Недела на Православието – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 17.03.2019 г., во Првата Недела од Великиот Пост (Недела на Православието), кога го празнувавме споменот на Преподобен Герасим Јордански, Светите маченици Павле и Јулијана и споменот на Свети Јаков Постник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски и Душан Талевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и синот и Светиот Дух!

Дојди и види! Вака во денешното Свето Литургиско Евангелие му одговорил, браќа и сестри, Светиот апостол Филип на Натанаил, кога овој му кажал дека го нашол Месијата Христос, нашиот Спасител. Тога Натанаил рекол: „Може ли нешто добро да биде од Назарет”? Апостолот Филип му одговорил: “Дојди и види”.
Браќа и сестри, еве, денес е голем ден на нашата Света Православна Црква. Денес е Првата недела од постот која се нарекува уште и Недела на Православието. Зошто се нарекува оваа недела Православна Недела? Затоа што оваа недела нашата Света Црква ги победува сите непријатели, надворешни и внатрешни. Имено, знае мошне добро уште од првите векови на Црквата непријатели биле надворешните непријатели, а тоа биле многубожците, императорите на Римската Империја, царевите, и тие гледале во Црквата Христова голема опасност, зашто Црквата Христова проповедала, мир, едномислие, како да проповедала еднаквост меѓу луѓето, а не малтретирање, понижување, навредување туку дека сите ние сме чеда Божји, дека ние сме синови на Небесниот Отец.
Затоа, браќа и сестри, надворешните непријатели во првите три века со сите можни сретства сакале да ја уништат Црквата Христова. Затоа во првите векови се пролеала крвта на мачениците тоа биле реки, потоци, па и мориња на пролеана крв на христијаните. Но, токму на таа пролеана крв е изградена и подигната нашата Света Православна Црква. Затоа еден Богослов од првите векови ќе рече: “Крвта на христијаните е семе за нови христијани”, со тоа практично, надворешните непријатели не успеале да ја уништат Црквата туку спротивно на тоа, Црквата нив ги победила. За тоа имаме сведоштво, не дека Црквата отишла против нив со некакви недозволиви сретства, туку војувала со верата, војувала со трпение, војувала со молитва, пост и подвизи. Ниту еден непријател на Црквата не погинал од црковните луѓе, напротив големите верници на Црквата ги загубиле своите животи сведочејќи ја верата. Тие го загубиле земниот град, а го наследиле Небесниот град Ерусалим, ги загубиле земните татковини, а ја наследиле Небесната Татковина, Царството Небесно.
Но, браќа и сестри, некаде во четвртиот век во 313 год., откако царот Константин го победил својот непријател му дал на Црквата потполна слобода, а тој се востоличил во Цариград. Таа потполна слобода на Црквата не траела долго време кога почнале да ја напаѓаат не надворешните, туку внатрешните непријатели, а внатре непријатели на Црквата биле оние кои учеле погрешно, спротивно од учењето на Црквата. Тоа биле еретиците. Меѓу првите еретици кои погрешно учеле за Христа, нашиот Спасител и Мајката Божја, дека Он не е Бог Спасител или Месија, Син Божји, туку обичен човек, бил Арие, учениот свештеник од Александрија, а после него Несториј, Македониј и сите други кои учеле погрешно за Црквата наша Света Православна и за нејзиното учење.
За да се заштити чистотата на учењето на Црквата морало да се свикаат Вселенски и Помесни Собори зашто тој бил единствениот начин на Црквата да се избори против внатрешните непријатели, со тоа што на соборен начин, на собранија на кои присуствувале сите епископи, се донесувале одлуки со кои се утврдувало учењето на нашата Света Црква односно се дефинирало правилното учење на Црквата. Затоа, браќа и сестри, ете, бил свикан Првиот Вселенски Собор и останати други уште десет помесни собори кои биле потврдени од Вселенските собори.
