На 26.08.2018 г., во Тринаесетта недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на, Светиот маченик Иполит, Свети Тихон Задонски, Преподобната царица Ирина и преносот на моштите на преподобен Максим Исповедник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Света Божествена Литургија во храмот Свети Никола, во Крушево.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши“ (Мат. 21, 42).
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
Преку прекрасната парабола за грижливиот лозар и непослушните лозари, Спасителот на најкус можен начин ни го претставил пред нас основниот животен закон, историјата на целото човештво, а посебно и историјата на еврејскиот народ. Пред сè, оваа парабола непосредно се однесува на судбината на еврејскиот народ и ја открива целата Божја грижа за него, иако, заради својата жестокосрдечност, тој народ го навлекол врз себе праведниот Божји гнев, кој, за жал, трае и до ден денес. Евреите биле возљубените лозари на добриот домаќин – Небесниот Цар. Дека тоа навистина е така, сведоштво ни е Старозаветната историја, каде на секоја страница можеме да дојдеме до податоци колку многу Бог Отец го возљубил Својот народ и на колку многу чудесни начини го избавувал од несреќите кои го снајдувале. Но, со доаѓањето на Спасителот историјата се менува и тоа во премногу лоша насока за избраниот народ. Евреите Го отфрлија Божјиот Син, Господ Исус Христос и не Го признаа за Спасител на Човештвото. Токму за ова нивно отфрлање на Спасителот од нивната историја се однесуваат и зборовите од денешното евангелско четиво: „Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши“.
Крајаголниот камен на животот е Бог. Ако го отстраниме Него од темелот, ќе се урне целото здание на нашиот живот. Тоа е така од Господа. Ете, тоа е законот на животот. И историјата на старозаветните народи, и историјата на народите од поново време, но и историјата на нашиот народ ни сведочи дека тоа е така. Господ Бог, Великиот Лозар, насадил прекрасен рај и во него го населил човекот да го чува и обработува рајот на убавините. Во тој рај Бог бил постојано со човекот. Но, човекот паднал преку непослушноста, па вечната радост и убавината на рајскиот живот во Божјото присуство биле заменети тешка работа и потни капки, а ретките радости биле измешани со страдања и гревот почнал да го зазема местото на доброто. Преку гревот смртта влегла во светот. Господ – Великиот Лозар, го предал лозјето на животот, односно, земјата, во владение на човекот. Го заградил животот од смртта со надежна ограда – со Божјиот Закон и заповедите, за да не може ништо туѓо да го одземе човекот од Бога. А тука, во лозјето, Господ му ја дал на човекот и совеста, како чувар, непоткуплив и постојано буден, кој ја чува чистотата на душата.
Иако во лозјето сè што ни е дадено е од Бога, сепак, човекот во својата егоцентрична природа, одлучил сето тоа тоа си го припишува како своја заслуга. Животот е мој, душата е моја, мои се и способностите, и животните сили, и дарбите… Човекот постојано нагласува дека, „Јас сè можам, јас сакам, јас работам, јас создавам…“ и постојано го слушаме тоа судбоносно „јас“. На таков начин човечкиот живот се обвиткува самиот околу себе и во една таква состојба нема место за Бога. Но, во природата не може да се измени природата на она што постои. Прогонувајќи го од лозјето Животодавецот, човекот почнува да жнее смрт, пустош и распадливост. Заради ваквата ситуација веднаш го слушаме одговорот во Евангелието: „Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?… Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме“ (Матеј 21: 40-41).
Каменот на животот – Христос Бог, Кој бил убиен од разјарените евреи, постанал глава на аголот, па тај крајаголен камен е темел за новото лозје кое Бог повторно го насадил заради нас – нашата света Православна Црква, која никакви пеколни сили не можат да ја надвладеат. И Божјиот Закон – Светото Евангелие, е новата ограда. И благодатните Тајни на Христовата Црква се нов извор во лозјето, кој нè преродува, осветува и ги јакне силите на новите лозари. А како столб и тврдина на Вистината во центарот на лозјето е светата Православна Црква, Божјиот храм, каде што секојдневно се принесува бескрвна жртва за гревовите на луѓето, а светите Христови Тајни се гаранција за Вечниот Живот на лозарите во тоа Христово лозје. Но, како и претходно, и во новото лозје совеста и понатаму е чувар на секоја чистота и буден сопатник на лозарите.
