Спомен на Оптинските преподобномаченици, убиени на Велигден (1993 г)

Пред 25 години*, православниот свет беше потресен

Сатанист убива тројца руски монаси на Велигден во Оптинската обител (фотографии)

Во храмовите на Русија се живописани и се живописуваат икони на Василиј, Трофим и Терапонт, а луѓето се слеваат во Оптина за да раскажат за случаите на помош по нивните молитви.

Поради нашиот расеан живот и недостаток на доволно вера и љубов кон Бога, повеќето од нас мислат дека само порано, во древните времиња имало светители и маченици, а сега во нашето време на сеопшто отстапување ги нема, дека сега не можеме да ги исполнуваме во полнота евангелските заповеди. Но, забораваме дека “Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки“.

            Православните во Русија, а и во целиот свет слушнале за Оптинските новомаченици – тројцата убиени монаси токму на Пасха пред 25 години (18 април 1993) во Оптинската обител. Од нивната маченичка смрт досега, по нивните молитви се случуваат многу чуда и православните веруваат и ја чувствуваат нивната помош, поддршка и закрила.

optinskie novomucheniki ikona
Свети Оптински Преподобномаченици Трофим, Василиј и Терапонт

Ова е расказ за монасите Василиј, Терапонт и Трофим од Оптина.

Еве веќе 25 години, во манастирот Оптинска пустина (изолирано од животот, осамотено, тивко и мирно место сред природата, слично на Великата Рилска пустина) секојдневно, за време на Божествената Литургија ги споменуваат убиените браќа, јеромонах Василиј (Рослјаков), монах Трофим (Татарников) и монах Терапонт (Пушкаров). Многубројни поклоници доаѓаат од секаде да наведнат глава пред светите гробови на монасите, објавени за новомаченици и да испросат благодатна помош при духовните и животните потреби.

Токму на Пасха (Велигден), во 1993 година, тројца монаси се убиени на најсуров начин во познатата руска Оптинска обител. Маченичката смрт на монасите, извршена од раката на сатанист, ја потресе Русија и православниот свет.

optina

Ноќта по Велигден, на 18 април, 1993 година

По крајот на пасхалната служба, каде на литијната поворка присуствуваат речиси десет илјади души, околу шест часот наутро храмот и манастирскиот плоштад опустуваат.

Малку подоцна, монасите Терапонт и Трофим се враќаат кон камбанаријата, за да го продолжат, по традиција празничниот пасхален ѕвон. Но набрзо тој чудно  прекинува. Во домот на намесникот на манастирот се втурнуваат луѓе со извици: „Убиени се! …“ Отпрвин никој не сфаќа што точно се случило. И крв не се гледа – таа останува во нивните широки одежди. Намесникот и браќата се втурнуваат кон камбанаријата.Таму ги наоѓаат двајцата монаси прободени, едниот мртов, а другиот на умирање. Неколку метри настрана, пред својата келија го гледаат како лежи раскрвавениот јеромонах Василиј, кој, одејќи на исповед, очигледно забележал нешто невообичаено и се насочил кон местото на настанот. Патем, убиецот го стигнал и него.

И покрај метежот, ги внесуваат и тројцата во храмот и веднаш почнуваат да читаат молитва. Повикуваат Брза помош. На местото каде го наоѓаат отец Василиј, откриен е меч  со исцртани бројки 666 и зборот „сатана“. Во шинелот, паднат во близина, има уште еден нож со истите натписи.

optinskie mucheniki

Убиецот војувал во Авганистан

Монасите не се сомневаат уште од самиот почеток дека се случило ритуално убиство и дека убиецот е сатанист. По неколку дена тој е фатен од милицијата – името му е Николај Аверин.  Го апсат кај негови блиски, додека тој сè уште спие. До  неговиот кревет има наполнет карабин, а во неговиот дом откриена е пресечена Библија и книги за сатанизмот.

Убиецот сатанист се прикрадува во манастирот како поклоник. Ситен човек со црн шинел и нож, на кој е нацртан бројот на ѕверот. Аверин војувал во Авганистан, два пати е спасуван од сигурна смрт. Меѓутоа, тој не ја признава црквата,  и смета дека невидливо го води некаков дух кој ги насочува сите негови постапки.  Неговите пријатели се изненадуваат од  неговата суровост. Без причина  може да претепа човек или да присили девојка. И сето тоа го прави со таков гнев и безмилосност, за што немаат објаснување.

Подоцна во текот на распитите Аверин ќе признае дека духот што го води му наредил да убие токму монаси.

