На 02.06.2019 г., во Шестата недела по Воскресението Христово, посветена на чудото на исцелувањето на слепиот, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Талалеј и споменот на Светиот маченик Аскалон, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски, свештеникот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?” (Јован 9, 2).
Денес, браќа и сестри, е недела на слепиот. Во литургиското Евангелие во оваа шеста недела по Велигден, слушнавме како нашиот Спасител Христос отишол кај еден слеп човек и му рекол: „Веруваш ли ти во Синот Божји?” (Јован 9, 35). А слепиот запрашал: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?” (Јован 9, 36). Христос тогаш му одговара: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е” (Јован 9, 37).
Ете, браќа и сестри, слушнавме какво чудо направил Господ Исус Христос. Телесната слепост, односно слепилото на телесните очи е опасна работа, бидејќи знаеме дека луѓето кои се слепи не можат да ги видат убавините на овој свет. Слепите луѓе неможат да ги видат небото и небесата, сонцето, ѕвездите, месечината, планетите, земјата и сите земни убавини како што се: планините, полињата, цвеќињата, реките, потоците, езерата, морињата, океаните и.т.н. Сето ова можат да го видат само оние кои имаат здрави телесни очи. Оние што се слепи сето ова не можат да го видат.
Браќа и сестри, има и друго поголемо слепило од телесното слепило, а тоа е духовното слепило. Кои се духовно слепи луѓе? Духовно слепи луѓе се оние што не веруваат во Бога, односно тоа се луѓето кои гледајќи ги овие убавини на овој свет, несакаат да го прифатат Бога за создател на сè создадено. Духовно слепи луѓе се и оние кои се опседнати од желбата за власт и газат по сите луѓе, па дури и по своите најблиски. Духовно слепи луѓе се и оние кои мислат дека се најпаметни од сите луѓе, а во оваа категорија спаѓаат и сите оние кои формално ги исполнуваат Божјите заповеди. Таквите луѓе не можат длабоко да ги почувствуваат добродетелите кои ги направиле, не можат да се радуваат со радосните и да им помагаат на болните, да жалат со натажените и сета нивна болка да ја претворат во своја. Ете тоа се духовно слепи луѓе!
Духовното слепило е последица на гревот. Господ кога го создал човекот, му дал благослов да се размножува и раѓа, и да управува како цар со сè создадено на земјата. А што правиме ние денес? Ние православните денес не се грижиме за наталитетот на нашата земја. Ние се противиме и не ја исполнуваме Божја заповед да се плодиме и размножуваме. Ако вака продолжиме неизбежна ќе биде Божјата казна, бидејќи многу брачни парови уште во утробата ги убиваат своите зачнати деца.
Токму заради овие нешта укажуваме дека кога Господ го излекувал слепородениот, плукнал на земјата, направил кал, му ги намачкал очите и му рекол: „Отиди и измиј се во бањата Силоам, што значи: пратен!” (Јован (9, 7). Од кого? Од Бога.
Слепородениот, браќа и сестри, се измил во бањата и прогледал. Тука имаме две материи: првата материја е калта што ја направил Господ Исус Христос со плунката, преку која укажува дека човекот е од земјата, односно дека составот на неговото тело е идентичен со составот на земјата. Затоа за човекот во Библијата е речено: „од земја си и во земја ќе се вратиш!” (1. Мој. 3, 19).
Потоа Господ му рекол на слепородениот да оди во бањата Силоам и да се измие, за да покаже дека Он е тој што во почетокот зеде прав од земјата и го создаде човекот.
Браќа и сестри, овоj слепороден човек, прогледал прво духовно, а дури потоа телесно. Господ наш Исус Христос го просветлил, бидејќи во Светото Евангелие Христос за Себеси вели: „Јас сум светлината на светот“ (Јован 8, 12). Христот, браќа и сестри, е Сонцето кое се раѓа од нашиот Отец Небесен.
Ете токму заради овие нешта, слепородениот откако се излекувал и прогледал, станал сосема друга личност, односно добил просветлување од Христа.
Кога еврејските старешини, фарисеите и садукеите, го прашувале слепородениот кој е човекот што те излекува, со цел да укажат дека човекот што го излекувал е грешен, слепородениот им одоговара: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.” (Јован 9, 25). Со ова се потврдува, дека старешините еврејски, садукеите и фарисеите, не сакале да го препознаат Христа како Месија и Спасител, туку го изедначувале со сатаната и велеле дака Христос е измамник. Ваквите нивни искажувања доаѓаат заради нивната гревовност и заради тоа што тие биле формални верници. Тие само пред луѓето сакале да се покажат како вистински верници, а во своите души не биле тоа. Ете токму заради тоа, браќа и сестри, тие не се спасиле.
Секој од нас кој размислува како фарисеите и садукеите, секој од нас кој мисли дека ќе се спаси со живеење на грешен живот или со помисла дека на крајот ќе се покае, нема да се спаси. Покајание пред смртта им е дадено само на малкумина. Такво покајание му било дадено на разбојникот кој се наоѓал од десната страна на Христа, кој во последен момент успеал длабоко да се покае, барајќи од Христа да го спомне во Царството Небесно. Таква можност имаат малкумина, браќа и сестри, и затоа секој од нас е должен да се подготвува за преминот од овој свет, а преминот го нарекуваме Пасха, а Пасха значи Воскресението Христово и Воскресението на сите луѓе. Ние тука на земјата се трудиме и работиме, бидејќи сдинствено само тука можеме да го заслужиме или изгубиме Царството Небесно. Амин! Христос Воскресна! Навистина Воскресна!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар