Мало осветување на храмот „Света Лидија“ во Битола

На 09.03.2019 г., кога го празнуваме споменот на Наоѓање на главата на Свети Јован Крстител и споменот на Преподобениот Еразмо Печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар во сослужение на протоереите Златко Костовски, Стеван Здравески, Душан Талевски, Димитар Михајловски и Зоран Димовски, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, изврши Мало осветување на храмот посветен на „Света Лидија“, во Битола. После Малото советување, беше отслужена Света Божествена Литургија.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, градот Филипи, е еден од древните македонски градови во Македонија, кој своето име го добил по неговиот основач, кралот Филип, таткото на Александар Македонски.

Македонија во тоа време била Римска колонија и како Римска колонија, во овој град и било дозволено да има организирано општество. Градот бил прекрасен и заштитен со ѕидови, а исто така имал и бањи, пазаришта, театар, односно сѐ она што имале, а и денеска го имаат познатите градови.

Во градот Филипи живееле Македонци, но имало и една мала заедница од евреи. Во времето кога Светиот апостол Павле ја проповедал Христовата наука, односно Светото Евангелие и Светото Писмо, кога бил во Мала Азија, денешна Турција, во градот Троада, имал видение. Еден Македонец му се јавил ноќе и му рекол: „Премини кај нас во Македонија, да ни помогнеш“ (сп. Дела 16, 9). Тогаш Светиот апостол Павле, кој обично ги организирал своите патувaња, почувствувал дека умилителниот глас на овој Македонец  е Божји повик, односно дека Господ го повикува да оди во Македонија.

Апостол Павле не размислувајќи, веднаш со своите придружници, Светите апостоли: Лука, Сила и Тимотеј, тргнал по морето и стигнал во Неапол, денешна Кавала и одтаму се упатиле во Филипи. Кога дошол во Филипи, сакал некако да дојде во допир со луѓето, па така, обиколувајќи ги сите значајни места во градот, излегол со придружниците и надвор од градот, каде имало една градина, која се именувала „Молитва“. Во ова градина се собирале оние благочестиви жени, кои не сакале да ги почитуваат и да веруваат во днанаесетте грчки или елински богови, кои ги презирале, затоа што тие според многубожечкото верување, биле оние, кои меѓу себе блудствувале. И така, овие жени во оваа градина именувана „молитва“, молејќи се, ја осветиле, зашто тие не се молеле на тие дванаесет грчки богови, туку му се молеле на непознатиот Бог, на Месијата, на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, но тие за Него добро не знаеле, односно никој сеуште им немал проповедано, за Него.

Кога Светиот апостол Павле со неговите придружници, дошол кај реката Зигакт, ја видел оваа градина и тука почнал да проповеда, бидејќи на тоа место се собирале жените, кои обично переле алишта на реката и се молеле во градината наречена „молитва“. Тие благочестиви жени со внимание го слушале гласот на првата проповед во Македонија и во Европа. Тоа е местото што Бог го избрал, за да проповеда апостолот на незнабошците, Светиот апостол Павле, кој своите евангелски стрели, најнапред ги вперил тука. Тука Светиот апостол Павле ја прострел светлината на Светото Евангелие и оттаму почнало да се шири Светото Евангелие, Светото Писмо и Светото Предание, во цела Европа.

Меѓу тие жени, била и една жена по име Лидија, која тука била дојдена од градот Тијатар и се занимавала со продавање на црвени ткаенини или багрени пурпурни и свила. Ете, токму неа ја просветлил Господ, односно благодатта Божја наеднаш ја осенила и таа поверувала силно во Господа наш Исуса Христа. На оваа прва проповед, Свеитот апостол Павле, со прекрасни, едноставни и прости зборови, им говорел на насобраните жени, за Христа нашиот Бог и Спасител, дека Христос е Синот Божји, Кој се вочовечил, односно слегол од небесата на земјата, примил наше човечко тело во сѐ еднакво на нашето, освен во гревот, живеел меѓу луѓето, проповедал и лекувал од секакви болести, доброволно заради нас пострадал, бил биен по плеќите, шамаран, плукан, на главата му ставиле трнов венец, неправедно го осудиле, му го дале Крстот да го носи на Голгота, на кој потоа бил распнат и погребан, и во третиот ден воскреснал од мртвите, а во четириесетиот ден се вонесол на небесата и таму нашата човечка природа, преку Своето Свето Тело ја прославил, седнивајќи оддесно на Бога Отецот.

Ете така им проповедал, Светиот апостол Павле, на жените во градот Филипи, за Месијата, за Спасителот наш Господа Исуса Христа.

