Собери

 
Повика Горно Небо
Пренесе Ангел торжествено
Послушаа гори и долини
Впија езера и реки

Најпосле стигна до човека
Ех таа голема Небесна повелба
Ех таа Света Троична пофалба
Ех таа благодат испратена, подарена

„Соберете, збијте
Редови свои подредете
Народе Мој, зеницо на око Мое
Сè Мое е твое, и твоето Мое“

Ги собра од сите краишта,
Збор беше на Твоја невеста
Црква е таа која нè прибра
Живот да дише ѝ долеа

„Соберете, еј Ангели Мои
Име Мое прославете духови Мои
Преку Него – слугата мој
Кој стана пријател со спокој“

И ние малите денес
Притекнуваме кон тебе Кипријане
Светецу во љубовен занес
Желби свои пред ноѕе твои оставаме

На Икона твоја се поклонуваме
Бога Троичен го прославуваме
Едно да бидеме молиме –
Од сите земни краишта собери нè

Тебе Господи Седржителу
Тебе Ти се молиме
По молитвите Светокипријанови
Собери нè на овие падини
При еве маливе манастирски порти

Тебе Сину Единороден
Предвечно од Оца роден
Кој си насекаде и се исполнуваш
Во мали јасли, во мала пештера се сместуваш

Направи од цела вселена
Да биде челадтта собрана
Да бидат децата удомени
Во ова Црква нахранети

Од Тебе Духу Свет поучени
Во едно да бидеме собрани
На трпеза торжествена нетлена
При Жртва Жива Божествена

По Твоите Свети молитви
По Твоите неуморни подвизи,
За Твојата жртва принесена
Која Бога го прослави
Од Него да биде прославена
Амин, амин, амин.

(Од богољубивата поезија »Манастирски води« на
сестринството од Слепченскиот Претеченски манастир)