Радоста е можна само во Бога. Тоа е аксиома.
Сите слични појави – обиди или имитации, не се вистинска радост.
Вистинската радост не може да се спореди со ништо. Таа принесува мир и спокој, ја исполнува душата со светлина, и му дава на срцето добро расположение. Таа е тивка и скромна, а понекогаш дури и незабележлива. Таа често доаѓа после солзи и немири, за да не утеши и смири, вселувајќи во нас надеж за изгонување на стравот. Таа од ништо не се плаши, ги разрушува непристапните ѕидови и непробојната темнина.
Дали сите можат да ја почувствуваат таа радост?
Да се почувствува радоста – е истовремено и лесно, и тешко. Тешкотијата лежи во нашето невнимание кон себеси, кон своите чувства и мисли.
Ние им даваме целосна слобода на нашите постапки, без да ги контролираме и насочуваме. Воопшто не се запрашуваме, зошто живееме, со што сме исполнети во одредени моменти, или што доживуваме.
Животот не поминува незабележливо.
Кај некои луѓе секојдневните реакции се доведени до автоматизам. Вистинските моменти не се доживуваат со целото битие, и затоа не пројавуваме вистинска реакција за тоа што се случува. Живееме отуѓено од сегашноста: мислите ни летаат напред со плановите за утрешниот ден, чувствата и емоциите се доживуваат многу порано, од она што во моментот се случува. Живееме механички живот.
Тоа е горчлива вистина.
А во исто време радоста чука, но нејзе никој не и го отвара срцето. Тоа е исполнето со грижи, тревоги, стравови и болки. Ние се оградуваме од Божјата грижа.
Но сепак постои лесен начин да ја разрешиме оваа ситуација. Потребно е да го пуштиме Бога во својот живот. И да живееме со Бога.
Тогаш сите Божји добрини, кои се наменети за човекот, ќе се вселат во нашиот живот, како што свежиот ветер влегува преку отворениот прозорец, носејќи со себе мирис на пролетни цвеќиња.
Ние треба да се исполниме со Божјата љубов и светлина, и од себеси да исфрлиме сè она што е темно. Вистинско е само она, што Самиот Христос ќе го донесе во нашите животи.
И само за тоа треба да живееме!
Тоа го исполнува нашиот живот со вистинска смисла.
Вистинската радост за жал, често се заменува со фалсификати.
Обидите да се опуштиме и забавуваме, не се стремеж кон вистинска радост, туку кон лажна радост.
Вистинската радост не може да се спореди со никакви гревовни појави.
Спасението е во радоста
„Радувајте се секогаш!“ (1. Сол. 5, 16; Филип. 4, 4) – ни е нам заповедано.
Патот кон вистинската радост – е верниот пат кон Бога и спасението.
Во оваа заповед се крие голема тајна: соединување на одпаднатиот човек со Создателот е можно само во вечната радост.
„Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Иса.35.10).
Спасението без радоста е невозможно, како што е невозможна радоста без искреноста.
Искреноста е највредното нешто што го имаат луѓето. Без искреноста ние не можеме да бидеме луѓе, да љубиме, да се дружиме, да веруваме, да се надеваме.
Преку искреноста се кристализира душата. И тогаш во неа се отсликува образот Божји.
Во овие благодатни и светли денови, на сите ви посакувам да ги отворите своите срца за средба со вистинската радост, со која е сè исполнето околу нас, и таа радост, се чини, како да е сконцентрирана во воздухот.
Да дозволиме нејзиниот тивок глас да прозвучи во нашите души, и во нив да донесе, светлина, добрина, мир, љубов, кои секогаш ќе одекнуваат во вечноста.
Христос Воскресна! Навистина Воскресна!
Митрополит Антониј (Паканич)
Извор: http://pravoslavie.ru