На 31.08.2019 г., кога го празнуваме споменот на Преподобен Јован Рилски, Светите маченици Флор и Лавр и споменот на Светиот свештеномаченик Емилијан епископ Тревиски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Георгиевски и ѓаконот Константин Сековски, изврши Големо осветување на храмот „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“, во село Сетње.
После Големото советување, беше отслужена Света Божествена Литургија.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, денес имаме посебен благословен ден од Бога, со чинот што го извршивме, осветувањето на овој храм, кој е посветен на Воведувањето во храмот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, а по осветувањето служиме и прва Божествена Литургија.
„Се зарадував кога ми рекоа да одиме во домот Господов“ (сп. Псал. 122, 1).
Вака напишал псалмопевецот, браќа и сестри, во еден псалм, па затоа и ние треба секогаш да се радуваме кога ќе ни речат да одиме во домот Господов.
Храмовите Божји, како што слушнавме од молитвите кои ги читавме на осветувањето, ги градат луѓето, и тие храмови се ракотворени, т.е. се градени од камен и од други материјали, но постојат и други храмови, кои се нарекуваат цркви, кои името го добиле по живата Црква. Живата Црква, пак, се верните чеда во една Епархија, собрани заедно со свештениците и монасите околу својот Владика – Епископот. Заради живата Црква и храмовите го добиле името Цркви. Ние денеска се собравме на оваа прва Света Божествена Литургија, по осветувањето на храмот, за да Му заблагодариме на Бога.
Имено, од молитвите слушнавме дека кога се осветува Црква, на престолот на кој ние служиме, се полагаат Свети Мошти, односно честички или делови од тела (коски) на светители и маченици, кои со своите животи Му угодиле на Бога, како што вели Светиот апостол Павле „секој ден го распнувале телото свое со страстите“. Тоа значи дека сите оние што биле подвижници, што биле аскети, што биле Христови следбеници и живееле според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, сите тие, се маченици за Христа нашиот Бог и Спасител.
Денес од Светото Божественото Евангелие, слушнавме, во врска со тоа, како Господ го создал човекот т.е. дека ги создал маж и жена, па така е и кажано дека „мажот ќе се прилепи кон својата жена и двајцата ќе бидат едно тело, а она Бог што го соединил човекот да не го разврзува“ (1. Мој. 2, 24). Во таа смисла се говори и за тоа дека мажот и жената, кога ќе се венчаат во храмот Божји и добијат деца, тие според зборовите на Светиот апостол Павле, се мала, жива, домашна семејна црква. Тие во својот дом треба да имаат свој мал иконостас каде што ќе се собираат секоја вечер и секое утро на заедничка молитва, каде што ќе ги читаат вечерните и утринските молитви, а исто така и по една, две или триглави од Светото Писмо на Новиот Завет и по некој псалм, за да покажат дека се вистинска мала, домашна, семејна жива Црква. Таа мала домашна семејна жива црква, понатаму ја прави поголемата живата парохија, која ја сочинуваат верниците, собрани заедно со својот свештеник во храмот Божји, а сите парохии и манастири во Епархијата ја сочинуваат големата Црква.
Црквата, браќа и сестри, е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Од молитвите на осветувањето слушнавме дека ние принесуваме светотаински жртви, т.е. не принесуваме крвни жртви, како што се принесувале во Стариот Завет, кои всушност биле праслика на Жртвата над сите жртви, на жртвата на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој со Својата пролеана Света Крв, на Крстот, нè избави и нè откупил нас од гревот и смртта и повторно нè врати во единство со Бога. Адам згреши и умре, вели Свети апостол Павле, а преку Адама и ние грешиме и умираме. Човекот најнапред умира духовно т.е. кога ќе се одвои од Бога; кога нема да живее според Божјите Заповеди, според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светата Црква; кога нема да доаѓа во храмот на Светите Литургии и на другите богослужби; кога нема да се исповеда и кае за своите гревови; кога нема да се направи за него Голем маслосвет, како што рекол Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (сп. Јак 5, 14-15).
Браќа и сестри, се вели дека Тајната над сите тајни, е Светата Тајна Евхаристија – приносот, а тоа е всушност Лебот што Господ нам ни го дал и Виното, кое на Божествената Литургија, на Канонот на Евхаристијата, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и на нас свештенослужителите, се претвораат во духовно Тело и Крв, на Христа нашиот Бог и Спасител, и оние што Го јадат Телото и Крвта Христови, стануваат Христови исповедници и Негови последователи, а ако се подготвуваат за Божествената Литургија и ако се покајат за своите гревови, правеќи добри дела спротивни на гревовите и ако ги очистат своите срца од грешните чувства, желби, похоти, страсти и го просветлат својот ум, не дозволувајќи во него да влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии, тогаш тие како што вели Светиот апостол Павле не живеат, туку Христос живее во нив. Па така и ние поучени од Божественото Евангелие; поучени од молитвите на осветувањето на храмот „Воведение на Пресвета Богородица“; поучени од Светото Евангелие, односно од трите Свети Евангелија што се прочита при осветувањето на храмот и ова на Божествената Литургија, ако сето тоа што го слушнавме во живот го преточиме, тогаш сигурно сме на правиот пат да станеме челнови на Црквата Христова.
Да Му благодариме на Бога за денешниот ден и за осветувањето на овој Божји храм, кој е дело на госпоѓата Дијана Секуловска, со синот, роднините и пријателите, што помогнале при градењето на овој храм.
Ова е големо и спасоносно дело. Оние што се потрудиле да подигнат храм или дале прилог во градењето на храмот, браќа и сестри, секако дека нема да бидат избришани од списокот на живите во книгата животот, кој ја пишува самиот Бог и Спасител.
Оние што прават такви добри дела, не од гордост, туку од смирение, кроткост и од желба да Му дадат на Бога од она што Господ нам ни дал и.т.н., тие секако дека ќе бидат запишани во книгата на животот. Во тој дух треба да им заблагодариме на сите оние кои што помогнале да се изгради овој храм, бидејќи ние се вградуваме во живиот храм, како живи камења, како што вели Светиот апостол Петар. И во тој дух и ние да се потрудиме да станеме живи камења на храмот Божји, на Црквата Христова, па така да бидеме запишани во книгата на животот.
Исто така, да кажеме и збор два за оној кој што се потруди да го живописа овој храм, кој има златна рака и секако дека преку таквите дела ние ги препознаваме нашите заслужни луѓе на нашата Света Црква.
Нека е честито и од Бога благословено осветувањето на овој храм, а исто така, нека е честита првата Божествена Литургија, а на сите вас кои денеска дојдовте да бидеме во заедница на оваа Божествена Литургија, Господ да ви ги исполни сите ваши желби, кои се за спасение на вашите души. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар