Bо времето кога Османлиите го освоиле градот Битола, по четиримесечна опсада и тешки, жестоки битки, следеле страшни настани: жителите биле убивани, жените силувани, свештениците, монасите и монахињите мачени и погубувани; храмовите биле ограбувани и сквернавени, а потоа и до темел палени. Особено големо крвништво варварите покажале кон свештениците и монасите, кои за сето време на борбите непрестајно го поучувале и поткрепувале верниот народ, поттикнувајќи го да се бори докрај за својот Спасител и Творец – Христос.
Најревносните проповедници и чувари на верата, претежно млади монаси со неколку опитни Старци, заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои по Божја промисла ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“. Но, Османлиите откриле каде се кријат овие монаси и ги заробиле. Најпрвин жестоко ги мачеле, потоа ги фрлиле во зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христос.
Започнала препирка за тоа која вера е вистинската, при што монасите мудро одговарале, темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и светоотечкото Предание, и така постигнале победа во дијалогот. Откако го проследил со големо внимание овој дијалог, еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите, се восхитил и бил трогнат од неочекуваната духовна длабочина и големото христијанско смирение на овие блажени души, па громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов! Навистина, роден сум како мухамеданец и воспитан сум во мухамеданскиот закон, но сега го примам Божјиот призив што ме повикува во царството на Исус Христос, Синот Божји и Господ мој“. Тогаш Агарјаните се нафрлиле на својот сонародник и толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место, а потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици.
Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи, исполнети со гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетемина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид за таму да им ги отсечат главите. Одејќи кон својата Голгота, светите биле радосни, како да одат на свадбена веселба. На 9 март 1385 година, Осмaнлиите им ги отсекле главите и така преподобномачениците ја покажале својата бестрашност, извојувале неовенлива победа и го добиле венецот на славата од Господ, својот Подвигоположник, за да се радуваат вечно во Неговото царство, молејќи се за сите оние што верно го почитуваат нивниот свет спомен.
Каква лекција ние можеме да извлечеме од примерот на Битолските проподобномаченици? Во нашата татковина сега нема јавни гонења на христијаните. За исповедање на својата вера, нам не ни се закануваат со смрт, или со друг вид на репресии. И затоа со увереност можеме да кажеме дека предложениот пример, е актуелен во животот на сите христијани во сите времиња.
Иако нам не ни се заканува смрт, но сепак ние многу често стоиме пред изборот: да ги запазиме заповедите, или да ги нарушиме заради непосредна корист. Повод за нарушување на заповедите може да биде материјална корист, удобство, неподготвеност да влеземе во конфликт со другите, страв од претпоставените, а исто така и опасност да не ја загубиме работата.
Ако ние внимателно се однесуваме кон настаните од својот живот, тогаш без труд и напор ќе забележиме, дека во тие ситуации, кога ние решително одлучуваме да ги запазиме Божјите заповеди, на сметка на своите земни придобивки, ние во таквите ситуации не само што ја зачувуваме верноста кон Божјата волја, туку добиваме и мир во душата, а често и материјалните загуби се или незначителни (очекувани), или надоместливи.
Но ако ние избереме материјална корист на сметка на Божјите заповедите, тогаш, на необјаснив начин го губиме и тоа и другото, слично на војник, кој умрел на прагот од бањата.
Шемата е едноставна.
Избирајќи го Бога, ние стекнуваме нетлени (нераспадливи) богатства. При тоа Господ ни ги дарува нам и неопходните земни богатства.
Обидувајќи се да го задржиме материјалното, со отстапување од Создателот на материјата, ние губиме сè.
И затоа треба да бидеме уверени, дека ако ние во ситуациите на избор, се сеќаваме на примерот на Битолските преподобномаченици, тогаш нашите шанси да го примениме второто решение значително ќе се зголемат.