Подари љубов, подари радост – Награден расказ

Пазарен ден, улиците полни со минувачи, секој брза некаде. Луѓето, некои весели,  други тажни, бедни, со голема добрина во себе, спремни да ја даруваат секому. Во толпата од мноштвото луѓе чекореше  старицата со наведната глава, замислена, со празна торба оди од тезга до тезга, разгледува.

Таа во рацете држи нешто стуткано, можеби пари, со очите шета по тезгите и најпосле застанува.

– Колку се компирите? – прашува.

– Дваесет денари – ѝ враќа продавачката, жена во одминати години.  – Ако земеш два килограми, ќе ти ги дадам за помалку.

Старицата  прашува:

– А дали може половина килограм, по оваа втората цена?

– Да, може! – ѝ вели продавачката, па зема ќеса и во неа става многу компири, не половина килограм или два, туку дупло повеќе. Старицата зачудена вели:

– Не ме разбравте, јас побарав само половина килограм, толку ми се парите, а треба да земам и кромитче.

– Добро е, добро! – ѝ враќа продавачката и во најлончето додава неколку главици кромид. – Еве, доволно плати, точно седум денари.

– Не, не, сте се збуниле, јас не можам сето ова да го платам.

– Не е грешка, добро е. – вели продавачката. – Јас те познавам тебе и ти должам, ти можеби не се сеќаваш. Пред многу години, кога сопругот ми беше болен, јас немав пари да го доплатам лекот во аптеката,  ти ми даде. Го зедов лекот и не го заборавив твоето лице. Секој ден се сеќавам на твојата блага насмевка и зборовите: „Земи, купи го лекот, ќе ми вратиш друг пат, животот е како тркало, се врти, денес немаш – утре  имаш“.

Старицата постоја  уште некој миг, го зеде најлончето и со  насолзени очи замина.

– Ќе има да јадам цела недела – си мислеше и застана,  гласно зборувајќи: Вечерва ќе ги поканам Петревци, тие се изнемоштени, немоќни да се грижат за себеси. Добро е што се сетив – колку многу Тодорка ќе се израдува на топлата вечера. Ех, живот, живот! Додека беше жив мојот Стојан, работеше со коњчето, Господ да му даде Царство.

Ама тоа е животот, не можевме многу да заработиме, за да имаме за старост. Да имавме челад, сега тие ќе се грижеа за мене, ама ете таков е животот. Но, фала му на Бога, што постојат добри луѓе.  Утре ќе појдам кај жената од тезгата да побарам, да работам во бавчата, да си го платам долгот.

Ти благодарам Господе што ми го остави бистар умот, а и рацете да работам. Вечерва со Петревци ќе имаме гозба! – зборуваше и имаше голема  насмевка на лицето.

Да, можеби сум ѝ помогнала на жената, ама ете, јас сум заборавила. Но таа памтела, и сега и јас никогаш нема да ја заборавам жената“.

Минатите месеци без својот Стојан, таа се изгуби во животот. Денеска, после долго време ѝ се врати насмевката на лицето и вербата во луѓето, кои често знаеја да изневерат, да отфрлат  некого.

Луѓе, да се сакаме, да си подаруваме насмевка и кој-колку што може, да подари тоа што има, но сето да биде со насмевка и од срце. Насмевката е бесплатна и може  да стопли многумина.

old-woman-apples

Автор: Божана Тренческа