На 26.05.2019 г., во Петтата недела по Воскресението Христово, посветена на Самарјанката, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Гликерија, Светиот маченик Александар и Преподобните Јован, Ефтимиј, Георгиј и Гаврил Иверски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Дејан Секулоски и Павле Лаповски, ерејот Милан Нически и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Крушево.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: Дај Ми да пијам – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива” (Јован 4, 10).
Браќа и сестри, денес прославуваме празник, кој е посветен на жената Самарјанка, која полнела вода при Јакововиот кладенец, кога при неа дошол Спасителот наш Господ Исус Христос со своите Свети Апостоли и ѝ побарал вода да се напие.
Поминувајќи преку Самарија, Спасителот на ова место требало да одмори, а Неговите ученици биле отидени во градот за да купат нешто за јадење.
Кога Христос ја здогледал жената Самарјанка и рекол: „Дај Ми да пијам!” (Јован 4, 7). А таа му одговорила: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?” (Јован 4, 9). Тогаш Господ и рекол: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: Дај Ми да пијам – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива” (Jован 4, 10). Жената Самарјанка му одговара: „Господи, Ти немаш со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!” (Јован 4, 11-12).
Ете на овој начин започнува разговорот помеѓу жената Самарјанка и Господа Исуса Христа. Самарјанката која прифатила да води разговор со нашиот Спасител, кога Господ и кажал нејзе дека таа има маж, таа одговорила дека нема маж, а Господ и рекол: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж“ (Јован 4, 17).
Самарјанката на овие Христови зборови се изненадила, бидејќи не знаела како овој човек, Кој прв пат ја гледа знае сè за неа, односно го знае целиот нејзин поранешен грешен живот. Самарјанката од дијалогот со Спасителот, свеќа дека Христос не е обичен човек, туку дека е пророк, и затоа збунето одговара дека ќе дојде Месија, кој сè подробно ќе им каже на луѓето. Христос како одговор и вели: „Јас сум, Кој зборувам со тебе” (Јован 4, 26). Самарјанката после овој разговор со Господа Исуса Христа се уверува дека човекот Кој со неа разговара е Синот Божји и затоа оставаќи ги стомните, со трчање оди во градот и им кажува на Самарјаните дека го сретнала Месијата, односно човекот Кој сè и кажал што таа има направено во својот живот.
Самарјаните потоа побарале Спасителот да отиде во нивниот град, а на нивната молба Христос останал во градот два дена.
Во Светото Писмо имаме и спротивен настан на овој, кој се случил кога Господ Исус Христос отишол кај гадарниците и им го излекувал бесомачниот човек, кој го мачеле илјадници бесови. Гадаринците наместо да му се заблагодарат на Спасителот Христос и да го повикаат како самарјаните, да остане во нивниот град, тие му рекле: „Оди си од нас Господи“ (Лука 8, 37). Зошто? Затоа што тие живееле грешен и недостоен живот и не сакале да го примат Христовото Евангелие. Ним поважно им било она што го правеле и од кое заработувале пари, односно да одгледуваат свињи. Свињите пак, кај евреите биле забранети, но гадаринците не сакале да се откажат бидејќи имале голема материјална корист, од свињите.
А самарјаните, како што слушнавме од Светото Евангелие, го молат Господа Исуса Христа да остане кај нив.
Браќа и сестри, еве овој голем настан се случил кога Господ Исус Христос дошол кај Јакововиот кладенец и на жената Самарјанка и соопштил дека Он е Месијата, односно Спасителот.
Евреите со Самарјаните немале ништо заедничко и биле во постојана омраза. Зошто? Асирскиот цар Сенахирим ги покорил израилците и ги одвел во плен, а на нивно место населил јазичници од Вавилон и други места. Од мешавината на тие дојденци со останатите Евреи се појавиле Самарјаните. Самарјаните го прифатиле Мојсеевото Петокнижие, се поклонувале на Бога, но не ги заборавиле и своите богови. Самарјаните освен Мојсеевото Петокнижие, ги отфрлале сите други старозаветни книги и преданија и тукму затоа јудеите кон нив се однесувале со омраза како кон јазичници, избегнувајќи секаков контакт со нив.
Затоа жената Самарјанка му поставува прашање на Господа Исуса Христа, да и каже како и каде е правилно тие да се молат. Дали на планината Геразим, каде што имале изградено храм, или во Ерусалим. Христос и одговара дека спасението ќе дојде од Ерусалим, односно од Јудеите, бидејќи и Самиот Тој по мајка бил Јудеец.
Самарјаните кои биле измешан народ и кои донеле многу свои погрешни учењеа за верата, го немале вистинското учење за верата и спасението.
