За промислата Божја и Неговата љубов кон нас – Протоереј Андрeј Николаиди.
Многумина од луѓето си го поставаат прашањето, каков е соодносот на Божјата љубов кон светот и различните непријатности и несреќи, кои се случуваат во него. Ајде да се обидеме со најпрости примери да го проанализираме ова прашање и да ги дадеме можните одговори.
Божјата љубов, ни се открива нас преку семудрото и хармонично Божјо создание и преку искупителниот подвиг на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој се излева врз секого од нас. Светото Писмо ни говори, дека Бог подеднакво го љуби секој човек, независно од неговото потекло или социјален статус, бидејќи Отецот Небесен дозволува сонцето да свети и над праведните и над грешните и испраќа дожд по целата земја. Бог подеднакво ги љуби сите, како што мајката и татко, подеднакво им ја даваат својата љубов на своите деца. Но таа љубов се искажува на различни начини. Понекогаш родителите можат да го милуваат своето дете, да му дадат чоколадо или играчка, но исто така, и да го искараат за неговото несоодветно однесување. И тоа, и другото – е пројавување на љубов. Таткото и мајката толку многу го љубат своето дете, па кога се појавува некоја опасност и сакаат да го оттргнат од неа, тие својата љубов ја манифестираат во форма на казна.
Така и љубовта Божја, понекогаш се манифестира во некоја конкретна форма, која нас, не секогаш може да ни се допадне. Понекогаш ние самите не го забележуваме сопственото добро, и станувајќи слични како непослушните деца, се откажуваме од тоа што Бог ни го предлага. Но по некое време – ние самите ќе разбереме, зошто во животот нам ни биле толку многу потребни или неопходни, тие настани и средби, кои ние претходно сме ги сметавме како непријатности. Имено така, возрасниот човек со благодарност си спомнува за упорноста на родителите, кои го принудувале да ја учи таблицата за множење, која во детството ја сметал за досадна и непотребна.
За илустрација на даденава мисла, можеме да си спомнеме за класичниот расказ за човекот кој брза да стигни на аеродром, за да не го пропушти претстојниот лет, со цел да си го реализира очекуваниот одмор. Но овој човек, во терминалот на аеродромот се сопнува на камен и си ја повредува ногата. Наместо во авионот, него го носат во болница, и тој поради тоа, чувствува голем гнев кон каменот и кон својата судбина. Но подоцна тој дознава, дека авионот, со кој требало да лета, доживува несреќа, а каменот на кој се сопна и кој го сметаше како извор на неговата несреќа, сега за него станува симбол на неговото чудесно спасение.
Се разбира, овој расказ не може да ги нагласи сите нијанси и дејства на Божјата Промисла и Неговата љубов кон нас. Но секој во својот живот, може да си спомни за некоја очигледна несреќа која се претворила во радост, а долго очекуваниот настан, донел проблеми и разочарувања. Тоа се случува, бидејќи ние сме ограничени со време и не можеме до крај да разбереме, што нам ни е неопходно за нашето спасение. Бог тоа најдобро го знае, и затоа ние во молитвата Господова „Отче наш“, просиме од нашиот Творец, Неговата волја, да биде како на небото, така и на земјата, во нашиот живот.
Но понекогаш се случува човекот, доброволно да се откаже од патот кој му го укажува Божјата љубов, и го избира патот на омразата и злото, чиј крај е во амбисот на пеколот. Но Господ, Кој не обдарил нас при создавањето со слободна волја, ни дава можност да го реализираме нашиот личен избор, односно ни разрешува да постапуваме така, како што ние сакаме. Ова се должи на тоа, што човекот од сето Божјо создание, е создаден со слободна волја, односно сам да прави избор во животот. Животните се лишени од тоа. Нивното поведение се определува преку нивниот инстикт. Ние имаме внатрешен морален закон, а главниот механизам за начинот на нашето однесуање, лежи во рамништето на моралот. Имено тоа не прави нас луѓе. Понекогаш нам ни се чини, дека е подобро Бог да не лиши нас од таа слобода на избор, односно да го лиши убиецот од можноста да убие, крадецот да украде, а предавникот од можноста да предаде. Но во тој случај, ние би престанале да бидеме луѓе и би се претвориле во бездушни робови, неспособни на морални чувства, неспособни не само на подлост, но и на љубов и пријателство. На Бога му е важно нашето доброволно одење по Неговите заповеди, и затоа Он е, нашиот Отец, Кој не љуби, и допушта да пројавуваме непослушност кон Него. Токму затоа во нашиот свет се појавуваат раздори и неправди, убиства и војни. Причината за тие неправди – не е волјата Божја и Неговата желба, туку во неправилната и неприродна примена на нашата слободна волја, односно во нејзината настроеност кон злото. Колку повеќе зло се собира во срцата на луѓето, и колку повеќе грев и бунт има кон Господа во светот, толку повеќе ние ќе се соочуваме со нивните последици во нашиот живот.
Размислувајќи за причините за современата состојба во нашето општество, за социјално-политичката и економска криза, која ние ја преживуваме, важно е да си спомнеме на зборовите на професорот Преображенски: „Уништувањето започнува во главата“… Можеме да ја парафразираме оваа мисла и да речеме, дека уништувањето започнува во срцата и душите, кои ја губат светлината и се исполнуваат со темнина. За да го надминеме ова уништување во општеството, ние треба да го надминеме разурнувањето во самите себеси, односно да го очистиме својот ум од деструктивното влијание на гревот и да тргнеме по патот на покајанието. Не сличајно преподобен Силуан Атонски рекол: „Дури и најмалиот грев, е способен да ја измени судбината на светот“. Па така, дури и најмалото добро дело, може да го измени нашиот свет кон подобро, може да ни помогне да ја надминеме кризата и да го исполниме она, кон што нè повикува Господ: „Така да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Мат. 5, 16).
Протоиереј Андреј Николаиди
Извор: https://pravlife.org/ru