На 10.06.2018 година, на Втората недела по Педесетница, Mитрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот „Св. Преображение“, во Прилеп.
На Литургијата, Митрополитот г. Петар во протоерејски чин ги ракопроизведе свештеникот Роберт Илиевски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4: 19).
Нетрпеливото очекување на еврејскиот народ да дојде ветениот Месија ја достигнало својата кулминација. Верскиот формализам на садукеите измешан со верското сомневање на садукеите потполно ја опустошиле душата на верскиот народ, а нивната ропска положба под Римјаните создавала безнадежен излез. Сепак, појавата на витлеемската ѕвезда, исповедта на мудреците од исток, пеењето на ангелскиот хор и сведоштвото на пастирите – ги освежило барем малку Евреите.
Оттогаш поминале 30 години. Во малиот галилејски град Назарет, најскромно и повлечено живеел Исус. Па сепак, секое Негово движење, секој Негов збор, поглед, дејност и појава, го зацврстувале убедувањето дека Тој е навистина Оној, за Кого зборувале пророците. Еден ден Исус ја напуштил Галилеја, заминал во Јудеја, на реката Јордан, каде што сведоштвото на светиот Јован Крстител, дека Исус е ветениот Месија, добило своја потврда. Евреите биле возбудени. Нивната надеж се повратила, но политичкото насилство и жедта за земна власт скептички го следат учењето и дејноста на Исуса Назареецот. Тој чисто авантуристчки дух на Евреите го довел Божјиот Син до распнувањето на Крстот, а самите се довеле до конечна политичка пропаст и вековни национални талкања и искушувања.
Но, патоказот на денешното прочитано свето Евангелие не се состои во ова, туку во тоа, да ја покаже почетната подготовка на Спасителот околу дејноста на основањето на Божјото царство на земјата: „Одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, и им рече: Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе. И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него“ (Матеј 4: 18-23).
Ако внимателно ги ислушавме овие зборови ќе можеме веднаш да заклучиме дека првите ученици се повикани на брегот на Галилејското море, како и тоа дека тие веднаш ги оставиле своите кораби, своите домови и целиот свој имот и тргнале по Христа! Навистина, ова е чуден момент и чудно место од кое се извршува повик за духовно сеење на светот! Зошто Спасителот постапил така? Затоа што морето најреално го претставува животот во светот. До колку мирниот морски брег нè потсетува на животот исполнет со мир, љубов, правда и вистина, до толку вознемиреното и разбранувано море ни го најавува животот проткаен со борба, неправда, омраза, злоба, себичност и лага. Коработ ја претставува идната Христова црква, која преку морето на животот ќе ги спасува луѓето и ќе ги воведува во тивкото пристаниште на вечниот мир и слава. Рибарите, претставени како „прости луѓе“, повикани се да го просветат светот, за да се покаже влијанието на силата на Божјата благодат на „простите“, но со чист дух и возвичени луѓе.
Кога Господ Христос ги повикува првите луѓе во апостолството, го открива и главниот услов за оспособување на оние, кои треба да постанат „ловци на луѓе“, а тоа е ослободувањето од грижите за земниот живот. За да се разбуди свеста за ништожноста на сè што е привремено и распадливо, и да се сфати бесценетата вредност на духовниот живот, потребно е да се улови човечката совест. Појавата на Спасителот, пропратена со Неговите божествени зборови, ја озарило свеста на повиканите за духовно сеење, и тие тргнуваат по него, и повеќе не Го оставиле. Со своето мачеништво тие го потврдиле примениот повик, па заедно со краеаголниот камен – Христос, постануваат темели на Христовата црква.
