На 22.12.2019 г., во Десет и седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме зачнувањето на Света Ана, споменот на Света Ана, мајката на Пророкот Самуил, преподобен Стефан Новосјаен и споменот на Свети Софрониј, архиепископ Кипарски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Дејан Секулоски, ереите Крсте Тасески и Димитар Илиевски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Крушево.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Лицемеру, зар не го одврзувате вашето магаре и вашиот вол во саботен ден, и не го водите да го напоите вода? Не требаше ли оваа жена, која сатаната осумнаесет години ја беше врзал, да биде разврзана или ослободена од нејзината болест во саботен ден“ (сп. Лука 13, 15-16).
Вака, браќа и сестри, нашиот Спасител Господ Исус Христос се обратил кон старешината на синагогата, а синагогите биле старозаветните храмови, каде што проповедале првосвештениците и свештениците јудејски (израилски).
Таму во еден саботен ден, кога Господ проповедал во синагогата, видел една жена, која ја повикал и ја ставил на средината од храмот. Телото на оваа жена, од главата до нозете, било згрчено, и истата никако не можела да се исправи. Оваа жена, сатаната ја беше врзал осумнаесет години, не заради нејзините гревови, туку за да се покаже славата Божја. Па ете, кога никој не очекувал дека ќе се случи ова чудо, Господ ја излекувал. Нејзе Господ не и рекол: „Ти се простуваат гревовите“, како што обично им велел на оние што ги лекувал, „ти се простуваат гревовите“ (види Мат. 9, 2), а тие пред тоа требало да ја покажат својата вера, бидејќи во најголем случај болеста доаѓала поради нашите гревови или гревовите на нашите претци: родителите, татковците, дедовците, мајките, бабите и.т.н.
Па ете, токму тоа го направил Господ во саботен ден, бидејќи Он сака да направи споредба, дека деновите што ги создал Господ, не се денови на кои ние треба да им служиме, туку тоа се денови кои нам ни се дадени во служба. Не сме ние создадени за деновите, туку деновите се создадени за нас. Во Светото Писмо се вели, дека Господ за шест дена го создал видливиот и невидливиот свет. Потоа се вели дека во шестиот ден починал од своето создавање, односно го завршил својот создавачки циклус на духовните и телесните (материјалните) созданија, и понатаму продолжува Неговата грижа и промисла за созданијата што ги создал, односно грижа за истите да не пропаднат. Па така, саботата, браќа и сестри, била создадена за нас, а не ние за неа, односно за старозаветниот Израил, а тоа е еврејскиот народ, кој бил избран од Бога и ја сочувал верата во единиот Бог (Јахве).
Но ете, кога дошло времето во светот да дојде самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, токму тогаш еврејскиот народ не го препознал Месијата, односно Оној, Кој заради нас и нашето спасение дошол во светот. Еврејскиот народ очекувал земен и политички цар, а не небесен духовен цар, па така, кога дошол Спасителот Христос на земјата, евреите се откажале од Него, и само мал број од евреите станале Негови приврзаници, последователи.
Но Господ проповедајќи, укажувал на сите слабости на луѓето, па еве, во оваа прилика точно тоа и го направил, кога ја излекувал оваа жена која осумнаесет години била згрчена, односно врзана од сатаната. Кога Господ ја излегувал згрчената жена, кон Него пристапил старешината на синагогата и му рекол: „Зар немате шест дена во седмицата да правите секакви дела“ (сп. Лука 13, 14), укажувајќи му на Христа, дека треба да лекува во другите денови, а не во саботен ден. Спасителот знаејќи го неговото лукавство му рекол, дека е тој лицемер, и дека лицемерите лажно ја сведочат верата, односно формално ја исповедаат. Токму затоа му вели: „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас, волот или магарето, и ги води во саботен ден да ги напои? А оваа сирота жена, која ја беше врзал сатаната осумнаесет години, не требаше ли да биде одврзана, односно ослободена од нејзината болест во саботен ден?“ (сп. Лука 13, 15-16).
Ете, браќа и сестри, ова не упатува нас да размислиме за тоа дека саботниот ден, бил ден за одмор во Стариот Завет.
