На 10.03.2019 година, во Неделата на простувањето – Прочка, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар во сослужение на свештениците од Битолското архиерејско намесништво отслужи Вечерна богослужба со Чинот на простување во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Свештенството и верниот народ побараа прошка едни од други, и испросија благослов од Бога за со чисти срца да зачекорат во претстојниот Велигденски пост.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Вратите на покајанието отвори ми ги Животодавче!“
Браќа и сестри, од вечерва започнува четириесетдневниот Велигденски Пост, без Страсната седмица. Се наметнува мислата – што е покајанието? Покајанието е осознавање на гревовната состојба дека гревот е причината за смртта. Кога Господ ги создал првите луѓе Адам и Ева, им дал заповед да не јадат од забранетиот плод, и им рекол: „Не јадете и не се допирајте до него, за да не умрете!“ (1. Moj. 3, 3). Но трагедијата не е во тоа што тие направиле грев, туку во непокајанието! Зашто откако згрешиле, тие осознале дека направиле грев кој води кон смрт, и веднаш почнале да размислуваат како својата голотија да ја покријат, не размислувајќи за духовната голотија, туку за телесната. Потоа Господ му се обратил на Адама – „Адаме каде си?“ (1. Мој.3, 9). А Адам одговорил – „Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив“ (1. Мој. 3, 10). Потоа Господ го прашал, „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?“ (1. Мој. 3, 11). И наместо Адам и Ева да паднат ничкум пред Господа и да бараат прошка, за своите гревови, Адам почнува да се правда, а и ние кога ќе почнеме да се правдаме, во нас нема покајание, туку обвинение на оној што не е виновен, па така и Адама наместо да се обвини себеси, рекол дека Ева е виновна, а Ева рекла, „не јас туку змијата, која беше најлукавото животно од сите ѕверови полски, ме излажа па јадев“ (сп. 1. Мој. 3, 13). Па така следуваа казните, Адам со пот да го заработува лебот, а земјата која му даваше сè, сега се преобразила, и почнала да му дава трње и коров. На жената пак и рекол дека со мака ќе ги раѓа своите деца, а змијата ја казни – од прекрасно животно, да биде грозно, кое ќе лази по земјата и пепел и прав ќе јаде. Но сепак Господ чекал покајание, но тоа не дошло веднаш кај нив, па така еден од нивните потомци бил благороден и се каел за своите гревови, а другиот Каин станал братоубиец, кој не се каел, но бил исполнет со завист, и кога требало да се принесе на Бога жртва, тој ги принесе најлошите плодови, а Авел ги принесе најубавите јагниња. Па така од ден во ден се зголемуваше гревовната состојба на луѓето. Имаше и такви кои се каеја за своите гревови, еден од нив беше и царот Давид, кој многу се покаја за своите гревови. Секоја ноќ Давид ја навлажнувал со солзите постелата своја, се облекувал во козина – облека направена од козја волна, која го стружела телото, а исто така, честопати неговите колена изнемогнувале од постот, коленичејќи над ситни камења. Заради таквото покајание и заради напишаниот 50-ти псалм, кој е образец на покајна песна – Господ му простил, и од голем грешник го направил светител, па така имаме и безброј други грешници кои се каеле за своите гревови, и на кои Господ им простил, и ги причислил кон бројот на светите.
Господ и меѓу своите апостоли имал и онакви кои грешеле, но имал и такви кои го исповедале за Господ. Кога прашал Христос – „за кого ме сметаат луѓето Мене Синот човечки“, тие му одговориле за Илија, некои за Еремија или некој од пророците. А Светиот апостол Петар му рекол: „Ти си Христос, Син на живиот Бог“ (Мат. 16, 16), – на што Христос му одговорил: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 16, 17). И токму овој апостол, кој што прв го исповедал Христа, но и три пати се одрекол од Него, зашто Господ му рекол дека тој трипати ќе се одрече додека петел не запее, па штом запеал, Петар се сетил, и само еден поглед бил доволен од Христа, за тој да почне да плаче горко, навален на ѕидот. Според кажувањето на Светиот Климент папа Римски, апостол Петар, не само тогаш, туку секогаш кога ќе слушнел да пее петел, горко плачел за својот направен грев. По воскресението Христос повторно го прашал дали Го сака, на што апостол Петар одговорил – „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам“, на што Христа му рекол: „Паси ги овците Мои! (Јован 21, 16)“, и вторпат му одговорил паси ги јагнињата мои, и така Господ му простил, и од грешник, поради покајанието, од него направил Свет човек, и тоа првоапостолен.
И Свети апостол Павле, кој пред да го прими христијанството ја гонел Црквата Божја, и велел дека тој неможе да се нарече апостол, но исто така велел и дека од сите апостоли најмногу се потрудил, но не тој самиот, туку благодатта и силата Божја го направиле тој да биде најревносниот апостол од сите апостоли. Покајанието и прошката не се човечки заповеди, тоа се Божји заповеди, и токму затоа се тешки да се извршат, па оттаму знаеме дека и во Стариот и во Новиот Завет, Господ на грешниците им проштевал. Да си спомнеме за Марија Магдалена – грешницата која Господ ја направил светителка, од која истерал седум нечисти духови. Да си спомнеме и за еден настан од житијата на светите, за двајцата пријатели кои добро живееле, се додека ѓаволот не ги замешал прстите помеѓу нив, и тие се озлобиле и несакале да се видат. Тој настан се случило за време на гонењето на христијаните, со архимандритот Саприкиј, и со чтецот или певец во црквата Никифор. Во житието се говори дека пристигнала наредба архимандритот Саприкиј да биде мачен за Христа, и кога го воделе на мачење да биде на клада спален, тогаш неговиот непријател Никифор, кој се покајал за гревот кој му го имал направено, истрчал пред него, и го молел да му прости. А овој не сакал да му прости! Неколку улици понатаму, Никифор повторно паднал пред него и го молел – „свет маченику прости ми сè што сум згрешил“ – и пак не му простил, и по трет пат го помолил, но овој никако несакал да му прости, и одеднаш Господ ја зел благодатта од Саприкиј, и му ја дал на Никифор кој барал прошка. Тогаш Саприкиј се исплашил од страдањето, и се откажал од Него од Христа и не го наследил Царството Небесно, и засекогаш отишол во вечната геена, а Никифор кој одлучно пристапил да пострада за верата, бил изгорен на кладата, и го наследил Царството Небесно. Еве браќа и сестри пример како треба да се каеме, и како завршуваат оние што не бараат и не даваат прошка.
Во молитвата Оче наш, секојдневно се молиме „прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“! Тука прашањето е условено дека, ако ние им ги проштеваме грешките и навредите на луѓето кон нас, но исто така, ако побараме и тие нам да ни простат, затоа што се вели дека, ако братот твој ти згреши, оди и поучи го, а ако не те послуша, земи двајца или тројца сведоци, и пред нив исто така укажи му, и ако пак не те послуша, тогаш кажи го на Црквата, на црковниот суд, а ако Црквата не ја послуша, нека ти биде како незнабожец. Тоа значи дека кон луѓето што не се поправаат, кон нив Црквата не е блага, туку е уште построга, со цел да ги натера да се вратат од грешниот пат. Ако не се вратат, тогаш Црквата ги исклучува од својата средина, и тие не можат да бидат дел од заедницата, не заради нешто друго, туку затоа што немаат покајание и несакаат да побараат прошка за своите гревови.
Затоа ние на овој празник што го нарекуваме Прочка, да отпочнеме со вистинско покајание, и да побараме прошка за своите гревови, на оние на кој сме им згрешиле, но исто така да побараме прошка и да дадеме прошка. Затоа помладите одат кај постарите да побараат прошка, но тоа не смее да биде формално, како што впрочем имаме безброј случаеви. Имаме пример, како една снаа од свекрвата упорно барала прошка, а оваа не сакајќи од душа и од срце да и прости, кога веќе и досадила и рекла: ти простувам и мавними се од пред очи да не те гледам. Таквото проштевање не е проштевање браќа и сестри, тоа е злоба. Многу попоучно е тоа кога постариот ќе побара прошка од помалиот, за да го натера да размисли. Ако може таткото од синот да побара прошка, тогаш тој треба да се срами целиот живот, што задоцнил од таткото да побара прошка.
Ова сето треба да не натера на размислиме дека почнува Великиот пост, а тој почнува со покајание и проштевање. Мора да се покаеме за нашите гревови од срце и од душа, и да се речеме дека нема да ги повторуваме тие гревови, посебно оние тешките. Тука ќе ги набројам: гордоста и ќерката нејзина – суетата, среброљубието, мрзеливоста, од кои произлегуваат и други тешки гревовни и состојби како што се зависта, омразата, клеветата, безволноста за живот – депресијата, а очајанието е најтешкиот грев пред самоубиството, тешко е да се врати оној од таквиот пат, како што ни Јуда не успеал да се врати на правиот пат, туку откако паднал во очајание ја предал душата своја на ѓаволот, и тогаш ѓаволот почнал да делува, а не тој, бидејќи тој веќе не е господар над себе. Па така и ние сега, со покајание и исповед, да го започнеме постот, за тој да не ни биде телесен, туку уште повеќе духовен, како што пееме во црковните песни, кои сега се пееја, „да постиме браќа и телесно и духовно“. Свети Јован Златоуст вели: Храната за душата е вистинскиот пост и вистинската молитва. Да се помолиме на Пресвета Богородица, на која ќе и упатуваме пет акатисти во првите пет петоци, да ни биде наша заштитница, да не укрепува во постот што ни следува, и нека е благословен Велигденскиот пост браќа и сестри, за многу години да ни биде на спасение на душите и телата. Амин!