Шеснаесетта недела по Педесетница – Архиерејска Литургија во храмот Пресвета Богородица во Битола

На 16.09.2018 г., во Шеснаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на  Светиот свештеномаченик Антим; Светата маченичка ВасилисаСвети Јоаникиј, архиепископ и прв патријарх Српски  и Преподобен Теоктист; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

„Он… на едниот му даде пет таланти, на другиот два,  на третиот еден; секому според силата негова“(Мат. 25, 15).

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

И покрај тоа што од појавата на Христовата личност поминаа две илјади години, сепак, Неговата наука и Неговото Евангелие постојано се актуелни. Христовите зборови секогаш ќе го покажуваат вистинскиот правец по кој ние треба да врвиме, за сигурно да стигнеме до посакуваната цел – спасението и вечниот живот. Но, сепак, и денес има луѓе кои се оддалечиле од Христа и од Црквата. Ним сеуште им се причинува дека христијанството нема никакво влијание во човечкиот живот и дека во него веруваат само уште нашите баби и дедовци. Но, тоа не е така, а и нема да биде. Дека Христос и Неговата наука секогаш се актуелни, доказ ни е и денешната приказна која ја слушнавме од прочитаното Евангелие, во која Христос ни раскажува за повереното богатство на еден човек, кој тргнувајќи на пат, ги повикал своите слуги, им го предал својот имот, на едниот давајќи му пет таланти, на другиот два, а на третиот еден – секому според силата негова. По долго време господарот се вратил и ја побарал својата сметка, па тогаш оној што добил пет таланти ги умножил и вратил десет, оној што добил два вратил четири, а оној што добил еден, го закопал во земја и не заработил ниту еден талант, но го вратил само добиениот. Господарот се разжесточил заради ваквата постапка на слугата, па му наредил на останатите да му го одземат и тој единствен талант, да му го дадат на оној што има десет, „зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има“.

Луѓето од Бога имаат примено различни дарби, различни таланти – некој пет, некој два, а некој еден. Тоа апсолутно не значи дека оној што примил еден талант, примил многу малку од Бога. Сепак, зборот талант, кој Христос го употребил во приказната, означува многу, зашто талантот во Римската империја бил крупна монета, во вредност од сто сребрени римски динари. А, Христос намерно во приказната нагласува дека господарот на слугите им дал таланти, а не ситни пари, со цел да нагласи дека и оној кој примил најмалку, сепак, добил доволно многу. Впрочем, ние секогаш забораваме дека животот и здравјето ни се дар од Бога, а тоа е еден највреден талант.

Се поставува прашањето: што треба да прави човекот со оние таланти кои ги има, а кои му се дадени од Бога? Обично, луѓето мислат дека е доволно да не се прави зло, па да биде достоен да влезе во Божјото царство. Но, во приказната за талантите Христос потенцира дека тоа не е доволно. Секој треба да го разработи, да го искористи и да го умножи во добро она што го добил од Бога, слично на првите двајца слуги, кои двојно заработиле и положиле сметка пред Бога.

Меѓутоа, третиот слуга, кој добил еден талант, се покажал доволно мрзлив за да ги умножи своите дарби и да се покаже корисен пред Бога. А факт е дека и денес во светот, но и меѓу нас постојат луѓе слични на него, кои претпочитаат да останат само слуги и робови, кои повеќе сакаат да живеат како животните, од денеска за утре, без никаков идеал и без никаква крајна цел. Оној, кој не се труди да ги умножи своите дарби добиени од Бога, освен тоа што не може да посочи какво добро направил за време на својот живот, тој секогаш е подготвен да ги обвинува оние околу себе дека тие се виновни за таквата негова состојба, но подготвен е да го обвинува дури и Самиот Бог дека е жесток и несправедлив.

Никој не смее да го обвинува Бога и да се поплакува дека е заборавен од Бога. Секој од нас примил доволно и различни дарови од Него. Во приказната Христос не рекол дека на еден му дал пет, на други два или еден, а на некој – ништо. Ако некому му се чини дека не добил ништо од Бога, тоа е само затоа што тој го скрил својот талант и го оставил неупотребен. Некој, можеби, ќе се запраша, а каков талант од Бога примил слепиот и сакатиот просјак? И тие имаат добиено дар од Бога. Ако тој не ги гледа луѓето, тие го гледаат него. Ако тој не може да им даде милостиња, тогаш тој ги поттикнува луЃето да даваат милостиња. Иако самиот не може да дава поуки, тој самиот е жива поука, која Бог ја изнесува пред нас, кои имаме очи. Неговиот талант не може да биде закопан во земјата, зашто потребите го принудуваат да излезе меѓу луѓето и со молчење да им проповеда за својата несреќа. Слепите, сакатите и просјаците никогаш не го закопуваат својот талант во земјата, туку, напротив, тоа го прават здравите и способни луѓе.

Сепак, има и нешто многу пострашно од закопувањето на талантот во земјата. Има луѓе кои својот талант не го употребуваат за правење добро, туку за правење зло. Има луѓе кои Бог ги надарил со интелигенција, разум и способност за научно креирање, но тие наместо да му служат на човештвото и општеството, тие во своите мрачни лаборатории креираат како да создаваат технологии за уништување на човештвото. Има луѓе кои Бог ги надарил со богатство, но тие наместо да им помагаат на сиромашните и бедните, своето богатство го трошат во разни оргии и блудничења. Има луѓе кои Бог ги надарил со уметнички таланти, но тие својот талент го употребуваат за сеење на јавен неморал. Нивниот талант не е закопан во земјата. Напротив, тие го злоупотребуваат и на таков начин свесно се спротивставуваат на својот Творец – Господ Бог.

Христос преку оваа приказна ни изнесол прекрасна поука. Таа поука треба да биде правилно сфатена. Многумина денес напразно се трудат во Евангелието да пронајдат некаква несправедливост и некаква нелогичност, а за да дојдат до тоа се повикуваат токму на зборовите кои се искажани во оваа приказна. Христос рекол: „Секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има“. За многумина е нејасно, како тоа, на сиромашниот да му се одземе и она малку што го има и тоа да му се даде на богатиот! Да не заборавиме – овие Христови зборови не се однесуваат на земното сиромаштво и богатство, туку на работливоста и на мрзливоста. Сите ние сме чеда на семожниот небесен Отец и Творец. Бог секому му дал определена моќ и способност. Секој е повикан да работи со тие дарови, како за свое добро, така и за доброто на своите ближни. А ако некој заради својата мрзливост дозволи, од Бога дадените таланти, да пропаднат, тогаш, заради неговата неспособност разумно и корисно да раководи со нив, тие од него ќе бидат одземени и дадени на оној кој е работлив и вреден и кој умее да ги удвостручи. А оваа постапка не е ништо друго туку совршена правда.

Никој не треба да се разочарува во својот живот. Не постои човек кој не би бил способен да направи нешто. А таа способност е неговиот талант. Потребно е само да не го закопува во земјата како мрзливец, туку постојано да го употребува во чесна работа. Трудољубивиот и чесен човек секогаш ќе биде сит и нему секогаш ќе му се даде и преумножи. Неговиот талант постојано ќе се умножува. А мрзливиот постојано ќе биде сиромав и од него ќе се земе и она малку што го има, па ќе биде осуден на маки и страдање. Токму таа смисла ја имаат Христовите зборови: „Секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има“.

Да се трудиме и ние да го зголемуваме и умножуваме талантот даден од Бога, па со право и достоинство да влеземе во радоста на нашиот Господ и да ги слушнеме зборовите: „Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господар!“. Амин!

Протоереј Златко Ангелески