Ние имаме два завета. Стариот завет е времето од создавањето на светот до раѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос. Спасителот Христос не дошол да го уништи законот, туку да го исполни. Сите работи што биле искажани во Стариот Завет, во Законот Мојсеев, Спасителот ги исполнил. Со тоа кажал дека старото треба да се замени со новото. Стариот Завет треба да биде заменет со Нов Завет. Во Стариот Завет се вели дека треба да ги почитуваме старозаветните заповед, како онаа „око за око, заб за заб“ (2. Мој. 21, 24), односно да се одмазди човек за направениот престап кон него.
Во Новиот Завет, пак, се говори поинаку. Господ вели: „немојте да се одмаздувате, зашто одмаздата е Божја“ (сп. Рим, 12, 19). Господ е оној што треба да ја изврши одмаздата, а не човек. Во Стариот Завет се вели „не убивај“ (2. Мој. 20, 13), а во Новиот Завет се вели не гневи се (сп. Ефес. 4, 26)! Човекот кога ќе се разгневи и разлути, тогаш тој како лут (гневен) почнува да напаѓа, тепа и убива. Новозаветните заповеди во самиот корен ги уништуваат гревовите, а не како во Стариот Завет, да се забрани само извршувањето на делото. Во Новиот Завет се забранува и секој поттик кон извршување на грешни дела и грешни постапки.
Спасителот наш Господ Исус Христос на христијаните им вели: немојте да ги осудувате (луѓето), или да ве осудуваат, ниту за јадење, ниту за пиење, ниту за празници, ниту за работа во саботен ден и.т.н. Со тоа Господ сака да укаже, дека старозаветното време заврши и дека доаѓа новозаветното време.
Што значи новозаветното време? Тоа значи, дека Стариот Завет, односно старозаветниот човек Адам, е човек во гревови, а Новиот Завет – е новиот Адам, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој дојде во светот да ги ослободи сите луѓе од гревот и смртта и повторно да ги врати во заедница со Бога.
Кога Спасителот наш Господ Исус Христос проповедал, им укажувал на Евреите, а и на сите нас, дека ноќта заврши, и дека доаѓа нов ден, односно Новиот Завет. Ние во Новиот Завет треба да се преобразиме и преродиме. Токму затоа, Спасителот Христос му вели на Никодима: „Ако човек не се роди повторно, не може да влезе во Царството Небесно“ (сп. Јован 3, 3). Никодим размислувајќи старозаветно го запрашал: „Како е можно човек повторно да влезе во утробата на својата мајка и повторно да се роди“ (сп. Јован 3, 4). А Господ поучувајќи го му вели, дека не станува збор за телесно раѓање, туку дека станува збор за раѓање преку Светата Тајна Крштение, бидејќи кога ние се крштеваме т.е. кога влегуваме во водата, тогаш стариот човек умира со гревовите, а кога излегува од водата, тој тогаш се раѓа за нов живот, ослободен од првородниот и од гревовите на своите предци, а ако направил и свои гревови, се ослободува и од своите“.
Па така, треба да се знае дека од времето на Спасителот наш Господ Исус Христос, престанува важноста на саботата, а на нејзино место доаѓа празникот над сите празници – неделата. Затоа сите оние што веруваат и учат, како што верува и учи сектата на Саботјаните, сите тие се на погрешен пат, бидејќи нашиот Спасител Христос Воскреснал во недела. Нема порадосен празник од неделата, кога ние го славиме Воскресението Христово. Има ли поголема радост од таа кога човек повторно ќе оживее! Ете, преку Христовото Воскресение, ние повторно оживуваме и стануваме членови на нашата Света Православна Црква и наследници на Царството Небесно.
Ете, во овие зборови е искажано сè што се однесува на саботата, и на замената на саботата со неделата.
Светиот апостол Павле, им вели на Коринтајните, дека кога тие се собираат во неделите на заедничка Света богослужна, тие тогаш треба да прават добри дела, односно да собираат прилози, за оние кои имаат потреба од нив (за сираците, вдовиците, болните, сиромасите и.т.н). Па така, ќе им рече на Коринтјаните, немојте да дознаат Македонците, дека ние сеуште не успеавме да собереме прилози за Црквата во Ерусалим, која страдала во тоа време, а тие (Македонците) тоа го направија први. Па така, браќа и сестри, ние во неделите треба да правиме добри дела.
