Главните грешки кои ги прават верниците за време на постот

Епископ Јакутски и Ленски Роман:

Да не бараме ублажување на постот и да не бидеме фанатици

Ќе набројам две грешки, кои ги прават верниците за време на постот. Првата грешка е ставањето акцент на ограничување на себеси само во однос на храната, не забележувајќи ги своите лоши склоности и навики, што навистина е важно, а можеби и најглавната и основна смисла на постот.

Втората грешка која е карактеристична за нашето време, е тоа што ние многу малку внимание обрнуваме на постот. Постот како да не е присутен во нашите животи. За жал, Божикниот пост го поминуваме со многу празници. Ние цело време по нешто си дозволуваме, постојано бараме разрешување, за да го ублажиме постот. Тоа е голема грешка. Не треба да бидеме фанатици, туку треба да разбереме, дека постот – е за мене и за Бога.

Епископ Јона (Черепанов) намесник на Троицко-Јонинскиот манастир во Киев:

Да не јадеме луѓе!

Сеќавајќи се на својата младост, можам да кажам, дека човекот погрешно се стреми да пости, ставајќи поголем акцент на исхраната, отколку на духовното. Постот, како прво, е воздржување од гревот, време на максимална борба со гревот, а воздржувањето од храната ни е само средство и подршка во таа борба.

Потребно е да ги запазуваме сите црковни правила, кои се однесуваат на воздржувањето од храната и посетувањето на богослуженијата, но на прво место, треба да обраќаме внимание на духовната страна на постот. Како што рекол еден подвижник: „Главно во постот – е да не јадеме луѓе“.

Протоереj Александр Илјашенко, директор на порталот «Православие и мир»

Што да правам?

Мислам дека главната грешка (не само во постот) – е снисходењето кон самиот себеси. Кога човекот си говори себеси: „Јас не го направив тоа и тоа, затоа што околностите така се случија“. Всушност ти не го направи тоа, затоа што се опушти, затоа што не вложи никакви сили. Ако си бил уверен, дека не треба да го правиш тоа во никој случај – тогаш не би го ни направил направил, и никакви препреки во тоа не би те спречиле.

Сепак, не треба да забораваме дека постот, пред сѐ, е воздржување од лутина, незадоволство и нетрпеливост. Дали на Господа му е угодно ние да држиме диета со растителна храна, и да живееме како растенија? Не, на Господа му е угодно, ние да станеме облагодатени и да се стремиме да станеме храмови на Светиот Дух. А Светиот Дух се вселува во чисто срце, а не во празен желудник.

Како говорат Светите Отци: „Во постот е најважно, еден со друг да не се јадеме“. Тоа е голем грев.

Се случуваат грешки, исто така, и со возрасните, кои строгоста на постот ја пренесуваат и на своите деца. А тие во никој случај не треба строго да постат. На детето, кое е во фаза на развој, му треба поблага исхрана во постот.

Ние не треба да го споредуваме своето дете со преподобниот Сергеј Радонежски, кој како младенец, не вкусувал млеко во среда и во петок – бидејќи тоа ќе биде прекумерна гордост.

 Протоереј Алексеј Умински, старешина на храмот Света Троица.

Да не престанеме да бидеме луѓе!

Главната грешка – е кога постот станува еден вид на спорт. Другата грешка е таа, кога човек започнува за време постот да прави над себеси духовни експерименти. Или игра или си заигрува во постот.

Прекумерниот сериозен однос кон постот – е исто така една од грешките на оние кои постат. Тоа е кога човекот престанува да биде човек и се претвора во некоја фигура, принудувајќи се себеси да не доживува никакви човечки чувства и емоци.

Многу луѓе ги разбираат нашите човечки чувства како страсти. И започнуваат, за време на постот да се борат не со своите страсти, туку со своите чувства. Затоа тие мислат, дека посета на театар за време на пост – е недозволиво, бидејќи човекот во период на пост е забрането да се радува. Или велат, дека човек за време на пост не треба да се смее, да се наоѓа во весела атмосфера. Постот го замислуваат како нешто сурово и темно.

Пред сѐ, човекот за време на постот не треба да престане да биде човек. И ако во тоа му помагаат добрата музика или театарската претстава,  или некој филм, тоа е добро.

Протоереј Тедор Бородин, старешина на храмот на светите чудотворци Козма и Дамјан – Маросејка.

Да им служиме на луѓето!

Главната грешка на оние кои постат, е во тоа што тие не ставаат акцент на внатрешното. На она што е добро и полезно за другите луѓе. Во секого од нас, се наоѓа внатрешен фарисеј, за кого постот – е збир на нешто што треба да се исполни, збир на некои надворешни неадекватности – да не се јаде месо, да не се прави тоа, и тоа и тоа…

Всушност, постот треба да ни биде време на поголемо вложување на себеси во добродетелите и во духовниот живот. На Бога му е повеќе пријатно, кога ние им служиме на другите луѓе, а не кога се ограничуваме во храната. Ограничувањето во храната многу помага во служењето на другите, помага и во духовниот развој, кој е и суштината на постот, но тоа не е главното.

Кон постот треба да се однесуваме како кон духовна вежба.

 

Протоереј Виктор Григоренко:

Не треба да се обидуваме да ги следиме монасите

Основната грешка на оние кои постат е нивниот стремеж да се доближат до монашкиот начин на пост. Ние треба да разбереме, дека не живееме во манастирски услови, каде во близина на браќата или сестрите се наоѓа – храм, а исто така и монашка трпезарија, каде секогаш можеме правилно да се храниме.

Ние живееме во други услови, но тоа не значи, дека не треба да постиме. Опсегот на средства за воздржување е доволно широк, ние само треба правилно да ги поставиме нештата.

 

 

 

Извор:http://pravlife.org