Светогорските старци за постот

„Ако срцето не умее себеси да се чува од нечистотија, него никаков пост не може да го очисти од помисли“.

Монах Симеон Светогорски

***

„Телото можеме брзо да го исушиме со пост, но да ја смириме душата, за таа постојано да биде смирена, не е лесно, дури и невозможно. Света Марија Египетска 17 години, се борела со страстите, како со диви ѕверови, и дури потоа добила покој; а нејзиното тело било исушено, бидејќи во пустината со ништо не се хранела“.

Монах Симеон Светогорски

***

Кога телото се очистува со постот, преку воздржување од нечистотија, во него се развива телесно чувство, кое подобро од сите лекари ни помага да избереме сè што е здраво, и да отфрлиме сè што е штетно.

Монах Симеон Светогорски

***

Монасите, кои ги очистиле своите срца од гревот, со покајание, молитва, постот и труд, умираат без никакво сожалување за напуштањето на животот, туку со надеж во милоста Божја.

Монах Симеон Светогорец

***

Можеме многу да постиме, многу да се молиме и многу добри дела да правиме, но ако потоа станеме суетни, ќе бидеме слични на тапан, кој грми, а внатре е празен.

 Преподобен Силуан Светогорец

***

Големиот пост дејствува како ренген, како фотоапарат или како огледало. Ние, до одреден степен, се плашиме од него, бидејќи ја открива нашата вистинска, грозна духовна состојба.

Старец Мојсеј Светогорец

***

Постот – е време на посебна духовна борба, духовно внимание, кога ние треба да ги собереме сите наши сили, расфрлани насекаде, и да ги насочиме таму каде што е потребно (сп. Лука 10, 40-42). Човекот кој се нарекува христијанин, обврзан е целиот свој живот достојно да го носи тоа име, да не живее телесен и грешен живот, туку духовен живот во Христа. Постот постои за да ги исправиме нашите грешки во духовниот живот.

Схиархимандрит Еремија (Алехин)

***

Послушанието, заедно со смирението и благодарноста кон Бога, го надополнуваат подвигот на постот. Голема е ползата од самоукорувањето во тоа време, кога човек поради некоја болест не може да пости.

Архимандрит Ефрем Светогорец (Мораитис)

***

Оној, кој егоистично се подвизува во постот, со бденија и други подвизи, се мачи себеси без духовна полза, бидејќи го бие воздухот, а не демоните.

Преподобен Пајсиј Светогорец

***

Потребно е да ја негуваме во себеси љубовта, за да се зголеми нашата љубов кон Бога. Тогаш човекот ќе биде поттурнат кон подвигот на љубовта, и неговото подвижништво, односно, поклоните и другото слично на тоа, нема да бидат ништо друго, освен излевање на неговата љубов. И тогаш тој со духовна храброст ќе оди напред.

Преподобен Пајсиј Светогорец

Извор: http://pravlife.org