Божикната трепза крцкаше од тежината на храната распослана од раното утро. Имаше сè и сешто. И благо и солено. И печено и пржено. И јагне и петле. И младо коковче и старо вино. А, пак, мешините беа преполни со вино и се прелеваа. Истекуваа и опиваа. Секого. И млад и стар, и жена и дете, и куче и маче. Миризбите дразнеа. Дајрината тропкаа. Гласовите се надвикнуваа. Устите јадеа, пиеја и се веселеа, како веќе да стигнале на небесната трпеза во Небесното Царство.
Безгрижно. Безгрешно. Бесрамно.
Радост.
Оро.
Игри.
Смеа.
Огнот потпукнуваше, а надвор почнуваше да врне лут снежец. Една девојка крадешкум земаше од гоштевката и излегуваше надвор во дворот, па им фрлаше на птиците кои беа скриени во сувите и изѕемнети гранки. Штом девојката ќе им фрлеше од храната тие со страв се собираа околу неа и брзо колваа.
Прегладнети. Престрашени. Преплашени.
Ја набљудував од магливиот прозорец, па решив да излезам по неа.
„Зошто ги храните птиците?“ – ја прашав љубопитно.
Девојката се сепна и втренчено ме загледа. Се збунив и ја наведнав главата
„А вие зошто ги храните ситите?“ – ми врати прашално.
Не знаев што да одговорам. Навистина, сите бевме сити и пресити.
„Дојди внатре. Божик е. Весели се. Со најблиските…“ – ја поканив љубезно.
„ А кои се најблиските?“ – пак ми врати прашално.
Се насмевнав.
„Секој. И беден и гладен и страден“ – ѝ реков со надеж во гласот.
„Но вие не сте ни бедни ни страдни. А најмалку гладни “– ми врати тивко.
Повторно ја наведнав главата. Потем како да се сетив на нешто многу важно, ја кренав и одважно ја прашав:
„Тогаш кој ти е најблизок?“
Девојката повторно ме погледна втренчено. Птиците околу неа се разлетаа и се сокрија во голите гранки.
„Младенецот во јаслите. Христос. Од Него поближен немаме. Христос треба да го имаме во срцата. Христос да Го родиме со мака и труд. Да Го сведочиме со крв. И тогаш ќе дојдат и бедните и страдните. Тогаш секој ќе е близок. Но, дотогаш, самите сме непријатели на себе си.“
Ме погледна со небесно сини очи во кои се таеше некаква глобочина. Ми заличи како призрак и дух. Дојде до мене и ме бакна во челото. Потем ги рашири рацете нагоре и летна заедно со птиците.
Автор: Елена Богдановска