На последниот Вселенски Собор тоа е Седмиот на кој се донесло конечно одлука за иконите, дека тие не се како што учеле во тоа време подобни, оние погрешно што учеле иконоборците, туку дека станува збор сосема за нешто друго, иконите се ликови на Христа, нашиот Спасител, на Мајката Божја, на ангелите, на апостолите, на светителите, и тие ликови, браќа и сестри, не се богови и ние, никаде, не им се поклонуваме како на богови и не на материјата, туку на прволикот, на оној вистинскиот кој практично заслужува чест и поклонување, а тоа е Господ наШ Исус Христос. Ете, заради тоа Црквата конечно, потврдила дека иконите не се богови и ние не им се поклонуваме на иконите, туку вистинската чест ја одаваме на прволикот односно на оргиналот . Ние кога се молиме во црквата и кога ги бакнуваме иконите, не бакнуваме и не им се поклонуваме ним директно, туку мисловно се пренесуваме кон Господа Исуса Христа, кон Светата Троица, кон ангелите, кон апостолите, кон светителите итн.
Затоа немојте да згрешите дека сме ние многубожци, ние веруваме во Еден Бог, Кој се пројавил во Троица, Отец, Син и Свет Дух. Ете, токму од ова погрешно учење идолопоклонството, не само што голем број од верните биле заведени, туку биле заведени цареви и владици; и ете, кога малолетниот цар Михаил трети требало да го наследи царството, неговиот регент Мануел, сакал да ги уништи и да ги изгори сите икони од црквата во Цариград. Но, кога наредил тоа да се случи, му ги донеле пред него иконите и за Божја среќа се нашол и ликот на неговата мајка, портретот, сликата на неговата мајка, тој ја грабнал сликата на неговата мајка си ни почнал да ја целива. Така целивајќи ја веднаш се сетил и си рекол: „Како јас, ја целивам сликата на мојата мајка и ја почитувам, а зошто не ги почитувам иконите кои се слики на Бога, на Христа, нашиот Спасител, на Мајката Божја, слики на Светите Апостоли, на ангелите и на сите светители. Тогаш тој просветлен од Бога наредил да се востанови почитување на иконите наместо уништување. Тоа се случило во 832 год., првата недела од Велигденскиот пост која е прогласена за Недела на Православието, кога православната Црква ги победила сите свои внатрешни и надворешни непријатели.
Ете, браќа и сестри, денес, ние кога го прославуваме овој голем и спасоносен празник да си спомнеме дека Црквата наШа се изборила, за чистотата на нашата Света Православна Вера. Уште од најрано време, уште кога во почетокот во време на апостолите, се појавило различно мислење за тоа: Дали оние од многубоштвото треба да го почитуваат Мојсеевиот закон и да се обрезуваат, па потоа да се крштеваат и да постануваат христијани, или можат без тоа веднаш по крштевањето да станат христијани. На првиот Апостолски собор во 51 год. на кој присуствувале светите апостоли, а преседавал св. ап. Јаков како епископ на Ерусалимската црква се констатирало дека не треба, оние кои доаѓаат во христијанството од многубожтвото да се обрезуваат, туку тие со крштението стануваат вистински христијани.
Денес, браќа и сестри, некој ќе се праша и ќе рече: Па добро, денеска ние немаме непријатели во Црквата света, Православна. Не е точно, браќа и сестри, и денес Црквата наша има и надворешни и внатрешни непријатели. Надворешните непријатели се пред се оние кои однадвор сакаат да ја видат Црквата, за жал тоа се оние кои се именуваат христијани, разни секти и тоа: Јеховини сведоци, Адвентисти, Евангелисти и Јас велам сите тие се исти, бидејЌи сите исто учат погрешно, против верата наша Света Православна, против Троичниот Бог, против Мајката Божја, против иконите, против Крстот, против осветената вода итн. што значи, тоа се тие непријатели на Црквата под маската на христијани. Секој што погрешно учи за верата тој не е пријател на Црквата Православна, тој е еретик. Затоа, браќа и сестри, нашата света православна Црква нив ги укорува Господ Исус Христос рекол: „Ако некој една црта или јота поинаку ја протолкува и ги научи луѓето, поинаку од она што е запишано во Светото Писмо и Што ни е предадено во Светото Предание, тој најмал ќе се нарече во Царството Небесно”. Затоа сите што погрешно учат за верата, макар и малку, нема да го наследат Царството Небесно. Некои денес, мислат дека ако се многу учени тие се многу паметни, не браќа и сестри, ученоста сама по себе не носи и разум. Многу можат, да бидат учени луѓе но не се разумни, ако не живеат според нашата Света Православна Вера и Црква. Зашто оној кој е вистински Богослов тој треба да има Христов ум, а Христов ум има оној кој живее според Светото Писмо и според Светото Предание.