И покрај сите овие услови кои ни ги понудил нашиот Спасителот, сепак, ние и понатаму го чувствуваме праведниот гнев Божји. И понатаму слушаме постојани вести за поплави, земјотреси, несреќи од секакви размери, војни, болести, епидемии… И постојано се запрашуваме зошто е тоа така и дали има одговор на сето тоа? Но, дали некогаш сме погледнале сами на себе, дали сме погледнале во лозјето на својата душа, зашто секому од нас Господ му подарил сопствено лозје, кое навреме треба да принесе достојни плодови. Дали во нашето лозје го пуштаме да влезе господарот на лозјето – Бог, или, пак, постапуваме како неразумните лозари, кои го исфрлиле господарот надвор и го убиле. Дали во нашето лозје се работи според Божјите правила и заповеди? Имаме ли и најмал плод од нашето лозје, за кој слободно ќе можеме да кажеме дека е достоен да го принесеме пред Бога? Што ако не најдеме ништо од ова? Зарем во тоа не се состои и одговорот на прашањето: зошто и понатаму страдаме во овој свет, кога Бог ни дал с# што е од корист за нашата душа и што води до вечниот живот. Иако нашата надворешност говори дека ние водиме православен живот, сепак, кога ќе погледнеме во внатрешноста на сопственото лозје, ќе сфатиме дека сме пусти и осамени, дека нашето лозје е обраснато со трње и дека треба веднаш да почнеме со обработка, за да принесе плодови.
Параболата понатаму ни раскажува како домаќинот на лозјето – Бог ги испраќа своите слуги за да ги приберат плодовите на душата. Он ги праќа Своите ангели, нашите Чувари, чиј глас постојано одекнува во нашите души. Тие го раздразнуваат гласот на нашата совест, па ние постојано слушаме одговор за нашите постапки и мисли: „Немој да живееш така, поправи се, оваа твоја постапка не е добра…“. Овој глас на совеста е сè понагласен во моментите кога се наоѓаме во тешки искушенија, кога пред нас стојат одлучувачки моменти за крупни, но и за ситни постапки што треба да ги направиме во животот. И ако совеста не го послуша гласот на ангелот – чувар, а одлучи да постапи поинаку, тогаш ние свесно ја отфрламе Божјата порака и правиме дела кои го понижуваат човечкото достоинство. Во една таква ситуација, како разултат на човечкиот цинизам, нам почнува да ни смета сè што е свето и Божјо, сè што е од корист за нашата душа, сè што нè укорува за безумните постапки и кое нè советува дека треба да се покаеме за престапот. Тогаш човекот почнува да се буди ѕверски инстинкт, кој го принудува да живее според телесните закони, а не според евангелските. Душата се доведува до степен на самоуништување и во неа се зацарува слепотија, која ја води кон неминовен пропаст. Дека ова е вака, повторни ни сведочи Евангелието: „Кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа“ (Матеј 21: 35). Тука настапува последната етапа од нашата состојба – тотално безумство!
Страшна е глетката кога ние не го слушаме гласот на ангелот – чувар, гласот на нашата совест. Наследникот на лозјето – Христос е убиен; слугите – Божјите пратеници се убиени; оградата – Божјиот Закон е разурната; провален е и чуварот – совеста; затапено е и точилото – добрите дела… И така, во поранешниот сад на душата полека, но сигурно, се зацарува смртта. Злото ги потсекува корењата, страстите го сушат зеленилото и сè е доведено до распадливост.
Зарем не е страшна глетката? Зарем не е ужасна состојбата на ваквата душа? Зарем не е трагична судбината на ваквиот човек? Затоа Господ ни ја раскажал оваа парабола и ни ја предал во наследство. Таа има за цел секогаш да нè потсетува дека крајаголниот камен – Христос Господ, никогаш не треба да го отстрануваме од нашиот живот. Никогаш да не забораваме дека тој основен камен на нашиот живот е вистинскиот Бог. Секогаш да принесуваме пред Бога зрели гроздови – добри дела, од лозјето на нашата душа. Секогаш да живееме во Бога и со Бога, отстранувајќи ги од нас своеволието и себичноста, постојано плашејќи се засекогаш да не ги загубиме вечниот живот и Царството небесно. Амин!
Протоереј Златко Ангелески