На 01 април, 2018 г., во соборниот храм Света Софија во Охрид, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитите Преспанско – пелагониски г. Петар и Повардарски г. Агатангел отслужи опело за покој на душата на починатиот Академик Цветан Грозданов.
Академик Цветан Грозданов е роден на 5 март 1936 година во Охрид. Студирал на Филозофскиот факултет во Белград, каде што дипломирал и ја одбранил својата докторска дисертација. Во 1985 година е избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот во Скопје. Бил министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание (1991/92 год.).
Во изминатите три денцении, академик Цветан Грозданов исполнувал интензивна научно-истражувачка работа како еминентен византолог со европска репутација. Настапувал на бројни научни собири во земјата и во странство, и држел предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија и др.
Во целокупниот опус на академик Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски пa сè до XIX век.
За својата научна дејност, академик Грозданов има добиено голем број престижни награди и одликувања во земјата и во странство.
Академик Цветан Грозданов е член на повеќе странски академии на науки и уметности и doctor honoris causa на повеќе универзитети.
За дописен член на МАНУ е избран на 7 мај 1991, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996 година. Во периодот од 2004 до 2007 година беше претседател на МАНУ.
Господ да ја упокои неговата душа, и нека ја насели таму каде што почиваат душите на праведниците!
Извор: https://www.mia.mk