На 22.02.2018 г., во Четвртокот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Големо повечерие со читање на последниот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот Пресвета Богородица во Битола.
Ирмос: Од бессемено зачнување – раѓање неискажливо. Од Мајка безмажна – нетлен плод, зашто Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневестна Мајка, православно Те величаме.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Смилувај се, Сине Давидов, спаси и помилуј ме, Ти, Кој со збор бесомачните ги исцели. Со умилен глас речи ми како на разбојникот: “Амин! Вистина ти велам, со Мене во рајот ќе бидеш, кога ќе дојдам во славата Моја!”
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Едниот разбојник Те хулеше, а другиот како Бог Те славеше, обата на крстови висејќи. Но, о, Милосрден, како Твојот верен разбојник, кој во Тебе Бога Го позна, и мене вратата на славното Царството Твое отвори ми ја.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Сета твар трепереше распнат гледајќи Те, гори и камења од страв се распаѓаа, земјата се колебаше, пеколот се разголуваше и светлоста дневна се помрачуваше, гледајќи Те Тебе, Исусе, со тело прикован.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Судијо мој и Познавачу мој, кога повторно со ангелите ќе дојдеш на светот да му судиш, поштеди ме тогаш, гледајќи ме со Твоето милосрдно око, и уштедри ме мене, Исусе, кој секоја човечка природа во гревот ја надминав.
Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!
Сите ги восхити со твојот чудесен живот, ангелските чинови и сите луѓе, живеејќи како бесплотно и натприродно битие. Така одејќи, Марие, со нозе невештаствени, Јордан го мина.
Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас!
Андрее чесни, и оче преблажени, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние кои те воспеваат; за да се избавиме од секој гнев и неволја, и пропаст, и од безбројните прегрешенија, ние кои верно го почитуваме споменот твој.
(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)