На 01.07.2018 г., во Петтата недела по Педесетница , кога го празнувавме споменот на Светиот маченик Леонтиј и Преподобен Леонтиј проѕорлив; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ (Параклис) во Прилеп.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?“ (Мат. 8, 29).
Вo името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Читајќи го денешното Евангелско четиво, пред очите на сите нас ни се појавува слика на онаа Гадаринска земја, во која еднаш, по бурата на Галилејското езеро, допловил Господ Христос со Своите ученици. Веднаш, штом Господ излегол на брегот го сретнале двајца бесни, кои излегле од гробиштата и на сиот глас извикале: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?“. Како што ни раскажува понатаму евангелистот Матеј, подалеку од нив паселе голем број на свињи, а бесовите Го молеле и велеле: „Ако нè изгониш, дозволи ни да отидеме во свињине!“. Господ Христос им дозволил на бесовите да отидат во свињите, и одеднаш сите свињи се урнале низ стрмнината во морето и се издавиле. Свињарите, кога виделе што се случило, побегнале, дошле во градот, раскажале за сè што виделе, па целиот град излегол да Го пресретне Исуса и веднаш Го замолиле да си отиде од нивниот град.
Површниот човек, кој е неискусен или, пак, без вера, на гадаринскиот брег ќе го чуе гласот само на двајцата бесни, иако и на таков човек мора да му биде чудно, како тоа луѓе бесомачни, кои не се однесуваат свесно, кои никогаш не Го виделе Господа и кои никогаш никого не поучиле, одеднаш, веќе на прв поглед, можат да ја препознаат силата на Севишниот Бог во Богочовекот Христос. Повеќе од јасно е дека, демоните, кои биле скриени во овие двајца страдалници, извикуваат во човечко име. Бесомачните извикале, но не избегале. Не бегале, зашто некаква светла сила незадржливо ги привлекувала кон себе. Повикале, зашто лошата сила ги мачела и ги терала на бегство, но сепак, немале толку сила да ги натера да бегаат. Демонот се крие и вика во човечко име, како самиот човек да не сака да Го види Исуса. Демонот овде сака да остави впечаток дека, наводно, Исус ги мачи овие луѓе. Нечестивиот настојува себе си да се спаси, а овие напатени човечки души да ги одведе во погибел, одвојувајќи ги од единственото нивно спасение.
Постанувајќи свесни за безизлезноста на својата состојба, спалувани од Духот Божји, демоните изгубиле секаква надеж, дека нивната молба „да не бидат мачени“ ќе биде услишена. Но, нивната лукавост се сетила на нов излез: Ако веќе не е можно да се уништи човекот, треба да се обиде да се уништи барем нешто во светот. Демоните во овој случај се молат, демоните преколнуваат. Во секоја молба упатена кон Христа потребно е да постои макар делче вистина. Кога демоните го покажувале перфидното лукавство, говорејќи во името на бесомачните, нивната молба не можеше да биде услишена. Меѓутоа, штом проговориле со своите гласови, се покажала можност Господ да ја исполни дури и нивната молба.
Толку е важна вистината во молитвата, па дури и да е демонска! И уште нешто: Колку, дури и демоните се над оние луѓе кои Господа не го молат за ништо, кои дури и воопшто не веруваат во Него и се осмелуваат да тврдат дека никогаш не ни бил на земјата! Демоните не само што веруваат во ова, туку и постојано ја чувствуваат силата, власта и огнениот Дух на Царот на световите – Господ Исус Христос. Седржителот сè држи во Своја власт. Горите и ридовите, морињата и бездните, ангелите и демоните Нему Му се потчинуваат: ангелите со радосен трепет и блаженство,а демоните со мачен страв и чкртање со заби. А човекот е единственото битие на земјава кое не сака да знае за Бога и за Неговата сила, иако, во секој момент, се наоѓа во Неговата власт.
Зарем не звучи парадоксално ако од сево ова кажано, го донесеме следниот заклучок. Денес треба да се поучиме и од демоните! Целото зло кое го правиме на другите, а всушност, го правиме на себе самите, излегува од празнината на душата, која не ја исполнила Божја светлина. Бидејќи горди и празни, ние не го исполнуваме своето битие со свет живот, туку со илузија на радост, сè со цел, да не ја почувствуваме својата ужасна осаменост без Бога, Устата на пеколната бездна постојано е ширум отворена пред нас, и ние, во слепиот страв од таа бездна, слепо го врзуваме своето битие за она што не е вечно, што е само магла над таа бездна. А кога смртта ќе ја разгони маглата, останува само бездната.