Денешните наши учени луѓе интелектуалците, повеЌе сакаат да читаат разна друга литература спротивна на верската, на духовната и тие, ете доброволно отпаѓаат од Бога. Не може да се рече дека Јуда бил неучен човек, Јуда бил меѓу најписмените апостоли, ама станал слуга на ѓаволот. Ние знаеме дека имало многу цареви учени и способни, ама тие не биле христијани. Нерон ги гонел христијаните, Дециј Трајан ги гонел христијаните, и сите тие цареви од првите векови на христијанството, па и подоцна, многумина и од оние против Француската револуција се кренале против верата наша Света Православна, против христијанството.
Затоа, браќа и сестри, имало и други учени луѓе кои ја почитувале верата, да си спомнеме за еден философ кој велел: Површното знаење не е паметно нешто, туку оној кој длабоко ќе навлезе во науката тој доаѓа до едно сознание дека постои Бог, и треба да се почитува верата. Њутн еден голем научник кој го слави и ден денеска седмиот свет кога Ќе се спомнело името на Бога, ја симнувал капата, се прекрстувал и се молел на Бога. Други учени луѓе како Ајнштајн и безброј други паметни и учени философи верувале во Бога. што значи, не дека сите учени неверувале, туку имало многу учени и паметни луѓе, но има и меѓу учените кои неверуваат во Бога.
Затоа, браќа и сестри ние, денес треба да сфатиме и да разберема едно. Имено, дека ние не можеме да го наследиме Царството небесно, ако не веруваме во Бога и ако не живееме според Светото Писмо и Светото Предание. Затоа во нас во овој спасоносен ден, првата недела од православието наречена Недела на Православието, ние да се потрудиме и да се помолиме на Троичниот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја да ни даде нам сила во верата и да ни ги просвети нашите умови, да можеме и ние, да го докажеме учењето на нашата света Црква не со збор туку со живот и дело. што значи, зборовите можат да поттикнат, но тие не победуваат. Затоа е потребно покрај тоа што ние со зборови Ќе го сведочиме Бога, да го сведочиме со живот и со дела.
Затоа, браќа и сестри денес, сме собрани во овој свет храм да се помолиме на Троичниот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух, овој спасоносен празник на нашата Света Православна Црква да биде општо почитуван во целото Православие.
Вие денес, кои дојдовте тука како сведоци на овој голем спасоносен празник, треба заеднички да се помолиме и да оддадеме почит и на светиот новомаченик македонски Агатангел Битоски, чии свети мошти се наоѓаат тука пред нас во овој негов саркофаг. Имено, тоа се дел од светите мошти што беа украдени овдека пред неколку години, а пред тоа беа дадени на манастирот Свети Јован Бигорски, а нам ни врати дел од тие свети мошти игуменот на тој манастир. Ете, сега како доказ ги имаме и тие свети мошти дека Господ, се прославува во своите светители. Затоа Господ, е дивен во своите светители така што моштите на светителите остануваат нераспадливи, телесни и оние што пристапуваат и пред нив, се поклонуваат, одаваат почит на прволикот, на вистинскиот светител. Тогаш тие, ако пристапуваат со вистинска вера секако дека преку молитвите и застапништвото на тие светители Господ, ќе им ги исполни молитвите на оние кои бараат од Бога спасение на своите души и тела и спасение за оние за кои тие се молат.
Нека ни е честит празникот на помош и за многу години. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар