Почитувани,
Втора година по ред, како Сестринството на Светата Слепченска Претеченска Обител, под духовно раководство на отец Серафим, во деновите околу Иванден, кога го слави Раѓањето на својот Свет заштитник и патрон на манастирот – Св.Јован Крстител, одлучува ширум да ги отвори вратите на Манастирот, не само за православните верници кои во голем број, од сите страни на Македонија ќе дојдат со вера да му се помолат на Светителот, туку и за бројните научници од земјата и регионот за кои Слепченскиот манастир како древен духовен, културен и уметнички центар на Балканот, е непресушен извор и инспирација за бројни истражувања.
Во продолжение, се сите детали околу претстојната Втора меѓународна научна конференција на тема “Манастирот Слепче во пост-византиската уметност на Балканот во XVI и XVII век”, како и за Демирхисарската летна школа насловена “Манастирот Слепче – духовен, културен и уметнички центар”, кои ќе се одржуваат во периодот 6.07.2018 – 14.07.2018, а се организирани од Манастирот Св. Јован Претеча-Слепче, Општината Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ.
II. Меѓународна научна конференција
Манастирот Слепче во пост – византиската уметност на Балканот воXVI и XVII век
На 6.07.2018 во Демир Хисар започнува Втората меѓународна научна конференцијa на тема “Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот од XVI и XVII век”, каде што со свои научни прилози ќе настапат 17 учесници од Македонија, Србија и Бугарија, реномирани истражувачи на средновековната уметност на Балканот, живописот, словенските ракописи, старопечатени книги и архитектурата од времето на Османлискиот период. Со оваа конференција продолжуваат заложбите на организаторите (Манастирот Св. Јован Претеча Слепче, Општината Демир Хисар и Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ како стручен и научен координатор на конференцијата) научно да се продлабочуваат сознанијата за манастирот Слепче, неговата историја, архитектура, уметност (фрескоживопис, иконопис и применета уметност) но и пошироко, историјата и културно-уметничкото наследство на Демирхисарско.
II. Демирхисарска летна школa
Од 6.07. до 14.07. 2018 година во манастирот Св. Јован Претеча Слепче, Демир Хисар, Смилево и регионот на Демисхисарско ќе се одржи Втората Демирхисарска летна школа-Манастирот Слепче, духовен, културен и уметнички центар.
Активностите во рамките на Демирхисарската летна школа концепциски се вообличени и ќе се остваруваат во доменот на пет научно – истражувачки секции, предводени од реномирани професори:
Историја: проф. д-р Ванчо Ѓоргиев;
Архитектура: проф. д-р Елизабета Касапова;
Археологија: проф. д-р Виктор Лилчиќ – Адамс;
Историја на уметноста: проф. д-р Сашо Цветковски (координатор на школата);
Теологија: м-р Виктор Недески, а ќе учествуваат и триесетина студенти, додипломци, поделени во предвидените секции.
Оваа година во рамките на школата, свои предавања ќе имаат и академик Ѓорги Поп-Атанасов (Научно-истражувачката дејност на академик Владимир Мошин во проучување на ракописите од Слепченската книжевна школа), како и гости, професори од Бугарија, проф. д-р Елисавета Мусакова (БАН – Институт за изследване на изкуствата и проф.д-р Васја Велинова и Румјана Дечева од Център за славяно – византийскипроучвания “проф. Иван Дуйчев”).
Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири како и најзначајните места од Илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино и Крушево.