Слепченскиот Манастир „Свети Јован Претеча“ во Демирхисарско Слепче, eдна година по официјалното прогласување на Светиот свештеномаченик Кипријан за Светител, со Свечена Литургија, Литија, рецитал посветен на Светителот, и пригодна музичка програма, го одбележа денот на Светиот свештеномаченик Кипријан, кој маченички пострада за православната вера, на 30-ти април, во 1780-та година.
Верници од целата наша држава допатуваа во Слепче за да се поклонат на неговите свети мошти и да ја целиваат неговата икона молејќи го Светителот за здравје и спасение. Литијата со иконата на Светителот и мироточењето на неговите свети мошти, предизвикаа молитвени воздишки и посебна радост кај сите присутни.
Сестринството на Манастирот со најголема љубов, ги пречека и испрати многубројните гости меѓу кои и Митрополитот Преспанско-пелагониски господин Петар, Епископот Хераклејски г. Климент, како и градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.
На свечената прослава на нашиот молитвеник пред Бога, градот Демир Хисар, официјално го прогласи Свети Кипријан за свој заштитник, покровител и патрон на градот.
Моштите на Светителот се изложени за поклонение, секој неделен ден после неделната Света Литургија во Манастирот.