Светата Тајна Елеосвештение – е Тајна, во која со помазување на одделни делови од телото со свет елеј, болниот добива благодат за исцелување од телесни и духовни болести.
Покрај телесното исцеление, во оваа Света Тајна се проси и ослободување од гревовите, бидејќи повеќето болести се последица на гревот, бидејќи и самиот грев – е духовна болест. Според изјаснувањето на Светите Отци на Црквата, при Светата Тајна Елеосвештение ние се ослободуваме и од заборавените гревови (но не и од оние кои сознателно сме ги затаиле на исповед!). Тие гревови како тежок товар легнуваат врз душата, и стануваат причина не само за духовно растројство, туку и за телесни заболувања.
Светата Тајна Елеосвештение, уште се нарекува и (Соборование), бидејќи според Уставот на Црквата, оваа Света Тајна ја извршуваат седум свештенослужители (собор на свештеници). Свети Симеон Солунски вели: „Не треба многу да се грижиме за бројот, бидејќи тој не е пропишан од апостолите“. Но, иако бројот не е пропишан, сепак треба да се држиме до старото предание и треба да бидат седум (свештеници) според стариот обичај, а во неволја и помалку, односно три… Бројот седум – е симболичен знак на Црквата за нејзината полнота; и токму затоа во чинот на оваа Света Тајна, после прочитувањето на одредени молитви, се читаат по седум избрани текстови од Евангелието и Апостолот, во кои се говори за покајанието, за исцелението, за неопходноста од верата и надежта во Бога, за состраданието и милосрдието.
Светата Тајна Елеосвештение, како и другите Свети Тајни, има евангелско потекло, и е востановена од Самиот Спасител Христос. Како што ние дознаваме од 6-та глава од Евангелието според Марко, Христос „повикувајќи ги дванаесетте, почнал да ги праќа по двајца, и им дал власт над нечистите духови“. За Светата Тајна Елеосвештение во Посланието на Светиот апостол Јаков е речено: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (Јак. 5, 14-15).
Светата Тајна Елеосвештение се извршува над православни христијани, кои страдаат од телесни и душевни болести. Под душевни болести подразбираме, тешка духовна состојба (депресија, тага, очај), која е последица на нашите непокајани гревови. Според Типикот на Православната Црква, оваа Света Тајна општо за сите христијани се извршува еднаш во годината на Велики Четврток.
Оние кои пристапуваат кон оваа Света Тајна, треба да знаат дека сите Свети Тајни се неразделно поврзани со Светата Тајна Евхаристија (Причест), која Светите Отци ја нарекуваат „печат на сите тајни“. Така, ние пристапувајќи кон било кое Таинство, должни сме истото да го запечатиме со Светaта Тајна Исповед и Причест. По примањето на Светата Тајна Елеосвештение, ние задолжително треба да се исповедаме и причестиме со Светите Тајни.
Да земеме учество и ние во оваа Света Тајна, за Господ да ни ја испрати Својата благодат која не очистува од телесни и душевни болести.