† ПЕТАР
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И
АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,
НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО
ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,
ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Возљубени браќа и сестри во Христа Воскреснатио
Христос Воскресе -и нашите души нека се радуваат во Христа Воскреснатиот!
Христос Воскресе – и исчезнува стравот од смртта!
Христос Воскресе – и нашите срца се исполнуваат со радосна вера дека после Него и ние ќе воскреснеме!
Да се празнува Велигден (Пасхата) – тоа значи со целото срце да се спознае силата и големината на Христовото Воскресение.
Да се празнува Велигден (Воскресението) – тоа значи да се стане нов човек.
Да се празнува Велигден (Животот) – тоа значи со целото срце и помисли да се благодари на Бога и да се прославува Неговиот неискажлив дар – дарот на Воскресението и љубовта.
Мили наши духовни чеда, споделуваме велелепни зборови!
Христос Воскресе! Ете, во два збора се искажани сите човечки настани, сите животни патишта, на сите луѓе, за сите времиња! Во два збора – целата историја на човечкиот род! Во два збора – најголемата револуција во сите човечки светови, најголемата пресвртница, најголемиот расплет. Човечкиот живот, кој како експресен воз иташе по шините на смртта и одеднаш скрена кон бесмртност – сѐ се измени! Настана невиден пресврт!
Со Своето Воскресение, Господ од адот го извади човековиот род и го внесе во Рајот. Господ од смртта го истргна човекот и го внесе во бесмртност. Господ од канџите на ѓаволот го ослободи човекот и го предаде во прегратките на Бога. Тоа е Воскресението! Тоа е Велигден!
Возљубени празникољупци, радувајте се!
Христос Воскресе! – Благодатниот пламен на оваа најрадосна вест, кој се распламти и над Господовиот гроб, се пренесе низ целиот свет и преисполнувајќи се со светлината на тој пламен, Црквата Божја и денес изобилно ни го подарува и потврдува – Вистина Воскресе!
Со Христовото Воскресение, за човекот се отвори нов живот, нов свет исполнет со светост и блаженство. Нему му е овозможено да воскресне и со Христа да живее.
За време на својот земен живот, Христос повеќе пати говори за Себе како за носител на животот и Воскресението; како за извор на вечниот живот, бесконечен за оној кој ќе верува во Него. Меѓутоа, тие зборови на Божествениот Учител тогаш биле неразбирливи, не само за народот, туку и за Неговите ученици и апостоли. Смислата на тие зборови стана разбирлива дури по Неговото Воскресение. Дури тогаш и Неговите ученици разбрале дека Он е навистина Победителот на смртта и Владиката, Господарот на животот.
Исто така, во текот на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати ги изговорил и зборовите, скапоцени за човечката верна душа: „Јас живеам и вие ќе живеете“. (Јн. 14:19); „Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна“. (Јн. 15:11).
Браќа и сестри, сорадосници во Воскресенската радост!
Христос е Радост! Христос е Живот! Христос е Воскресение!
Не постои, мили наши, повозвишена радост, поторжествена радост од воскресенската, од велигденската.
Ние се радуваме затоа што нам, преку Воскресението, ни се отвори рајот, нашиот вечен живот. А, најдлабоката смисла на Христовото Воскресение се состои токму во вечниот живот, кој Христос им го подари на сите Свои следбеници. И еве, веќе полни два милениума, Неговите следбеници, непоколебливо веруваат не само во тоа дека Христос Воскресе, туку и во своето идно воскресение за вечен живот.
Што направи Господ со нас, со Своето Воскресение? Што тоа му даде Господ на човечкиот род победувајќи го нашиот непријател – смртта, ѓаволот и гревот? Што ни даде Спасителот? Ни даде Живот, Бесмртен Живот, Вечен Живот, кој смртта не може да го собори, кој никаков грев не може да го сруши. Господ секое човечко битие го претвори во бесмртник. И сега, ние христијаните сме како мртовци кои излегле од гробовите, воскреснале од гробовите и живееме во овој свет, живееме како воскреснати мртовци. Зашто, ако ние, како што учи Светото Евангелие, преку крштението се погребуваме во Христа Господа (Рим. 6:4), како и што се пее во убавите песни: „Вчера со Тебе умрев, се погребав, а денес воскреснувам со Тебе“ (Воскресен канон), ние, исто така, воскреснуваме со Господа.
Да, воскреснувам со Тебе Господи!
Христијанинот е човек кој совоскресна со Господа и таков живее во овој свет. Бесмртник – победник над сите смртности и секоја смрт ја уништува со силата на Воскреснатиот Христос. Ние, вели Свети апостол Павле, „кои во овој свет живееме, Христос воскресе и ние во нов живот одиме“. (1Кор. 15:20).
Мили наши духовни чеда!
Воскресението Христово е темелот на нашата вера, тоа е неразрушлива потпора во нашиот земен живот. Христос со Своето Воскресение им овозможи на луѓето да ја сфатат вистината на Неговото Божество, вистината на Неговото возвишено учење, спасоносниот карактер на Неговата смрт. Воскресението Христово е крај на Неговиот животен подвиг на земјата. Поинаков крај не можеше ни да постои, зашто тоа е непосредна последица на смислата на Неговиот живот.
Бидејќи во сé безгрешен, Господ Исус Христос не можеше да умре, зашто смртта е последица на гревот, плата е за гревот. Но, иако заради Својата Божествена безгрешност е бесмртен, Господ доброволно ја прими смртта за луѓето, кои таа ги пустошеше заради нивниот грев, и со Својата откупителна жртва стана Откуп и Спасител на човечкиот род, од гревот и смртта. Во крсната смрт на Спасителот доаѓа, до својот врв, Неговата неизмерна љубов кон човекот.
Христос победи! Прославувајте ја и радувајте и се на победата!
Се радуваат небесата, се радува и земјата. Се радуваат небесата, како што мајката се радува кога ги храни своите огладнети деца. Се радува земјата, како што децата се радуваат кога ја примаат храната од раката на својата мајка. Победата Христова е единствената на која можат да се радуваат сите човечки битија, од првосоздадениот па до последниот. Секоја друга победа на земјата ги делела и ги дели луѓето. Кога еден цар ќе извојува победа над друг цар, едниот од нив се радува а другиот се жалости. Кога еден човек ќе го победи својот сосед, тогаш под едниот кров има песна а под другиот плач. И најблагородната човечка победа е слична на некое сонце, кое со едната половина спушта светли, а со другата темни зраци. Само Христовата победа е како сонце, кое спушта светли зраци на сите кои се под него. Само Христовата победа ги исполнува сите човечки срца со неподелена радост. Само Таа победа е совршена, само Таа е вечна.
Браќа и сестри, денес е Велигден, најрадосниот ден!
Ние денес, ја празнуваме совршената и надумна тајна – Воскресението Христово, победата на Животодавецот над смртта. Нашиот Спасител триумфираше над злото и темнината и поради тоа, богослужението на нашата Православна Црква е толку исполнето со благодат и радост. Во нашата Православна Црква не постои служба која би била повеличенствена и поторжествена од Воскресенската (Пасхалната). Токму поради тоа, мнозина со радост итаат во храмот на воскресенската (пасхална) ноќ. И сосема е природно што срцата сега се исполнети со неопислива радост. Воскресенското (пасхално) богослужение навистина е слично на велелепна гозба, која Господ ја приготви за сите што приоѓаат под благодатната сеница на Неговиот дом. Па затоа, пријдете сите, примете, вкусете, црпете од таа непресушна гозба која изобилно се дава за живот вечен.
Возљубени чеда, синови и ќерки на Воскресението!
Највисоката љубов, љубовта кон Бога е речиси изгубена. А љубовта кон Бога се освојува со борба. А, пак, најмоќен борец во таа борба е семејството. Семејството кое е изградено врз меѓусебна љубов и почитување обединето со една вера, претставува жива оаза во мртвата пустина во нашата бездушна цивилизација. Ако живата Црква, верните со свештенството и Епископот собрани во храм се огромен огнен столб, христијанското семејство е свеќичка запалена од огнот на таа Црква. Семејството е и првото училиште на децата, првата Црква, домашната, семејната црква. А демонот се обидува да ја разурне Црквата и однадвор и однатре. Се обидува на семејството да му ја оттргне победата во борбата за освојување на љубовта кон Бога, помагајќи им на родителите во уништувањето на своите деца. Најнапред, тоа уништување е во коренот, во утробите на мајките, а доколку во тоа не успеат, потоа, кога ќе дојдат на свет, нудејќи им земни наслади во изобилие, или немажејќи се и неженејќи се, за да немаат обврски, се спротивставуваат на првата Божја Заповед: „Раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата и владејте со неа“. Не дозволувајте, немојте да му помагате на демонот во неговите намери, туку за сојузник имајте Го Христа Воскреснатиот и со Него извојувајте ја таа љубовна победа, зашто таму каде што нема брак, нема љубов, а има самољубие, телесни наслади и уживања.
Луѓето пак, кои до дно го испиле пехарот на тие земни наслади, но, биле доволно чесни кон себеси, говорат дека не нашле радост во животот, дека на светот нема среќа. Е па, луѓе мои, еве ја денес таа радост, еве ја денес таа среќа, еве го денес животот, еве го Воскресението Христово. Насладувајте се!
Наши најмили во Христа Воскреснатиот!
Да ги отвориме нашите срца за средба со Оној Кој заради нас пострада, умре и Воскресна. Он влезе во нас и го исполни нашиот живот со Себе и Својата светлина, преобразувајќи ги нашите души. Ние пак, како одговор на тоа, со љубов ќе тргнеме кон Него, по нашиот спасоносен пат зашто на неговиот крај, несомнено, ќе блеска и нашето воскресение за вечен живот. Таа спасоносна состојба на нашите души, Ние ви ја посакуваме со сето срце!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!
На Велигден, 2018 година, Битола.
Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,
Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиски и Новозеландски
† Петар
Велигден, 2018 година.