И покрај сите неприлики и искушенија кои Христовата црква ги имала во еден толку долг период, моралниот успех на евангелските ловци е неоспорен. Но, мора да се констатира и тоа дека, методите и средствата на христијанските ловци во делото на духовното просветување и ловењето на човечките души е во спротивност со методите и средствата со ловците на луѓе од другите категории. Претставниците на политичко – економските групи и хуманитарните организации, кои денес се сè почести, се трудат со сите сили, пред сè, да завладеат со човечките стомаци и до крајност да ги заситат. За некои од нив личната своина е главна цел во нивниот живот, за други, пак, таа е пречка за нивниот среќен живот. Според тоа, постојат две крајности кон материјалниот однос: додека на една страна се натрупуваат богатства и огромни капитали, на друга страна се уништува личната своина, со што се создава хаос и сиромаштија. Ако агитаторите и застапниците од двете страни, во поглед на материјалниот однос на луѓето, не ги сфатат и во своето срце не ги примат методите и средствата, кои Христовата црква ги препорачува, ги внесува во животот и ги зацврстува, тогаш остро ќе се спротивстават помеѓу себе ловците на човечките души без Христа. А тогаш – трагедијата на човештвото ќе биде ужасна. Единствен утешител и спасител повторно ќе биде Христовата Црква. Со своите божествени методи и средства, а осветлена со светлината на евангелското Сонце, светата Христова Црква и понатаму ќе ги испраќа своите премудри ловци ширум целиот свет да го проповедаат, шират и во душите да го всадуваат духот на науката, која се слушнала ширум светата земја Палестина, почнувајќи од брегот на Галилејското море до Мртвото море, и од Тавор до Голгота. Верувајте, ако ние не ја почувствуваме и не ја признаеме својата грешност, ако не ја наведнеме својата глава пред Галилејскиот проповедник – Богочовекот Христос, и ако својот имот не го сфаќаме и не ракуваме со него како со Божји дар, сè дотогаш морето на животот постојано ќе биде вознемирено и разбранувано, а силни ветришта ќе ни се закануваат со опасности…
Денес, за жал, помеѓу нас, појавен е уште еден ред на ловци на човечки души, кои не се ништо помалку штетни и поопасни од оние, кои се трудат и се борат да завладеат со човечките стомаци. Тие ловци се агитаторите и пропагаторите на светото Евангелие во форми, кои се спротивни на учењето, верувањето и исповедувањето на нашата света Православна Црква. Тоа се ловците на души на нашиот македонски Православен народ. Секташтвото денес става јасен печат на своето учење и поставува цврст темел за свое ширење. Искрените синови на нашата држава и верните чеда на Православната Црква, оваа појава мора длабоко да ги погоди и разжалости. Срцето секогаш тагува по изгубените добрини. Со ширењето на секташтвото се губи добрата, племените, побожна и херојска душа на македонскиот Православен народ. За оваа појава треба сите ние да се заинтересираме, загрижиме и да бараме проверен лек. Познато е дека, ништо толку духовно не ги издигнува и просветува луѓето, како што тоа го прави правилно сфатената вера, која е и од срце прифатена, но, исто така, христијаните ништо толку многу не ги уназадува, како што тоа го прави погрешно примената вера. Затоа, вистинските проповедници на верата го предаваат на своите следбеници најостриот духовен меч, за со него да ги чистат и сечат заболените од грев делови на својата душа. Во спротивно, покрај болните делови се сечат и здравите, а понекогаш се извршува и духовно самоубиство.
Рибарите го нарушиле мирниот брег на Галилејското море. Во желбата за материјална добивка тие деноноќно ловеле. Но, токму во моментите кога стекнувале земна корист, ним им се шири видикот на духовните очи, па стекнуваат возвишени, скапоцени, нераспадливи, вечни богатства. Тие постануваат духовни богаташи, вселенски ловци на луѓе, бидејќи постанале следбеници и проповедници на науката од Галилејскиот Учител. Не може да се постигне лична духовна јачина без познавање на Христа; не може да се добие морална сила во помагањето на ближните без наоружување со Христовиот дух; не може да се достигне мирен, праведен, напреден и просветен живот без евангелските начела; не може да се стекне спасение на душата и не може да се смири морето на нашиот живот без светата Христова Црква, чија глава е Господ Христос и во која пребива Светиот Дух, испретен од Синот Божји од Бог Отец.
И денес Христос нè повикува сите нас „Појдете по Мене…“. И денес во Своето Евангелие Христос нè повикува да Го следиме, да постанеме ловци на луѓе. Само еден добар пример на сочувство и самоодрекување, една беседа, еден добар збор, еден спасителен совет и убедување – сево ова е мрежа која, фрлена во Христовото име, сигурно ќе даде добар лов. Многумина од нас јасно го слушаат Христовиот повик, но не го прифаќаат Неговиот глас. Тие го задушуваат во себе Божјиот глас. Забораваме ли дека Бог секогаш го бара нашето спасение, нашето добро? Забораваме ли дека ние сме Негово наследство и дека Нему Му припаѓаме?
Денешните евангелски зборови нека нè повикаат да се предадеме во рацете на Христа, па слично на апостолите и ние да бидеме подготвени да појдеме по Него, нашиот Спасител и Господ. Амин!
Протоереј Златко Ангелески