Светото Писмо е литургиска книга, и токму затоа еден од критериумите за безбедно толкување и правилно разбирање на Светото Писмо, е читањето и толкувањето за време на литургиската пракса на Црквата. Самата Литургија ги толкува настаните на Божјото Откривање во созданието и историјата, преку читањата од Светото Писмо, химнологијата и проповедта. Не е случајно што Свети Апостол Павле ги испраќа Посланијата за да истите се прочитаат на собир и соборно, според едната и иста вера и предание на очевидците на Божјото Откривање во различни епохи: Патријарсите, Пророците и Апостолите. Божествената Литургија го пренесува Светото Писмо во својата свештена пракса, во нејзините Свети Тајни: во Литургијата на Свети Јован Златоуст има околу двесте и педесет библиски места. Во Древнохристијанската црква на секој празничен настан се читаше соодветен текст од Светото Писмо. Евангелијата Според Светите Апостоли Матеј и Јован се напишаа првобитно како читања на собор на Црковната заедница. Затоа, Светото Писмо е неразделно од животот на: а) Црквата, б) Светите луѓе и в) Божествената Литургија. Кога се вади Св. Писмо од нејзината природна средина, а тоа е Црквата на која и припаѓа и во која ја добива својата смисла, постои голема можност да се истолкува неточно, и со самото тоа толкувањето да прерасне и да се зароби во некаков етички коментар. Со други зборови, толкувањето и читањето на Светото Писмо без литургискиот живот и надвор од литургиската пракса на Црквата од која произлезе како спомен и забележување на историските Богојавувачки настани, претставува опасност зборот Божји да се претвори во збор човечки. Се разбира дека и во литургиската рамка постои опасност да не се разбере правилно Светото Писмо, кога Свештеникот проповеда произволно, меѓутоа, таа опасност е помала, зашто верните се заштитени од ЛИТУРГИСКИОТ НАСТАН и од ЕДИНСТВОТО на заедницата.
Автор на текстот: м-р. Борче Грамбозов, професор на Богословскиот факултет во Скопје и докторант на Аристотеловиот универзитет во Солун.