Божјата волја, како што Господ Исус Христос рекол: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда и сѐ друго ќе ви се додаде“ (сп. Лука 12, 31). Ете, токму затоа и Светиот апостол Јаков вели: „Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти“ (сп. Јак. 3, 4).
Зар не е факт дека ние во нашите молитви не го бараме Царството Небесно и Божјата правда, туку бараме земни и преодни работи. Бараме да имаме богатство на земјата, бараме да сме први меѓу сите луѓе. Бараме кариери и многу други работи во нашиот живот, но најмалку го бараме Царството Небесно и неговата правда. Затоа и вели Светиот апостол Јаков вели: „Зло барате во вашите молитви, затоа и не добивате“. И добро е што Бог не ни ги исполнува нашите молитви, бидејќи истите не се угодни на Бога и не се корисни за нашето спасение, туку штетни.
Од друга страна, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека ништо добро не можеме да направиме без Бога, Кој рекол: „Ништо не можете да направите без Мене“ (сп. Јован 15, 5). Ништо добро не можеме да направиме, а зло можеме да направиме по совет на сатаната и лошите луѓе, во кои делува сатаната и неговите ангели (демоните). Од таму, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека не може ништо ние добро да направиме, како што вели Светиот апостол Павле: „Зло барате, затоа и не добивате“. А Светиот пророк Давид вели: „Ако Господ не го соѕида домот, попусто се трудат ѕидарите“ (Псал. 126, 1).
Ѕидарите ништо не можат да направат, ако не помогне Господ да се изгради домот. Се вели, попусто се трудат и стражарите да го чуваат градот и напразно е нивното бдеење и стражарење, ако Господ не го сочува. Затоа, браќа и сестри, ние треба да си спомнеме на зборовите, кои Спасителот Христос му ги рекол на Светиот апостол Петар, откако овој го видел чудото со мноштвото риби и извикал кон Господа Исуса Христа: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” (Лука 5, 8). А Господ му вели: „Не бој се за твојата грешност и за мисијата за која си определен, т.е. за Апостолската мисија, бидејќи од денеска ќе станеш ловец на луѓе, а не само ловец на риби“. И ете, кога Свети апостол Петар вели: „јас сум грешен човек“, со тие зборови ја признава својата грешност, а Господ Исус Христос, му кажува дека Он не дошол во овој свет за праведниците, туку за грешниците, затоа што Он ги зема врз себе гревовите на сиот свет и на сите луѓе. Господ затоа дошол во овој свет, па затоа Свети апостол Петар не треба да се бои дека е грешен човек, затоа Спасителот Христос, врз Себе себе ќе ги земе неговите гревови, ако овој се покае и поправи, браќа и сестри.
Ете, во врска со овие зборови на Свети апостол Петар, „оди си он мене Господи“, и Гарадинците своевремено рекле: „Оди си од нас Господи“ (сп. Лука 8, 37), но тие не го рекле тоа заради исти побуди, бидејќи повеќе копнееле по земните и материјални богатства, т.е. повеќе ги сакале свињите како богатство со кое тргувале, отколку, тоа што Господ Исус Христос им излекувал двајца бесомачни луѓе, кои биле од бес обземени. А во случајот со Свети апостол Петар, имаме сосема друга состојба, каде тој ја признава својата грешност и вели дека не е достоен да биде во присуство на Христа, па затоа и бара Христос да си оди од него, оти тој се чувстувал недостоен за тоа.
Браќа и сестри, еве, после сето ова Господ му вели на Свети апостол Петар, дека тој од тој момент ќе стане ловец на луѓе. Како Свети апостол Петар станал ловец на луѓе?
Светите апостоли Петар, Јаков и Јова, од моментот кога Христос им кажал дека ќе станат ловци на луѓе, го оставиле и богатиот лов што тогаш го уловиле, ги оставиле кајчињата, ги оставиле родителите, жените и децата, и тргнале по Христа нашиот Бог и Спасител. Апостолите сепак повремено се враќале во домовите, сè до Духовден, кога Светиот Дух изобилно слегол врз нив. Ете, Светите Апостоли откако Светиот Дух слегол врз нив, тие повеќе немале страв во себе, како што претходно имале, како што читеме во Светото Писмо дека тие честопати ги затворале вратите во синагогите и просториите каде што се молеле, поради страв од Јудеите. Но откако изобилно Го примиле Светиот Дух и откако љубовата Христова ги исполнила нивните срца до таа мера, тие од тогаш не чувствувале страв, па затоа сите маченички го завршиле својот живот, како што читаме во Светото Писмо и Светото Предание, дека седум мина од нив биле распнати на Крст, а други биле биени и со меч посечени, а Свети апостол Тома со пет копја бил прободен и.т.н.
