На 21.09.2018 г., кога го празнувавме раѓањето на Мајката Божја, Пресветата Богородица, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
О, блажени и најнепорочни сопружници, Јоакиме и Ана! Станавте познати по плодот на вашите утроби, како што рекол Господ: ќе ги познаете по нивните плодови. Вие поживеавте живот угоден на Бога и достоен на Родената од вас. Живеејќи чисто и свето, ја родивте ризницата на девственоста – до раѓањето дева, во раѓањето Дева, и по раѓањето Дева; единствена Дева и Приснодева – единствена и по ум, и по душа и по тело, секогаш дејствувачка. Требаше Дева да израсне од чистота (Јоаким иАна), и телесно да ја роди Единствената, Единородена Светлина, по благоволение на бестелесно Родениот: не Светлината што се раѓа, туку Оној Кој од вечноста се Раѓа од Светлината, Оној чија што роденост е ипостасно својство.
О, на какви сè чуда, и на кави сојузи стана ковач тоа Девојче! Таа е пород на неплодноста; девство коештоо раѓа; преку неа се соединува Божеството и човештвото, страста и бестрасноста, животот и смртта, за во секој случај полошото да биде победено од подоброто. И сето тоа заради моето спасение, Владико; Ти толку ме засака, што моето спасение не го изврши преку ангели или некоја друга твар, туку, како и создавањето, така и моето ново создавање го изврши лично. Затоа ќе го поведам орото, ќе те фалам, ќе се радувам, ќе се вратам на изворот на чудата и, презаситувајќи се од потоците на веселост, повторно ќе ја затреперам струната на лирата на Светиот Дух и ќе ја пеам божествената химна на Раѓањето на Дева.
О, најчист пару на разумни грлици, Јоакиме и Ана! Вие, запазувајќи го природниот закон на чистота, бевте удостоени со натприроден дар – на светот му ја родивте Онаа која не знае за маж – Мајката Божја. Вие, живеејќи во човечка природа побожно и праведно, сега ја родивте Ќерката повозвишена од ангели, која господари над ангелите. О, Ќерко, најубава и најслатка. О, крину израснат меѓу трњето, од најблагородниот и најцарствениот Давидов корен! Преку тебе царството се збогати со свештенство. Преку тебе е извршена промена на законот и се откри духот кој беше прикриен зад зборови кога достоинството на свештенството премна од Левиево на Давидово колено. О, трендафилу израснат меѓу трњето јудејско, којшто сè исполни со божествено благоухание! О, ќерко Адамова и Мајко Божја!
Блажени се бедрата и утробата од коишто си се родила. Блажени се рацете што те носеле и усните што со чистота те целивале – само усните на твоите родители – за во сè и секогаш да останеш Дева.