На 23.02.2018 г., во првиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот Пресвета Богородица во Битола, отслужи Мало повечерие заедно со читање на првата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Според богослужбеното правило на нашата православна Црква, во петоците од првите пет седмици на Великиот пост е предвидено да се служи Мало повечерие заедно со читање на Акатист кон Пресвета Богородица. Во првите четири петоци Акатистот се чита на делови (секој петок по една статија), а во последниот петок, Акатистот се чита целосно.
Во овој храм, акатистите кон Пресвета Богородица се читаат пред Нејзината чудотворна икона Патеводителка.
Ирмос: Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.
Пресвета Богородице, спаси нѐ.
Чиста (Дево), Архангелот Гаврил те гледаше како жива Христова книга, со Духот запечатена, и ти велеше: Радуј се, прибежиште на радоста, преку кое се ослободивме од клетвата прамајчинска.
Пресвета Богородице, спаси нѐ.
Радуј се, Дево Богоневесто, Адамово подигање, и адово умртвување. Радуј се, Сенепорочна, палато на Царот на сите! Радуј се, престоле огнен на Седржителот!
Пресвета Богородице, спаси нѐ.
Радуј се, Цвету неовенлив, единствена која израсна јаболко благомирисно! Радуј се, ти која роди благоухание на единствениот Цар! Радуј се, неискусобрачна, на светот спасение.
Пресвета Богородице, спаси нѐ.
Радуј се, ризницо на чистота, преку која од нашиот пад се кренавме! Радуј се, Владичице, благомирисен крину на верните, благопријатен темјану и миро скапоцено!
(Од Канонот на Пресвета Богородица)