Ете, на каков начин Светите Апостоли пострадале маченички за Христа нашиот Бог и Спасител. Во оваа смисла и во овој дух ќе рече и Светиот апостол Павле: „Секој ден го распнувам телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24). И ние, браќа и сестри, треба постојано да ги распнуваме нашите тела, кои постојано копнеат по земните, материјалните и преодните работи, по земните богатства и телесните наслади.
А по прашањето, како Господ го направил Свети апостол Петар да биде ловец на луѓе, си споменуваме дека по Духовден, откако Свети апостол Петар вдахновено ја одржал првата проповед, крситл три илјади души, а при друга прилика крстил пет илјади луѓе. Свети апостол Павле, станал апостол на многубошците, т.е. на оние кои не знаеле за вистинскиот Бог, за Христа нашиот Бог и Спасител, за Отецот и Светиот Дух.
Ете, токму во тоа е и големината. А кои се мрежите, со кои Светите Апостоли го уловиле целиот свет? Мрежите, браќа и сестри, не се повеќе оние мрежи со кои се ловеле рибите, кои ги крпеле кога ќе се скинеле. Мрежите духовни се Словото Божјо, Христовата наука, изложена во Светото Писмо, пренесена во Светото Предание, и изложена и објаснета во делата на Светите Отци. Ете, токму тоа се тие мрежи, што ги фрлиле Апостолите и ја уловиле целата вселена. Тоа е големиот улов на Апостолите, во споредба на оној улов на риби што го имале.
Браќа и сестри, ако погледнеме подалеку, ќе видиме дека Спасителот Господ Исус Христос ги избрал Светите Апостолите за да го уловат целиот свет, целата вселена, но тука не завршува апостолската мисија, туку продолжува преку нивните наследници епископите, а овие, пак, таа можност ја даваат и на свештениците, кои се продолжени раце на епископите. И така, браќа и сестри, овие мрежи не завршуваат ни со нас епископите (владиците), ниту со свештениците, туку продолжува ловот на луѓе и преку вас верниците. И вие ловите луѓе, но прашањето е какви мрежи фрлате и што сакате да уловите? Ако вие ловите кариери, попусто ловите, бидејќи сте на погрешен пат. Ако сакате со своите мрежи да посеете зло, на погрешен пат сте, браќа и сестри! Ако клеветите и со клевета ги учите луѓето, на измами, лаги, кражби, пак сте на погрешен пат. Денеска сме сведоци дека оние што управуваат со народот, т.е. политичарите и оние што нив ги подржуваат, фрлаат погрешни мрежи, со кои луѓето не ги водат во Царството Небесно. Ете, сите оние кои фрлаат погрешни мрежи, ќе треба да одговараат на Страшниот Суд, кога секој ќе треба да даде одговор за своите дела.
Од нас зависи какви мрежи ќе фрлиме и што со нив сакаме да уловиме. Но ние, браќа и сестри, не треба да ги учиме луѓето само со зборови, туку со животот и со делата, зашто зборовите можат човека да го поттикнат, но не и да го повлечат, ама делата сигурно го повлекуваат кон доброто. Ако таткото ги учи децата да не пушат, да не клеветат, да не лажат, тогаш ги води по правиот пат, зашто денеска најголемо зло е лагата, која е секаде присутна и се издигнува и над вистината, па за жал цел свет во зло лежи, како што вели Господ Исус Христос. Ако децата ги учиме да лажат, да крадат, да прават злосторства, да извршуваат убиства и разбојништва, да употребуваат дрога, да се пијанат и.т.н., ништо не сте направиле, т.е. мрежата ни е скината, и ни отидоа рибите.
Затоа, браќа и сестри, само она што е вистинито и спасоносно, тоа треба да го проповедаме, не само со зборови, туку и со живот и со дела, зашто Спасителот Господ Исус Христос рекол дека ќе биде со нас до крајот на светот и векот. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар