На 07.04.2019 г., на празникот Благовештението на Пресвета Богородица, кој оваа година го празнуваме во Четвртата недела од Великиот пост (Недела на Свети Јован Лествичник), Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослушение на протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Благоја Станкоски, протоереите Илчо Смилески, Роберт Илиески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар во чин чтец благоволи да го ракопроизведе Методија Петрески.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Денес е почетокот на нашето спасение, и откривање на вековната тајна: Синот Божји син на Дева станува, а Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние заедно со него да ѝ запееме на Богородица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!“ (Тропар на Благовештение)
Сликата, браќа и сестри, пред да и биде соопштена оваа радост на Пресвета Богородица, во тогашното општество и во целиот свет, била страшна, а не мислам дека и денешната слика, не е подобра од таа на тогашниот свет, кога правдата и верата, чесноста и вистината, како што вели Марко Аврелиј „како да одлетале на небесата“…