На граѓанските протести, кои се одржаа вчера во главниот град на Република Македонија, свое учество зедоа и Митрополитите Преспанско-пелагонискиот г. Петар и Повардарскиот г. Агатангел. Митрополитите едногласно го изјаснија својот став и ставот на Синодот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, за зачувувањето и почитувањето на јазикот, идентитетот и Уставот на Република Македонија и Македонците.
Во прилог, го приложуваме интегралниот текст од Соопштението на САС на МПЦ, одржано на 26.12.2017 г.:
СООПШТЕНИЕ
Светиот Архиерејски Синод (САС), на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), на својата редовна седница, одржана на 26 декември 2017 г., водејќи се од пастирската грижа, разгледа повеќе актуелни прашања од црковниот живот на МПЦ-ОА.
САС на МПЦ го прифати Извештајот од започнатите разговори на црковните Комисии на МПЦ-ОА и БПЦ и донесе став разговорите меѓу двете црковни Комисии да продолжат.
– САС на МПЦ покрај другото ги реафирмира своите досегашни непроменливи ставови и уште еднаш апелира до државните фактори и институции да го зачуваат Уставот на Република Македонија (РМ):
– да не се менува Уставното име на РМ;
– да не се менува Уставната позиција на Македонскиот јазик;
– да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија;
– да не се отстапува од македонскиот национален идентитет;
Со овој став на САС целосно ги подржуваме и правата на останатите етнички заедници, согласно Уставот на Република Македонија.
Од Канцеларијата на
САС на МПЦ