Оттаму, најбитно од сè е во секоја недела и на секој Божји празник, да се собираме во храмот на заедничка молитва, бидејќи молитвата на заедницата е најсилната молитва. Молитвата на Литургијата ги исполнува сите наши барања, кои се за спасение на нашите души и тела.
Браќа и сестри, еве овој старешина на синагогата, покажал дека е човек завидлив. Тој му позавидел на Господа Исуса Христа, бидејќи Спасителот ја излекувал згрчената жена. Зависта е еден од најголените гревови, бидејќи таа е ќерка на мајката на сите гревови, а тоа е гордоста. Гордоста – е кога ние ќе се поставиме над сите луѓе, и ќе сметаме дека никој од нас не е подобар, почесен, подостоен, попаметен, поумен и поспособен. Затоа, треба да се ослободиме од гордоста и суетата, а исто така, и од зависта, бидејќи луѓето што завидуваат, тие се несреќни луѓе, кои не спијат, ни дење, ни ноќе. Тие се среќни само тогаш, кога ќе го видат својот брат, сестра или ближен, во некоја незгода. Тогаш тие се ситат и се радуваат на несреќата на другиот, бидејќи се обземени од ѓаволот.
Светиот апостол Павле вели: „Ништо друго да не им должите на браќата и сестрите, освен љубов“, што значи, само кога покажуваме љубов кон браќата и сестрите, тогаш сме на правиот пат. Кога ќе видиме дека некој нешто постигнал, ние тогаш треба да се радуваме, зашто радоста на нашиот брат, треба да биде и наша радост, а не обратно. Затоа нашите постари велеа: „Немојте никогаш да се ситите на оној што страда или е во незгода, бидејќи утре истото може и вам да ви се случи!“
Затоа, браќа и сестри, и ние да се откажеме од оваа голема и зла работа, односно од зависта, бидејќи завидливите луѓе сакаат да клеветат, да омаловажуваат, да озборуваат, да ги ставаат луѓето во незгодна положба и да им се ситат. Затоа, имајќи ги во предвид сите овие нешта што денес ги слушнавме од Светото Божествено Евангелие, односно од Спасителот наш Господ Исус Христос како ја излекувал жената која била згрчена осумнаесет години, и како го прекорил старешината, кој се однесувал завидливо кон Него, за и ние да извлечеме поука, дека не треба да им завидуваме на браќата и сестрите, бидејќи зависта води кон омраза, несреќи, клевети, војни и кон сè што е штетно за човечкиот род.
Сега кога ќе пристапувате да ја примите Светата Тајна Евхаристија (Причесната), Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, никој од оние што воопшто во животот не се исповедале да не пристапуваат, туку прво да се исповедаат, а потоа да се причестат. Ако се причестуваме неисповедани, тогаш ние се причестуваме во гревови, а тоа нам нема да ни биде за прошка на нашите гревови и за спасение на душите, туку за суд и осуда, како што тоа го направил Јуда.
Затоа, браќа и сестри, ако не сте имале можност директно да се опростите со оние кои ви згрешиле или вие сте им згрешиле, тогаш барем од длабочината на срцето и душата, простете им пред Бога сè он што ви направиле, но и вие побарајте прошка за она што сте го направиле на вашите ближни, односно на луѓето.
Па така, секој што пристапува исповедан и измирен со оние на кои им згрешили или нему му згрешиле, да пристапи како што вели Светиот апостол Павле, како оној кој е најгрешен од сите грешници, и само тогаш и така, Телото и Крвта Христови (Причесната) можат да ни бидат за прошка на гревовите и за вечен живот. Амин!
Ќе се причестова на две места, и затоа, браќа и сестри, ве замолувам да има ред додека се причестувате, на ова прво причестување од започнувањето на Божикниот пост, но да не заборавиме дека после причесната никој не треба да излегува од храмот, сè додека не заврши Божествената Литургија, која по причестувањето трае само уште пет минути. Свети Јован Златоуст вели: „Да не го следиме Јуда“, бидејќи Јуда, откако се причестил, веднаш заминал, предавајќи го Христа и се обесил. Затоа, ние да не го следиме Јуда и да не го предаваме Христа, односно да не излегуваме од храмот додека не заврши Божествената Литургија. Ако сме трпеливи два часа и повеќе, тогаш да бидеме трпеливи уште пет минути, за потоа смирено да излеземе од храмот, носејќи го во себе и во своите домови Божјиот Благослов. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар