Блажени Августин, кога имал триесет години, го изучувал христијанското учење, и бил убеден во неговата вистинитост. Но сепак овој млад човек продолжил да живее нечесно и не сакал да се менува. Одеднаш, додека се шетал низ паркот, Блажени Августин, почнал да размислува за својот разврат, и си рекол во себеси: „кога ќе се поправам? Цело време говорам: утре, утре, – а зошто не денес?“ Наеднаш слушнал детски глас кој му рекол: „Земи и читај; земи и читај“.
Блажени Августин, помислил дека со него се шегува некое дете – но во негова близина немало никој. На клупата во паркот, која се наоѓала во близина, лежела книга со Посланијата на апостол Павле, која Блажени Августин ја читал пред еден ден. Тој ја зел книгата, ја отворил, и почнал да чита: „Да одиме чесно како дење – не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господа наш Исуса Христа, и грижата за телото не претворувајте ја во похоти“ (Рим. 13, 13-14). И само што завршил со читањето на овие стихови, во неговото срце се вселила светлина, која ги растерала сите негови сомнежи. Од тогаш неговиот живот се изменил и тој станал вистински христијанин и подвижник.
Слични опомени и вразумувања од Светото Писмо добиле и многу светители.
Преподобен Антониј Велики, уште додека живеел во светот, случајно отишол во храм. Кога влегол во храмот, свештеникот ги читал стиховите од Евангелието: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ (Мат. 19, 21). Во тој момент на чудесен начин, преподобен Антониј почувствувал, дека Христос разговара со него. Тој го раздал своето богатство и заминал во пустина.
Преподобен Павле Препрости, еднаш слушнал, како преподобен Антониј Велики го чита првиот псалм од Псалтирот: „Блажен е оној човек, што не оди на советот безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници“ (Псал. 1, 1). Павле потоа заминал во пустина и не се појавил многу години. Кога се вратил, преподобен Антониј го прашал: „Каде беше? Павле одговорил: Се учев да не одам на советот на нечестивите“.
Свети Лука Кримски преживеал неколку такви случаи. Кога тој сеуште бил лекар, неговата жена умрела, оставајќи четири деца. Ноќта, Валентин Филиксович (световното име на светителот), читал пред одарот на сопругата Псалтир. Неговото внимание се задржало на стиховите од 112-от псалм: „Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца“ (Псал. 112, 9). Некое духовно чувство, му говорело на лекарот, дека Бог му говори да ги даде своите деца на некоја осамена вдовица, која работела во болницата како медицинска сестра. Така и се случило. Восхитувачки е тоа, што стиховите од дадениов псалм, се пеат при пречек на архиереј – односно тука се исполниле две пророштва истовремено.
Во друг случај, кога Свети Лука, како епископ се наоѓал во прогон, и го чекал своето ослободување, тој ја изгубил надежта дека ќе го ослободат, бидејќи денот на ослободувањето одамна поминал, а и бродовите со кој требало да го испратат заминале. Читајќи го утринското правило, тој се задржал на стиховите од 31-от псалм: „Ќе те вразумам,” – вели Бог – „ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе ги управувам очите Мои на тебе. Не бивајте како коњ или како маска, кои немаат разум, чија челуст со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат” (Псал. 31, 8-9). Со сето свое битие епископот осознал, дека нему Бог му се обраќа преку псалмот и му говори да се успокои и да се надева на Божјата промисла. Свети Лука смирено ја примил таа мисла и по три месеци бил ослободен.
Исто така, при едно богослужение во еден храм во Санкт Петербург, владиката преживеал страшнен шок, од евангелските зборови: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?.. Паси ги јаганцата Мои!“ (Јован 21, 15). Тој овие зборови ги разбрал, како зборови упатени лично кон него, но не можел да го разбере нивното значење. За брзо време, Свети Лика, преживеал внатрешна криза и на неколку години ја оставил епископската служба. Подоцна разбрал, дека преку евангелскиот текст Самиот Христос го предупредил за искушенијата кои треба да ги поднесе.
***
При читањето на овие истории се појавува прашањето: дали опишаниве случаи се нешто натприродно, невообичаено, или тоа, треба да се случува со секој христијанин? Несомнено, тоа треба да се случува со секој христијанин. Волјата Божја за секого е откриена во Светото Писмо. Читајќи ги библиските стихови, христијанинот е должен да ја препознава Божјата волја за себеси. Но за да можеме тоа га го направиме, ние треба многу добро да ја знаеме Библијата. Сите спомнати светители – Блажени Августин, Свети Антониј, Преподобен Павле, Свети Лука – го читале и знаеле Светото Писмо. Нивниот ум пливал во Библијата, како риба во вода. Затоа Господ лесно можел да им ја открие Својата волја, преку старозаветните или новозаветните стихови. Тие се молеле на Бога, го читале Светото Писмо и наоѓале одговори на своите прашања.
Колку сме ние далеку од тие норми! Ние бараме разрешување на своите прашања и недоумици насекаде, само не во Светото Писмо. Губиме време во потрага на старци и прозорливи луѓе.., а Божјата волја е веќе откриена во најјасна и најразбирлива човечка форма – во Словото Божјо! Бог, давајќи ни го Светото Писмо, сака, ние да ја изучуваме библиската мудрост и преку неа да ја препознаваме Неговата Света волја.
На денешниот човек му е тешко да си зададе себеси мала задача, по малку секој ден да го чита Светото Писмо! Зошто? Ние не веруваме во Словото Божјо. Ние не веруваме дека изучувањето на Словото Божјо е важно за нашето спасение. Ние веруваме, на пример, дека е спасително да одиме во Црква, да се исповедаме и причестуваме, да постиме, да даваме милостина, а дека е спасително изучувањето на Книгата нас книгите, ние не веруваме. Ако ние барем малку би верувале, ние би се занимавале со тоа и дење и ноќе. Но, ние не веруваме, и затоа не ја знаеме Библијата, и во сложните ситуации не ја разбираме Божјата волја за себеси.
***
Неодамна во нашиот град дојде еден грчки проповедник, ученик на преподобен Пајсиј Светогорец. На неговото предавање дојдоа околу 400 луѓе. Предавањето беше добро, и сè помина прекрасно. Но јас размислив: зарем Светото Писмо не е способно да ни даде повеќе, од било кој проповедник? Тогаш зошто кога доаѓа некој проповедник од странство, на неговите предавања доаѓаат 400 луѓе, а на предавањата на изучување на Новиот Завет – 8, 10, 15? Одговорот е еден: бидејќи така е поудобно. Човекот сака наеднаш, без напрегање, да добие некое (да не речам – магично) знаење, кое наводно ќе го спаси. Многу е полесно да отидеме на предавање, кое со ништо не нè обврзува и каде што не треба да размислуваме, отколку да се зафатиме со макотрпно изучување на Светото Писмо. Малкумина се решаваат да ги вметнат библиските зборови во своето срце со многукратно повторување и секојдневно да одвојуваат време за нивно толкување и разбирање.
Ние имаме малку вера во Светото Писмо и љубов кон Бога. Малку вера – бидејќи за да ја изучуваме правилно Библијата, потребно е да веруваме, дека не го трошиме залудно своето време, да веруваме во вистинитоста на Словото Божјо. И малку љубов – бидејќи љубовта кон Бога подразбира изучување на Неговото Слово. Ако Словото Божјо ни е неинтересно – значи и Бог ни е неинтересен.
Сите ние сме ги слушнале познатите зборови на Свети Јован Златоуст: „Сите несреќи се од незнаење на Светото Писмо“ – помеѓу нас имам малкумина кои сериозно би размислиле над овие зборови. Ние немаме речиси никаква библиска димензија на животот, т.е. споредба на нашите постапки со текстовите на Стариот и Новиот Завет. Ние сме членови на Црквата, која секогаш диши и живее со Светото Писмо, но нашиот живото со Словото Божјо нема никаква допирна точка.
Обратете внимание: кој помеѓу народот, се занимава со изучување на Библијата? Секако, протестантите. Човек со Евангелие во рацете, асоцира на протестант. „Ним само Библијата им е во умот“ – говорат за протестантите. А што сме ние? Зошто така не говорат за нас? Замислете, луѓето да говорат: „Православните се толку здодевни, бидејќи само за Светото Писмо говорат. Подобро дајте им да ја читаат Библијата, отколку леб!“ Но ова – за нас никој нема да го каже.
Ако статусот на Светото Писмо, би се искачил во нашите очи, толку високо, тогаш за нас би говореле како за добри познавачи на Библијата! Ние можеме многу да раскажуваме за тоа, дека сме вистинска канонска Црква – но каде се плодовите на таа каноничност? Каде е љубовта на луѓето кон Светото Писмо? Колку е тажно, што изучувањето на Библијата ние целосно им го оддаваме на протестантите. Каков срам за нас и каква загуба за Црквата во која некогаш луѓето напамет ги знаеле библиските книги.
***
Во книгата Дела на Светите Апостоли, мене ме восхити едно место. Во својата проштална беседа со презвитерите во Ефес, апостол Павле говори: „А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени“ (Дела 20, 32). Колку прекрасно, бидејќи уште при животот на апостолите, апостол Павле ги предава своите духовни чеда не на човек, туку на „на Бога и на словото на Неговата благодат!“ Словото Божјо надградува и спасува, раководи и дава мудрост. Преку Своето Слово, Севишниот моќно управува во светот, приведувајќи ги кон Себе сите, кои сакаат да го познаат Него, откривајќи им ја Својата волја.
Свети апостол Павле, им го доверува не само на пастирите во Ефес, но и на сите нас „Бога и словото на Неговата благодат“. Словото Божјо – е главниот инструмент на Неговото дејствување на човечката душа, чекајќи од нас интерес, вера и љубов. Но Господ за да го насочи нашето внимание не некое место од Светото Писмо, за нам преку тие стихови да ни се открие Неговата волја, неопходно е совршено да го знаеме библискиот текст.
Ние треба да бидеме слични на добро наштиман музички инструмент. Музичарот го наштимува потребниот инструмент и тој звучи како што треба. Господ се доближува до нашето срца за време на читање на Светото Писмо, и ние преку библиските стихови ја спознаваме Неговата Света волја. За тоа ни се дадени Светите Книги. Така се случило и со споменативе светии, а тоа треба да се случува и со секој христијанин. И така ќе биде постојано, ако ние библиското слово го направиме секојдневна храна за нашата душа.
Сергеј Комаров
Извор: http://radonezh.ru