Среда од Првата недела во Великиот пост

На 21.02.2018 г., во Средата од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар го отслужи третото Големо повечерие со читање на Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот Пресвета Богородица во Битола.

С нами Бог… – аудио запис

Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Од младоста, Христе, заповедите Твои ги прекршив, сиот мој живот во страсти, небрежно и во мрзливост го минав. Затоа Ти повикувам, Спасителу: Барем на крајот, спаси ме.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Исфрлен пред Твоите врати, Спасителу, барем на старост не фрлај ме во адот, но пред крајот, како Човекољубец, дај ми прошка на гревовите.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Откако во блуд го потрошив богатството мое, Спасителу, лишен од плодовите на благочестието, и гладен, викам: Оче на добрините, побрзај и помилуј ме.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Паднат сум меѓу разбојници, и сега целиот сум претепан од помислите мои и лежам во рани. Но самиот Ти, Христе Спасителу, дојди и исцели ме.

Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас.

Ти дај ми ја светлозарната благодат на божествената промисла, за да го избегнам мракот на страстите и од срце да ги пеам, Марие, красните дела од твоето житие.

 

(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)