Се поставува прашањето: кој е оној што правилно се моли? Луѓето во старозавтната вера општеле и се молеле на Бога преку жрвите и заветите што ги имале. Стариот Завет бил како сенка во однос на новозаветната Црква и на Новиот Завет, Кој Господ го склучил со новозаветниот Израил, Црквата Божја.
Затоа Христос вели дека молењето нема да биде ниту во Ерусалим, ниту во Самарија, т.е во храмот на планината Геразим. Вистинскиот богомолци, односно христијаните, ќе се молат со дух и вистина на Бога.
Се поставува прашањето: која е разликата да се моли човек со дух и вистина? Браќа и сестри, разликата е во следново: со вистина и дух се молат оние кои веруваат во Христа нашиот Бог и Спасител.
Затоа Спасителот Христос на луѓето кои доаѓаат при Него им вели: „а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4, 14).
Тука станува збор за вистинското молење, за молењето со дух и вистина. Духот – е Светиот Дух, Кој нам ни се дава, преку Светите Тајни.
Светиот Дух е Божјата благодат и затоа сите оние што мислат дека можат да се молат поинаку грешат. Христос во денешното Евангелие јасно ни кажува како треба да се молиме.
Бог е Дух и затоа оние што му се молат, треба да му се молат со дух и со вистина. Бог, исто така е и вистина, бидејќи Господ Исус Христос рекол: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6).
Спасителот Господ Исус Христос, исто така не научил како да се молиме и со молтвата „Отче наш“.
Како може некој да рече дека му се моли на Бога со Дух и Вистина, ако во него не е Светиот Дух? Ние вистински се молиме со Дух, кога во нас ќе влезе Светиот Дух. Тогаш ние не се молиме, туку Светиот Дух и благодатта Божја која е во нас. Богодатта Божја е всушност живата вода за која Христос говори во ова Свето Евангелие, посветено на жената Самарјанка.
Исто така, браќа и сестри, треба да знаеме дека Господ оваа жена ја подготвил да биде мисионерка, односно ја испратил во светот да го проповеда словото Божјо. Знаеме дека жената Самарјанка го проповедала словото Божјо во Ефес и Мала Азија, а во Смирна и изградиле храм, посветен на нејзиното име Фотина или Светлана на македонски јазик.
Света Фотина била голема грешница пред средбата и разговорот со Христа, пред да го прими Евангелието, пред да ја прими живата вода, односно Божјата благодат, која Христос и ја дал. Ете од една грешница која имала петмина мажи, а и шестиот не и бил вистински маж, Света Фотина станала рамна на апостолите по својата проповед, проповедувајќи го Светото Евангелие насекаде, откако ја слушнала проповеддта на Христа нашиот Бог и Спасител.
Браќа и сестри, исто така кога зборуваме за оваа Недела на Самарјанката, треба да не забораваме дека и ние по примерот на жената Самарјанка треба да го проповедаме Христовото Евангелие. Некој ќе рече, каде сега ние да проповедаме? Кому треба ние да проповедаме?
Секој од нас е должен да проповеда, а за да проповеда треба да се научи, а за да се научи, треба да доаѓа во храмот Божји и да ги слуша на Божествената Литургија, Евангелијата и проповедта што ја проповедаат свештенослужителите. За запознавање со нашата вера, ние исто така треба да читаме набожни книги, кои ги издава нашата Света Православна Црква. Сè она што ќе прочитаме од Светото Евангелие и духовната литература, треба да го примениме во својот живот. Знаењето на верата, нема никаква сила, ако ние верата не ја применеме во својот живот. Силата на нашата вера е во исполнувањето на она што го знаеме.
Спасителот Господ Исус Христос рекол: „кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, тој Ми е брат, и сестра, и мајка” (Матеј 12, 50). Ако ги исполнуваме Божјите заповеди, односно десетте старозаветни и двете новозаветни кои гласат: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;“ и втората – „Возљуби го својот ближен како себеси!” (Матеј 22, 37, 39), тогаш ние сме го исполниле целиот закон, бидејќи во овие две заповеди се исполнети сите други заповеди и пророштва кои ги изговориле Светите Божји угодници.
Па така, браќа и сестри, ако ние сакаме да бидеме вистински проповедници, најнапред треба да ја проповедаме верата во нашите домови и да ги научиме своите блиски. А ако нашите деца учат веронаука, тогаш тие треба да им ја проповедаат верата на родителит и да ги научат како да се молат, укажувајќи им дека не треба ништо да почнуваат без осенување со Крстот Христов и дека не треба да се седне на трпеза, без кажување на благодарствена молитва кон Бога.
Исто така и кога имаме маки, потешкотии, страдања, несреќи и болести и тогаш не треба да заборавиме да му благодариме на Бога, бидејќи оној кој не знае да биде благодарен, нема да го наследи Царството Небесно. Амин! Христос Воскресна! Навистина Воскресна!
Митрополит Преспанско-прлагониски г. Петар