Поетската книга на Кипријан Слепченски, Манастирски води/ Лебедот (библиотека ’Небесни цветови’) во издание на манастирот„Свети Атанасиј Велики“ од Журче, Демир Хисар (2017), е втора збирка која ќе биде објавена оваа 2017 година, под ист главен наслов Манастирски води. Претходната, објавена под истиот псевдоним Кипријан Слепченски, е составена на сличен начин, со песни кои се поврзани во една тематска и духовна целина преку стожерниот циклус „Духот на Вистината“ (во седум продолженија). Така, овие две книги „Манастирски води“ градат еден продолжителен тек, еден континуитет и една целина која востановува сопствен, особен и необичен идентитет: авторство за коешто не може да се тврди колку е колективно, колку е индивидуално, поетски свет кој се декларира како фокусиран врз сакралното, наместо профаното, стилско-реторички израз кој ја негува библиско-православната македонска говорна матрица, а жанровски како најблизок до медитативната поезија со комбиниран призвук/интонација на молитва, воспевање, химничност, благословување, откровение, завештание, исповед, лирска епистула и внатрешен дијалог. На ваквиот карактер на поезијата на Манастирски води укажува и поетот и универзитетски професор д-р Владимир Мартиновски, во својот вдахновен предговор кон првиот том.
Втората книга Манастирски води/ Лебедот е показателна не само за самата себе, туку и за една особена поетика која се востановува(ше) последниве две децении во современата македонска поезија. Таа ’нова’ поетика е обележана од присуството на сакралниот Ерос, односно од копнежот по божественото. Тој копнеж станува начело на чувствување и набљудување на светот. Тој свет не е повеќе исклучиво ни предимно овоземен, туку отворен/чувствителен спрема надземниот. Надземниот свет е имагинарен но видлив за внатрешното око, тој е идеализиран, но и доживеан како исчекор од профаната стварност.
Значи, станува збор за една книга која го опева копнежот по божественото и се оградува од ефемерниот свет и нему својствениот, динамичен поглед на свет.
Во книгата на Кипријан Слепченски се чувствува стремеж, поезијата ’да доловува без да објаснува’ (стих од песната „Нешто“), макар што понекогаш не може да се ослободи од искушението на објаснувањето. Сепак, тоа (објаснувањето) е во сенка на ’доловувањето’ слики и состојби на душата и на умот. Ова е поезија на евокации на присутното и отсутното во сегашноста. Не се работи за сеќавања на минатото и на неповратното, туку – многу повеќе – за медитативни повикувања на отсутното присуство или на присутната отсутност на божественото око, милост, ум, реч, утеха…
Таквите евокации во песната се изведуваат со силна страст, иако не секогаш со врвна професионалност, што не го намалува шармот на песните („Незавршеност во совршеност“). Тие се испеани и изречени врз едноставни мотиви, но суптилно и во склад со менталната и духовната доминанта на поетиката на којашто и’ припаѓаат – христијанската, православната („Небесната татковина е извор на нашата топлина“).Тие ја избегнуваат клишираноста на споредбите и на метафорите со помош на личната интонација и асоцијативност. И најобичните теми стануваат необични кога им се пристапува од необичен, посебен агол, на нетипичен начин, па и со „автентична црковна терминологија“ (како што се истакнува во импресумот на книгата).
Така пристапува Кипријан Слепченски, и кога ги опева птиците, гулабите и лебедите, кога го доловува идентитетот на црниот лебед и го претвора во алегорија на монаштвото (црниот лебед „себе не може да се види“, тој има„укотвени очи“); и кога ја опева ѕвездата, онаа ѕвезда која„далечното го прави блиско“ и со тоа се претвора во синоним на ’Ѕвездата од Витлеем’;- и кога евоцира слики на птиците кои не се селат на југ, на коишто „небото им е подарено“и кои ќе согорат на височините во коишто се огледуваат („Птици кои не одат на југ“). Оваа книга им е посветена токму на таквите „небесни птици“ кои „се надеваат на промена“ од духовен, а не просторен вид. Таквите птици копнеат по вечност, а „вечноста не знае за време“(„Не поминува“). Таквите птици упатени и загледани во Небото, ги опеваат „патешествијата на душата“, тивки и неотповикливи.
Меѓу тие поетско-психички патешествија ќе ги спомнеме оние од песните „Разбуди се“, „Зајдисонце“ и „Низ решеткастиот прозорец“.Песната „Разбуди се“го евоцира мотивот на премин од незнаење кон знаење, но овој пат будењето се збиднува на божјиот пат, во облик на монаштво и како копнеж по будноста, по свесното постоење, како повик на просветленоста, како опевање на Светлината.Во песната „Зајдисонце“: Секогаш ги спростираше зраците / од едниот до другиот крај / кога гледавме и кога не гледавме / ни доловуваше рај“.Во песната „Низ решеткастиот прозорец“,субјектот – наместо прозорец кон светот – го отвора покровот над својата глава, како најдобар начин да излезе од теснецот на профаната стварност и да се спаси од затворот на тривијалноста. Завршната песна, „Духот“, го евоцира кружниот тек на патешествието, односно психопоетскиот разговор со Духот (на вистината):
„Еден со друг
преку дурбин се гледаме,
наместо напред, само во круг (…)
Духу на вистината“
Книгата Манастирски води е, инаку, поделена на неколку циклуси:„Великиот извор“, „Звукот на вечноста“, „Лебедот“, „Ѕвонлив плач“, „Нашето траење“, „Нема време“, „О, Боже мој“, „Со нас е Бог“. Во составот на оваа книга се истакнува песната „Духот на вистината“, која ги врамува сите циклуси (поетските кругови) и се повторува со ист наслов-рефрен, развивајќи се во 11 продолженија (макар што почнува со третата помисла, не со првата!), како поема, обединувајќи ги одделните песни во една целина. На тој начин, песната рефрен создава од одделните песни една над-структура, една целина препознаена како Книга со концепција.
Поради тоа, книгата Манастирски водина Кипријан Слепченски има свој особен идентитет, распнат меѓу верско-монашкиот ум на православното христијанство и личниот опит, опитот на личното искушение. Таквиот поетски идентитет, верувам, ќе биде препознаен во читателски кругови со сроден духовен интерес, а можеби и пошироко.
Академик Катица ЌУЛАВКОВА
Скопје, ноември 2017