И ете, после оваа Света проповед, Света Лидија била просветена до тој степен, што одеднаш одлучила сѐ што има да им го даде на Апостолите, на Светиот апостол Павле и неговите придружници. Целиот имот што го спечалила со своите раце, со продавањето на тие такенини, сакала да им го даде на Апостолите, но овие богобојазни мажи, кои биле богати со дух и вера во Спасителот наш Господа Исуса Христа, не копнееле по материјалните богатства и затоа ништо не сакале да примат. Но оваа благочестива жена Света Лидија, која била силно просветлена, им понудила гостопримство на овие луѓе, велејќи им: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!” (сп. Дела 16, 15), а Светиот апостол Павле вели: „Не принуди да бидеме нејзини гости“. Па така, Светиот апостол Павле, најнапред на реката што ја спомнавме, ја крстил Света Лидија и таа се облекла во Христа нашиот Бог и Спасител, а потоа ги примила во својот дом. Нејзиниот дом бил крстен и сите тие почнале да живеат вистински христијански живот, според нашата Света Православна Вера.

Оваа благочестива жена на која и е посветен овој Свет храм што денес со мало осветување го осветивме, е првата христијанка во Европа и во Македонија, а нејзиниот дом или нејзината куќа, браќа и сестри, била првата црква, во Филипи, во Македонија и Европа.

Света Лидија, која е првата христијанка во Европа и првата христијанка Македонка, како рамноапостолна, почнала да го проповеда Словото Божјо во Филипи и пошироко, па затоа се прославила и Господ ја примил во Царството Небесно и таму ја населил вечно да живее.

Браќа и сестри, денес го славиме и празникот кој е посветен на наоѓањето или обретението на главата на Свети Јован Крстител. Не случајно, по Божја промисла апостолите Павле и неговите придружници во саботен ден го проповедале Евангелието, таму каде што била крстена Света Лидија. Еве и ние токму денска го направивме малото осветување на овој Свет храм, што подразбира внесување во него и полагање на Светиот Престол на Свет Антиминс.

Светиот Антиминс е всушност подвижната Црква, бидејќи кога се осветуваат Антиминсите, се читаат и пеат, молитви и песнопенија, кои се еднакви на оние кога се осветува храм. Па затоа, кога свештеникот или епископот, имаат потреба да отслужат Света Литургија на друго место, но немат определен храм за тоа, тогаш со себе ја носат оваа подвижна Црква, односно Светиот Антиминс, на кого на платно е изобразен Спасителот наш Господ Исус Христос, како е положен во горбот или плаштаница.

Во горниот дел на Светиот Антиминс се вшиени Свети Мошти, односно честички од светители, па така, врз оваа малата или подвижната црква, може да се служи Света Божествена Литургија и на отворено.

Ние денес, не случајно слушнавме од Светото Евангелие и за Светиот Јован, Претеча и Крстител, за кој Спасителот Господ Исус Христос вели дека тој не е обичен човек и прашува: „Што сте излегле да видите? Пророк ли? Да, ви велам, повеќе од пророк“ (сп. Мат. 119). „Што сте излегле да видите?“, прашува Спасителот Господ Исус Христос и кажува дека Свети Јован Крстител е ангел, кој пред него е од Бога испратен, за да ги подготви патиштата за Неговото доаѓање, односно за доаѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Исто така, Спасителот Господ Исус Христос вели дека нема поголем роден од жена од Јована Крстител, но исто така вели дека и најмалиот во Царството Небесно е поголем од Јована, со цел за да укаже, каква е радоста на оние што се наоѓаат во Царството небесно, во споредба на радоста што ние ја доживуваме тука на земјата, кога се молиме или кога сме на заедничка молитва на Божествените Литургии и.т.н.

Па така во тој дух, еве од денеска па понатаму, браќа и сестри, во овој Свет храм ќе се служат Божествени Литургии, се додека не се создадат уште поповолни услови за негово Големо осветување.

Сакаме да укажеме на тоа, дека еве и сами можете да видите дека сме пред крај со внатрешното уредување на храмот, за кој посебно е заслужен фрескоживописецот на овој храм, господинот Дејан, кој е тука присутен (со сопругата) и кој со голема грижа ги наслика овие прекрасни ликови. Прекрасните фрески се негово дело и негова грижа, а на радост и спасение на сите вас, кои дојдовте денеска на ова мало советување.

Овој храм, кој всушност е изграден по Божја промисла, е првиот храм овде на овие простори, како дел од големиот храм „Собор на Сите Македонски Светители“, кој е во изградба и кој е  одраз на светителите што живееле, проповедале, а некои и пострадале, во нашата славна Библиска земја Македонија. Амин! Нека е честито и од Бога благословено малото осветување на овој Свет храм. За многу години.

 

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар