Денес е празникот на сите нас, раслабените. Денес, браќа и сестри, до некоја мера го славиме својот именден, својот празник. Кој од нас може да се пофали дека е силен и храбар, дека ги поднесува сите неволји на овој век и ги исполнува сите Христови заповеди? Избави нè, Господи, ако таков човек стои меѓу нас – ништо не може да биде полошо од некој кој е праведен и силен! Апостол Павле вели: „Затоа добро ми е во слабостите, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христа, оти кога сум слаб, тогаш сум силен. “ (2 Кор. 12:10). Но Апостолот не пропушти едно нешто: силна вера и несомнена надеж во Спасителот. „Силата Божја наполно се покажува во слабоста “. Како може да го сфати тоа светот, кој не верува во Бога и проповеда илузорна семоќ на човештвото ?
Раслабени браќа и сестри! Да се радуваме што ние барем сфаќаме дека сме такви! Господ дојде во светот за да ги спаси раслабените грешници, меѓу кои се вбројуваме и ние. Силниот распнат Исус Христос – и Господ, им ја допушти таа ужасна, безумна сила да го распнат Бога. Кога стануваме горди и самоуверени во себеси, тогаш го повторуваме ужасното злосторство на безбожните: распнувањето на Спасителот.
Да признаеме кои сме всушност ние. Апостол Јаков пишува: „оти, што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па исчезнува. “ (Јаков. 4:14). Без разлика колку силно се спротивставува нашата гордост против тоа, да погледнеме непристрасно кон вселената: безброј планети; илјадници поколенија, што следат едно по друго без прекин; милијарди луѓе кои се избришани од паметењето на своите потомци и ближни.
Имав еден пријател кому сум му многу должен, за мојата вера пред сѐ. Кога тој почина, пред 12 години, мислев дека никогаш нема да го заборавам, дека секогаш ќе се сеќавам на него – и особено за време на Литургијата. Па ненадејно, ужаснувајќи се сфатив дека една Литургија поминала, и втора, исто така, а јас не се сетив на него, на оној, кој беше меѓу моите најблиски луѓе. Мојата духовна раслабеност, мојата неблагодарност кон човекот кој направи толку многу за мене, ми стана ужасна. Дали се сеќаваме на нашите родители – како на живите, така и на мртвите – секој ден, со вистинска ревност? Дали се сеќаваме на нашето сопствено спасение секој ден? Дали се сеќаваме што е најважно во нашите животи?
И сепак нешто внатре во нас несомнено ни кажува дека човекот е нешто повеќе од пареа … Да, нашиот живот е минлив и венее како тревата под жешкото јужно сонце. Да се потсетиме од псалмите: како полски цвет, така прецутува тој; (Пс. 102: 15). Но душата – уникатната човечка личност, создадена од Бога – нејзината сторија во времето и вечноста е сосема поинаква. Ако душата е соединета со својот Создател и Бог, тогаш таа станува најубавото, највредното нешто од сè што е на земјата. Во помнењето на Бога, со Бога, таквата душа добива не само живот, но живот “во изобилие”, како што пишува апостол Павле (2 Кор. 10:15). Тој човечки не може поинаку да ја изрази тајната на идниот век, која му била откриена. Истиот апостол пишува: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат.” (1 Кор. 2: 9).
Во животот на секој од нас и понатаму ќе има мигови на слабост и неуспех, на нешта што ги нарекуваме раслабеност. Тие можат да траат многу години, како што е случајот со раслабениот во бањата, за кој зборува Евангелието. Овој раслабен лежи многу години, чекајќи исцелување. И сепак, тој верува дека Божји гласник ќе дојде и ќе го излекува.
Да не се восприемаме себеси како силни, бидејќи Христос е нашата единствена сила. Да не се восприемаме како непобедливи и имуни на гревот, бидејќи сме паднати луѓе. Единствено да се стремиме да не ја губиме никогаш својата вера во Христа, зашто Господ Исус Христос е бескрајно моќен и поседува сила да нè спаси не само од привремените страсти и неволји. Господ, Кој “со смрт смртта ја победи”, може да ни дари вечен живот, нам, кои еден ден ќе бидеме во гробот, и да нè ослободи од таа вечна и последна раслабеност.
Да немаме високо мислење за себеси; да не се изненадуваме од нашите слабости; да не запаѓаме во очај и униние заради нив. Да се стремиме искрено и со сите свои сили кон поправање, борејќи се против злото и гревот, што живеат во нас. Цврсто да веруваме дека нашиот Господ Исус Христос ќе ни помогне во тоа. Тој нè љуби, зашто ние сме Негови деца. Господ нема да нѐ остави нас, кои признаваме дека сме раслабени и кои просиме помош од нашиот Небесен Отец, а ќе ни ја подари Својата непобедлива сила. Ние сме силни само во тоа: токму како сите апостоли, исповедници, преподобни луѓе и маченици, кои само во тоа беа силни.