И тројцата загинуваат на еднаков начин – со единствен удар  во грбот. Секој од младите монаси има интересна судбина.

ferapontТерапонт – сибирскиот Володја од спецназ

Монах Терапонт (во светот Владимир Пушкаров) е роден во 1955 година во селце во областа Новосибирск. Во 1990 година минува 75 километри пешки за да стигне до Оптина. Пристигнува доцна вечерта, кога манастирските порти се веќе заклучени. Од  обителта го забележуваат страникот како се поклонува и паѓа во молитва. Кога изутрината ја отвораат портата, гледаат, тој сѐ уште коленичи, со лицето кон земјата. И… го примаат отец Терапонт во манастирот.

Минатото на монахот е потонато во речиси целосна неизвесност. Се знае само дека Терапонт, со световно име Володја, служел во спецназ, во војска изучувал боречки вештини, но потоа открива дека во својата основа, тие содржат окултизам.

Уште од  својот постриг, отец Терапонт станува речиси незабележлив. Ја навира својата монашка  капа до очите, ретко зборува со некого и го поминува целото време во молитва.  А неговите раце се златни – целиот манастир и до ден денес ги носи  крстовите направени од него.

Љубовта на отец Терапонт кон Бога и ближните заменува сѐ во неговиот живот. Ништо не поседува и никој не му испраќа колети. Само еднаш му подаруваат тегла со кондензирано млеко . А тој веднаш му го дава на монахот кој собира донации за блиската болница. По маченичката смрт на монахот Терапонт, во  неговиот џеб наоѓаат писмо во кое пишува: „Ако ви затреба помош, јас со радост ќе ви помогнам“. Никој не знае до кого е адресирано. Но сега, години по неговата смрт, се чини дека писмото е адресирано до  сите. Зашто многу луѓе ја добиваат чудотворната помош на новомаченикот Терапонт и на неговите браќа Трофим и Василиј.

 

downloadTрофим – Леонид самарјанинот

Монахот Трофим (во светот Леонид Татарников) е роден во 1954 година во селце, во областа Иркутск. Неговото семејство е многу сиромашно и затоа момчето мора да работи сѐ и сешто.

На возраст од 36 години, тој го остава светот зад грб и станува монах во Оптинската света обител. Трофим, тајно од сите, води таков строг подвижнички живот што повеќе личи на светител од раните векови, отколку на човек што живее во крајот на дваесеттиот век. Освен тоа, тој е во постојан труд. Постепено, луѓе од целата околија почнуваат да бараат помош од него. Де на некоја баба ќе ѝ требаат дрва, де некоја ограда ќе падне, де на некоја нива ќе треба помош …

Девојка искушеничка раскажува за случај како отец Трофим ја спасува од наркоманијата. „На 12 години станав наркоманка и две години скитав со едно друштво хипици  по подруми и тавани. Тоа беше пекол. Гинев. И кога на 14 години пристигнав во Оптина, веќе се боцкав. Сакав да живеам друг, нов живот, но не можев без наркотиците. Итно ми требаше доза и веќе се качував во автобусот за да ја набавам, кога некој непознат монах ми го спречи патот. „Не бидува да заминуваш оттука!“, рече тој и ме симна од автобусот. Тоа беше Трофим. Тој ме спаси уште неколку пати. Необјасниво за мене, сѐ се појавуваше од некаде, дури и во шумата ме најде. Кога имав 16 години за мене не постоеше прашањето за избор на животниот пат. Сакав да бидам како монах Трофим и тогаш отидов в манастир “.

Самиот Трофим го претчувствувал своето мачеништво. Шест месеци претходно тој ја предвидел својата смрт. Пред тој Велигден, 1993 година, тој пости и се моли речиси до исцрпеност. Многупати, браќата го слушаат како тивко вели: “Господе, јас сум подготвен” …

vasiliyВасилиј – шампион Рослjaков

Jeромонах Василиј (во светот Игор Рослjaков) е роден 1960 година во Москва. Уште како дете  неговите учители и соученици го забележуваат неговиот извонреден интелект и чувствителност. И покрај својата  скромност, каде и да оди,  Игор веднаш станувал лидер на групата. Кога бил ученик, тој посакал од својот татко да му купи магнетофон. Родителите успеваат да заштедат пари за својот сакан син и подарокот за неговиот роденден станува факт. Но, по околу еден месец, Игор му го подарува магнетофонот на свој пријател од училиште, кој исто така мечтае за тоа, но не може да си го купи. Истото се повторува и со гитарата што неговите родители му ја купуваат…