Ние, слепите, кои живееме на земјава, слично на гадаринските духови, не го вртиме своето лице кон Господа – Сонцето на Правдата и Животот, туку бараме за себе „свињи“, само за да пред нас самите не се открие нашата сопствена пустошност. А што за нашиот човечки дух претставува „свињата“? Пред сè, тоа е нашето сопствено тело, кога во нашата свест е одделено од нашиот дух и од неговите благодатни задачи на земјата. Тоа е нашето тело, доколку сме пристрасни кон него и доколку му служиме со такво внимание, какво што доликува единствено на служењето на Господа Бога, угодувајќи му со безмерни и беззакони сетилни задоволства. Алчноста, опчинетоста со убавината на телото, или, едноставно кажано, со самата телесност, безбројните гревови, блудот – сето тоа е барање и наоѓање на „свињата“.
Откако ги натерале свињите во пропаст, демоните, иако и не се стекнале со право пак да влезат во луѓето, сепак, без сомневање, се утешиле, кога своите сопствени чувства и своите желби ги препознале во душите на луѓето од Гадарија. Имено, Гадаринците наместо да се радуваат зашто двајца нивни сожители постанале здрави и наместо да паднат на колена со чувство на благодарност кон Бога, заради доаѓањето на толку голем Исцелител меѓу нив, тие Го молат Исуса да си отиде од нивните краишта!
Кој од нас не носел таков грев, прв нека се нафрли врз нив! Ниту мене совеста не ми дозволува тоа да го сторам, иако ја чувствувам целата стравотија на гревовноста на нивниот чин. Зарем да го забранат влезот во своите краишта, во своите живеалишта на Овоплотениот Жив Бог, Творецот на небото и земјата? Што би можело да биде понеобично и почудно од еден ваков чин? Но, во исто време, денес и нема ниту нешто повообичаено од ваквата постапка! Вината за ова ја понесува апсолутно секој кој живее на земјата. Таа вина лежи врз сите нас, кои не погледнуваме кон небото и кои своите очи не ги упатуваме кон Синот Божји. Ние секој ден и секој час не Му дозволуваме на својот Господ и Спасител да влезе во нашите одаи; ние не Го примаме Оној, Кој стои покрај нашето срце.
Интересно е да забележиме дека жителите на земјата Гадаринска, кои не сакале да Му дозволат да остане во нивните краеви, сепак, биле подобри од нас, кои денес живееме на земјава. Замислете, тие Го молат Господа да си отиде од нив. А, зарем денес некој од нас Го моли Господа да си оди од нашиот живот, да си оди од оваа или од онаа земја? За денешницата тоа би било премногу богобојазливо! Денес Господа, едноставно Го изгонуваат од човечките срца, од младешкиот разум, од детската молитва, која е светиња; денес на најгруб начин не Му дозволуваат на Господа да влезе во човечките срца. Колку само родители денес не дозволуваат нивните деца да бидат крстени во Православната Црква? Колку родители денес не дозволуваат нивните чеда да присуствуваат на светите богослужби и да се причестуваат со светите Тајни? Колку само денес има лажни теории за христијанството, со кои во нашето „современо образование“ се трујат младите души? Колку невистини има денес за Синот Божји? Колку многу човечки учења денес Го презираат, колку е исмеван Неговиот Божествен Лик и колку многу денес е понижена Неговата Вистина? Затоа, денес никој од современите цивилизирано народи нема право да го осудува народот гадарински.
Евангелието не ни е дадено само заради небесна утеха! Дадено ни е за да се исплашиме од нашата човечка грешност. Ние луѓето, мрзеливи и зачмаени, мора да се исплашиме, мора да бидеме ранети со зло. Дури откако ќе почувствуваме реална болка од злото и неговата штетност врз себе, ќе бидеме способни, со целото срце да тргнеме кон доброто, да се насочиме кон доброто, како кон сидро на своето спасение и да Го познаеме Спасителот како Извор и Сонце на Доброто.
Црквата на земјата, исто така, не е дадена на луѓето само заради утеха на нивните напатени души. Храмовите стојат на земјава заради тоа, човекот да има некое место на кое би можел да затрепери пред вечноста, да затрепери над својата душа, да затрепери пред Бога, здогледувајќи ја, макар за миг, онаа страшна вечност, пред која секој човек на земјата е така незамисливо блиску.
Ние живееме и одиме во овој наш храм, за да, здогледувајќи ја Христовата Светлина, со сета своја душа тргнеме кон неа и со цел глас да ги повикаме кон Господа не демонски зборови: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе?“, туку човечките зборови: „Кај мене со задоволство си добредојден, Исусе!“; не демонските зборови: „Те молам, не мачи ме!“, туку благословените зборови: „Господи, очисти ме; колку и да ми нанесува тоа болка, колку и да се мачи мојата сластољубива и гревољубива душа – очисти ме, прекали ме во твојот спасоносен и очистувачки оган. Амин!“.
Протоереј Златко Ангелески