На 05.04.2019 г., во четвртиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот „Пресвета Богородица“ во Битола, отслужи Мало повечерие заедно со читање на четвртата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес браќа и сестри, оваа вечер ја отслуживме Четвртата статија од Акатистот кон Мајката Божја. Во песните кои ги упативме кон Пресвета Богородица, слушнавме дека ние имаме многу непријатели, и од таа причина е востановен овој Акатист во Цариград, во центарот на православието, во времето на тогашната силна империјата на Ромеите. Овој славен град бил опколен од Аварите и Персиците, со намера да го уништат. Овие непријатели на православието ништо не можело да ги спречи, освен молитвеното застапништво на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Со таа цел патријархот, свештенството, монаштвото и верниот народ, застанале на молитва за да испросат помош од Мајката Божја, Пресвета Богородица. И така, по застапништвото на Мајката Божја, градот бил спасен.
Во иста или слична состојба се наоѓаат и нашите души, од опсадата и навалата на нечестивите духови, од навалата на внатрешните и надворешни непријатели, кои не напаѓаат нас, во овој Велигденски пост. Сите ние браќа и сестри, во нас имаме еден внатрешен непријател, кој е нашето тело. Човечкото тело преку првородниот грев, е толку многу навлезено во гревот, така што, и она мало добро кое е останато во нас, е дел од помрачениот ум, дел од нашето срце, кое всушност е повеќе скаменето, отколку благородно. И токму заради тоа, ние сме должни, да ја повикуваме Мајката Божја, Пресвета Богородица, да ни помогне во борбата со нашите внатрешни непријатели. А тие непријатели се: страстите, похотите, грешните желби, грешните мисли, помисли и фантазии, кои го напаѓаат нашиот ум и нашето срце. Ние од нив не можеме лесно да се ослободиме, без помошта на Мајката Божја, бидејќи и самиот Господ Исус Христос рекол: „без Мене не можете да направите ништо (добро)“ (Јован 15, 5). Никакво добро не можеме да направиме браќа и сестри, без застапништвото и помошта на Мајката Божја, бидејќи само преку неа можеме да испросиме спасение за нашите души.
Во овие пости, а и секогаш, ние треба да се пазиме од големите смртни гревови, кои ја умртвуваат нашата душа, а во тие гревови спаѓа гордоста. Гордоста е мајка на сите гревови, и поради неа од Бога отпаднал првиот и најблизок ангел до Бога, Сатанаил, кој станал „Сатана“, противник Божји и човекоубиец од почетокот, од искони. Исто така ние треба да се пазиме и од другите смртни гревови, како што е мрзеливоста. Луѓето кои се мрзеливи, се многу опасни луѓе, а тоа е кажано и во некои народни поговорки дека „мрзеливите луѓе се ортаци на ѓаволот“. Човек кој е мрзелив, ништо не работи, но го остава својот ум да му биде слуга на ѓаволот, а ѓаволот тогаш започнува да го уништува, да му го замајува умот, и тогаш тој станува средство на ѓаволот. Понатаму, браќа и сестри, меѓу другите смртни гревови е и среброљубието. Секој човек кој се оддава на богатствата и парите, како и самиот Јуда, кој за пари и сребро го продал Христа нашиот Бог и Спасител, е чедо на ѓаволот. Меѓу смртните гревови, против кои треба да се бориме, браќа и сестри, се: злобата, зависта, омразата, одмаздата, желбата на луѓето да се расправаат и караат. Исто така меѓу тие гревови е и унинието, односно немањето желба за живот. Тој грев се појавува кога човекот поради гордост, поради неисполнети желби кои ги има, не сака повеќе да живее, се разбира под влијание на ѓаволот. Тогаш таквиот човек доаѓа до предградието на најголемиот грев очајанието.
Очајанието е грев во кој човекот својата душа му ја предава на ѓаволот, односно дозволува ѓаволот да влезе во него. А кога ѓаволот ќе влезе во човекот, тогаш човекот не е господар на себеси, ниту на својот ум, ниту на својата совест, ниту на своето срце, на чувствата и.т.н. И на тој начин станува орудие на ѓаволот.
Исто така, браќа и сестри, втор непријател на човекот е светот. Се запрашуваме што е светот? Светот е она што нас не опкружува, односно луѓето од општеството кои се насочени кон нецрковен живот, спротивен на Светото Писмо, Светото Евангелие и Светото Предание. На тој начин ние паѓаме под влијание на светот, и се оддаваме на разни пороци, заборавајќи да ги контролираме нашите мисли и помисли, нашите желби, нашите чувства, похоти и страсти. Светот ни ги нуди сите овие задоволства, кои се материјални, времени и преодни, и затоа кога ние се оддаваме на сите влијанија на светот, како што се задоволствата што ги гледаме, или измамите кои ни се случуваат преку телевизијата, преку радиото, и преку другите забави, ние духовно умираме. Затоа нашата должност е да се ослободиме од сите тие нешта, кои светот нам ни ги нуди и натрупува.
Покрај она што нам светот ни го нуди, на различни начини, како трет наш најголем непријател доаѓа сатаната или ѓаволот со неговите ангели, односно демоните.
Треба да знаеме дека ѓаволот секогаш си поигрува со човекот, и ако ние мислиме дека некој од нас се ослободил од неговото влијание, тој се измамил, бидејќи сатаната не искушува преку сите земни и материјални богатства, телесни уживања, слабости и страсти. Ако сатаната го искушувал и самиот наш Спасител Господ Исус Христос, како човек, тогаш уште помалку можеме да се надеваме и да мислиме дака нас нема да не искушува. Во искушувањето ѓаволот ги употребува сите средства, нудејќи ни различни земни и материјални нешта, а не искушува и во миговите кога ние се занимаваме со божествените работи, како што се вели во една наша поговорка дека: „кога читаме Свето Писмо и ѓаволот чита со нас“. Тој тогаш не учи погрешно да го разбереме тоа што го читаме. Исто така ѓаволот нè не остава на мир и кога се молиме на Бога. Штом ќе почне молитвата, тој ни го расејува умот, за да се најдеме некаде на друго место, и да не бидеме насочени кон молитвата.
Затоа, браќа и сестри, да не дозволиме нашата вера и надеж да биде поткопана и скршена од ѓаволот, за ние да немаме надеж во нашето спасение, ниту пак да дозволиме нашата љубов кон Бога и кон ближните да згасне, бидејќи тоа е целта и работата на ѓаволот. Токму затоа во ваквите тешки моменти од на нашиот живот, кога сме исправени пред големи и опасни искушенија, од нашето телото, од светот кој делува врз нас, и од ѓаволот кој постојано си поигрува со нас, должни сме да се обраќаме кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, со зборовите: „Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна!“ Амин!