По некое време, Игор се запишува да тренира ватерполо. А по завршувањето на училиштето, примен е на факултетот за новинарство на Московскиот државен универзитет. Напоредно со тоа,  продолжува со спортот и учи во институтот за физичка култура. Станува мајстор на спортот. Тој е ѕвездата и капитен на тимот. Весниците пишуваат суперлативи за него на првите страници. Му предвидуваат блескава иднина во новинарството. Најголемите весници, меѓу кои и  “Комсомолскаја правда”, сакаат да работи за нив …

Уште додека игра во тимот, Игор носи крвче на вратот (за време на натпреварите го крие во капата за пливање, за да не му го земат) и пости. Во тие времиња, тоа му создава многу проблеми. Наместо најдобриот да замине на светското првенство во пливачки спортови во Канада, власта го запира Игор – го прогласува за ненадежен. По разговори со некои познати руски духовници, Игор одлучува да оди в манастир (т.е. во Оптина).

o_Vasilij_Rosljakov_5_1

На 5 јануари 1990 година искушеникот Игор е потстрижан за монах. Го прима името Василиј – во чест на св. Василиј Велики. Си прави кревет од две штици.. Наместо перница – две тули. Дебел трупец  го заменува столот. Чита по неколку книги  напоредно, размислувајќи за Божјото Слово. Уште истата година, Василиј е ракоположен за јеромонах и тоа отвора нова страница во неговиот живот. Многумина велат – отец Василиј е иден велик старец. Толку природно и лесно ги наоѓа потребните зборови за да го утеши својот соговорник. Еднаш, луѓето од неговата паства го прашале: „Баќушка, дали имате некоја посебна желба? „Да“, тој одговара. „Би сакал да умрам на Пасха со ѕвонот на камбаната“.

И Бог буквално му ја исполнува неговата длабока желба.

***

Ете таква е судбината на трите блеснати Оптински новомаченици – Василиј, Трофим и Терапонт. Од  нивната смрт досега, запишани се многу чуда, што се случиле по нивните молитви. За нив се направени филмови и се напишани книги, се пишуваат житија. Меѓутоа, православните христијански верници знаат – тие се живи и се грижат за светот. Да умреш на Велигден е свето знамение. Нивниот подвиг е скриен од луѓето, напиша еден од прозорливите старци – но тие се тука и помагаат во своите молитви.

 

Што претставува Оптинаsvyato_vvedenskaya_optina_pustyn_18

Во светот има чудесни катчиња, сочувани од Господа, кои небаре се парченца од земниот рај. Такво рајско место  во Русија од почетокот на XIX век е Оптинската пустина, светиот манастир прочуен низ целиот свет.

Пред рушењето на ова свето место од болшевиците, по Револуцијата од 1917, обителта блескала  како неизгасливо светило на постојаната молитва.

„Крај ѕидовите на манастирот расте коприва повисока од мене”, напишал во својот дневник во  летото 1988 година новиот оптински поклоник Игор Рослјаков (идниот јеромонах Василиј). А неговата висина е околу 2 метри. Оптинската пустина сѐ уште е во урнатини и изгледа како по бомбардирање – разрушени храмови, купишта скршени тули и планини од ѓубре наоколу. А над урнатините стрчат непроодни грмушки – двометарска коприва и пелин.

Уништувањето е толку болно, та мештаните признаваат – никој од нив не верувал во преродбата на Оптина. И ако пред болшевичката револуција во манастирот дејствуваат девет храмови, сега сликата е друга – од храмот во чест на Казанската икона на Божјата Мајка останале само урнати ѕидови – ни прозорци, ни врати, а на местото на куполата – небото.

Мештаните раскажуваат, дека кога по револуцијата во Оптина се палени огнови со икони и го фрлале во пламенот распетието, од крстот – тоа сите го виделе – бликнала крв.

И кога во манастирот почнуваат да пристигнуваат првите монаси, мештаните ги гледаат зачудени: некакви забрадени мажи во расо.

Првите монаси се малку. Во 1988 г., братството на манастирот се состои од неколкумина на кои наскоро им се приклучува москвичанецот Игор Рослјаков. 3 Јуни 1988 година е историски ден – тогаш во Оптинската пустина е отслужена првата Божествена литургија. Оптина ја започнува својата преродба, за да се претвори денес во еден вистински небесен храм за православните верници.

Автор: Мариела Балева

Извор: http://epicenter.bg/article/Satanist-ubiva-trima-ruski-monasi-na-Velikden-v-Optinskata-obitel-/99757/11/0

 

*Моја забелешка:  Написот е од 2016, кога биле изминати 23 години од настанот и толку се напишани во оригиналниот текст. Во преводов се напишани изминатите години до денешниов датум, т.е. 25 години.