Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, како одговор на критиките на неговата неодамнешна изјава пред медиумите „или мажете се и женете се или в манастир“.
„Животот надвор од бракот или манастирот, според својата природа е нестабилен, бидејќи човекот постојано доживува колебања во една или во друга насока“. (Свети Григориј Богослов)
Свети Атанасиј Велики вели: „постојат два пата во животот, едниот умерен и соодветен на животот, мислејќи на бракот, а другиот ангелски, и најсовршен, а тоа е девственоста; ако некој го избере мирскиот пат, односно бракот, за тоа нема да подлежи на никаков прекор, бидејќи и тој ќе даде плод од триесет, а оној кој го возљубил чистиот и надприроден пат, макар да е тоа суров и тежок пат наспроти првиот, ќе добие прекрасен дар, што ќе даде совршен плод од сто таланти“.
Свети Јован Златоуст нагласува, дека „оној кој не е соединет во брачна заедница, сам по себе не претставува целосен човек, туку лишен од својата слобода“.
И бракот, и монаштвото се животни патишта, во кои Царството Божјо, кон кое не повикува Евангелието, треба да стане преобразувачка сила во последниот ден. Како што Црквата го благословува бракот „во Христа“, запечатен со Евхаристијата, така ја благословува и безбрачноста во Христа, која е образ на „ангелскиот“ живот. Брачното целомудрие и монашката девственост се спротивности, кои одекнуваат една кон друга во нивната привидна антиномија. Но зборовите на Христос, „кој може да прими, нека прими“, се препишуваат на двете состојби; и едната, и другата, со тоа, се поставени на ниво на истата аскеза кон Апсолутното. Брачната заедница, која е „домашна црква“, и монашката заедница фрлаат светлина една врз друга и си помагаат една на друга во истата служба.
Црквата не го оправдува бракот, ако истиот е склучен само како привремен договор или како задоволување на потребите на телото, а исто така, не ја оправдува ни безбрачноста, ако истата е основана на себичност и неодговорност.
Христијнскиот брак се заклучува во преобразување на природната меѓусебна љубов меѓу мажот и жената: природната љубов станува вечен сојуз, кој дури ни смртта не може да го уништи. Бракот е Света Тајна, преку која го здобиваме идното Царство, брачниот пир на Агнецот (Откр. 19, 7-9), единство со Христа и Црквата. Ниту телесното задоволство, ниту социјалната благосостојба, ниту обезбедувањето на потомство, се крајната цел и смисла на бракот, туку постигнување на вечната радост во Царството Божјо.
Монашкиот живот го наоѓа во Светото Писмо истото оправдување и истата смисла. Самиот Христос рекол, дека кога луѓето „ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе бидат како ангели на небесата“ (Марко 12, 25). Овој евангелски текст не одрекува дека христијанскиот брак, кој е образ на Христа и Црквата, ќе ја изгуби својата реалност во Царството Божјо, туку укажува на тоа, дека човечките односи повеќе нема да бидат „телесни“. Таа „бестелесност“, во идниот вечен живот, може да се предвиди во монаштвото, кое во православната традиција е почитувано како „ангелско живеење“.
Безброен е соборот на светителите и преподобните, кој му угодил на Бога преку монашкиот живот, заедно со Свети Јован Крстител, Светиот апостол Павле и „сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата“ (Откр. 14, 3).
„Има скопени, – говори Христос, – кои се така родени од мајчината утроба… но има и такви што се скопени само заради Царството Небесно“ (Мат. 19, 12).
Христијанскиот брак во себе вклучува жртва, семејна одговорност и зрелост на душата и телото. Исто така, и христијанската безбрачност вклучува жртва, но истата е невозможна без молитва, постење, послушност, смирение, љубов и подвиг. Современата психологија ни го открива фактот, дека безбрачноста е неспоива со „нормалниот“ човечки живот; меѓу христијанскиот поим за човекот и заклучоците на психоанализата, постои само една разлика: тие различно ја дефинираат нормата на човештвото. За христијанството, таа норма не е во паднатото емпириско човештвото, туку во прославениот и преобразен Човек, кој се манифестира во Христа, и таа норма се постигнува преку осветениот монашки подвиг. Со оваа дисциплина и подвиг, телесната чистота и безбрачност, стануваат можен и радосен начин на живот. Без нив, безбрачната состојба не може да биде ништо повеќе од непотребно и противприродно бреме.
Зошто е опасен „средниот пат“?
Црквата преку гласот на пастирите отсекогаш ги повикува луѓето, или да создадат семејство, или да отидат во манастир. Овој повик е пастирска грижа на пастирот за своите чеда, грижа за нивното спасение, грижа да не живеат живот во пороци, да не живеат живот сам за себеси. Монашкиот пат и патот на семејниот живот, го принудуваат човекот да не живее живот сам за себеси. Човек кој стапил во брак, или примил монашки постриг, во повеќето случаи не може да живее живот сам за себеси. И тоа е всушност основа на православната аскеза: „Одречи се од себе, земи го Крстот свој и врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34). Во современиов начин на живот, кога човекот живее сам (еден), кога не се определил за брачниот или монашкиот живот, тој има можност да живее живот сам за себе, да си угодува себеси, де се препушта на страстите и пороците.
Порано не било така, бидејќи да се живее сам било многу потешко, отколку да се живее семеен брачен живот. Не случајно „сопружниците“, според дирекното значење на зботот – се пар волови. На брачните другари им е многу полесно заедно го влечат плугот на животот, отколку на човекот кој е сам. Човекот кој е сам лесно се опушта и паѓа во пороци. Човек со здрав и трезвен ум, не може да избере за себеси осамен живот. Но денес тоа е можно. Денес кога луѓето имаат комфорт и удобен дом, добра работа и пари, не сакаат да си ја нарушуваат својата удобност, да се грижат за семејството, за воситувањето на децата, или ако станува збор за манастир, да одат на богослужби и да изврушваат послушанија. Денешниот млад човекот смета дека не е обврзан да го прави тоа, што не го сака: посакал – легнал да спие, посакал – зел да чита книга, посакал – го вклучил телевизорот, посакал – седнал на интернет, посакал – излегол со друштво, посакал – отишол во природа и.т.н. Ти можеби сакаш малку, но тоа можеш да го исполниш. И тоа, воопшто не е добро од поглед на спасението на душата.
А кога говорат за тоа, дека или треба да се стапи во брак или да се избере монашкиот живот, тоа значи дека тоа се двата магистрални и спасителни патишта за човекот, кои се од Бога благословени и ни се дадени во Црквата. Нагласувам: благословени патишта од Бога. А патот на осамениот, единечен живот, не дека не е спасителен, туку е многу сложен, бидејќи постојат многу повеќе соблазни и можност да се живее живот сам за себе, живот исполнет со многубројни пороци и страсти. И во таа ситуација, ако човек не избрал за себеси ниту брачен живот, ниту манастир, тој треба да вложи во себе повеќе сили, за да не живее живот сам за себе. За да го постигне тоа, човекот кој е сам мора да се занимава со добротворни и социјални активности. Да се посвети на татковината како војводите, научниците и сите останати што целосно се посветиле и постигнале врвни, научни и други постигнувања, но во меѓувреме останале девствени и умствено и психички и телесно (тоа всушност е белото монаштво). И само тогаш таквиот животен пат може да биде спасителен.
Но сепак, сложности има повеќе. Во младоста, кога човек има повеќе сили, да речеме може да посетува детски и старски домови, но по некое време сето тоа станува напорно и тешко. Поминува одредено време и гледаш дека човекот кој останал сам наполнил 40 или 50 години, и нему веќе не му е потребно ништо, бидејќи се уморил од животот. Во семејниот живот или во манастирот, тоа не е така – сакаш не сакаш, обврските мораш да ги правиш. На пример, сакаш да спиеш, но твоето дете е болно – сакаш не сакаш, стануваш и го носиш на лекар, започнуваш да го тешиш и.т.н. Ако си монах, наутро, сакаш не сакаш, одиш на богослужба, а потоа на послушание.
Кога ти си сам, тоа е сложно да го реализираш – дури и милисрдните работи ги правиш кога сакаш. Затоа е многу важно да си создадеш себеси таква ситуација, кога ти ќе бидеш принуден да го правиш тоа, што не го сакаш.
Денес владее страшна беда во современото општество, отуѓеност од животот и од неговата смисла. Во таа отуѓеност, човекот кој не си го средил својот живот, е многу тешко да им одолее на современите соблазни и искушенија и да живее духовен живот, но ако истиот е подготвен, има милион можности и начини, да си го среди животот. Токму затоа Свети Серафим Саровски вели, дека „малкумина се оние кои се спасуваат“, бидејќи знаел, дека мала е решителноста. Таа решителност се однесува на монашкиот и на семејниот (брачниот) живот.