На 15.03.2019 г., во првиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, отслужи Мало повечерие заедно со читање на првата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, како што ви е познато, нашата Света Православна Црква во петоците од Велигденскиот пост, прави богослужение кое се вика Акатист кон Пресвета Богородица. Акатистите се всушност Богослуженија во спомен на Пресвета Богородица и на нив не се седи. Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, е составен од дваесет и пет песни, кои се поделени во пет статии, а првата статија како што слушнавте ја испеавме вечерва на првиот Акатист, и така со ред сè до петиот Акатист, односно до петиот петок од Велигденскиот пост.
Да се потсетиме, како настанала оваа пофална песна кон Мајката Божја, Пресвета Богородица. Имено во седмиот век, односно во 627 година по раѓањето на Христа нашиот Боги и Спасител, Цариград, кој бил престолнина на Источната Православна Црква и на Византиската Империја, бил опколен од Персијците и Аварите, кои се заканиле дека градот ќе го уништат до темел. Иако царот барал примирје, сепак тоа не помогнало, па затоа народот заедно со патријархот Сергиј одлучиле да направат литија со реликвиите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, а тоа се појасот и омофорот, кои се чувале во црквата на Света Богородица наречена Влахерна. Така отпочнала таа литија со пеење песна кон Мајката Божја. Кога стигнале до морето тогаш патријархот ги натопил реликвиите на Мајката Божја во водата и наеднаш настанала силна бура на морето, така што непријателите т.е. Аварите и Персијанците во голема мера биле издавени во морето, а нивните бродовите биле уништени. Така нивната закана и на каганот Бајан дека ќе го уништат градот и дека тие не прифаќаат никакво примирје, освен царот и верните со патријархот да се откажат од нашата Света Правосавна Вера и од Христа нашиот Бог, но тоа не се случило. Така во спомен на ова големо чудо, бидејќи се покажала како заштитница на целиот град Цариград, Мајката Божја, Пресвета Богородица, од тогаш е востановен овој Акатис или Акатистот на Мајката Божја, во која и се оддава почит на Мајката Божја со апсолутно стоење за време на читањето и пеењето на Светиот Акатист.
Вие браќа и сестри, имавте можност да слушнете дел од овие песни што ги испеавме од првата статија на Акатистот на Мајката Божја, односно како ангел престојател бил испратен пред Богородица да и рече: „Радувај се“, со кое нешто се навестува големата радосна вест за целото човештво, за домостројот на човечкиот род или грижата за спасението на човечкиот род преку раѓањето во тело, во плод на нашиот Спасител Господа Исуса Христа, Второто Лице на Светата Троица, Синот Божји, Кој превечно се раѓа од Отецот, заради нас грешните и недостојните.
Токму со оваа пофална песна на Мајката Божја се навестува тој голем и радосен празник кој за скоро време ќе го празнуваме, а тоа е Благовец или Благовештение, со кое се навестува раѓањето во тело на Господа Исуса Христа нашиот Спасител. Нека ни е честит празникот, браќа и сестри, мир и благослов нека ви даде Господ вам и на вашите семејства и да истраеме во овие великопосни денови и да се потрудиме онака како што биле опседнати од непријателите луѓето кои живееле во Цариград, и царот, и верниците, и црквата Божја, а и ние денес сме опседнати од непријателот на родот човечки, од нечестивиот, па затоа ја повикуваме Мајката Божја да ни биде застапница пред престолот на Севишниот. Амин!