Книгата „не плаши сѐ, само верувај“ претставува збирка од дваесет и една беседа од Стариот и Новиот Завет. Талентираниот книжевник и искусен духовник, отец Андреј Ткачов, му ја приближува на читателот, смислата на библиските параболи преку современа конструкција на текстот. На тој начин, отец Андреј ја собира евангелската вистина и науката на светите отци, со својата долгогодишна пастирска пракса, и ги сублимира во збирка проповедите, за Библијата, за Бога, за верата и местото на религијата во современиот свет. Читајќи ја книгата „Не плаши сѐ, само верувај“, читателот добива впечаток дека секоја беседа е упатена токму до него. Така нас отец Андреј нѐ потсетува, и ни го свртува вниманието, помеѓу останатото, и на значењето на Библијата како света книга, на значењето на нејзиното внимателно и посветено исчитување, на силата на молитвата, смирението и покајанието, на тоа што е Божјата волја во нас, и колку мрморењето против истата е штетно. Едновремено, ни влева сила и љубов за верата во Бога, во доброто, и одново и одново го повторува она што современите христијани сѐ почесто го забораваат, дека сè е можно за оној кој верува.
Бог – е Оној, за Кого немаше да имаме никакви прашања, ако не бевме грешни, да не отпадневме од рајот, како што птицата паѓа од гнездото – тогаш се ќе беше подруго и Бог не би бил проблем. Сега Бог е проблем и прашање. Дали Он постои? Ако постои каде е Он? А ако постои и ако е некаде, тогаш Каков е Он? Што сум му јас должен? Што ми е Он мене должен? Во човекот се појавуваат мноштво прашања. Но, сето тоа немаше да се случи, ако не згрешевме и ако гревот да не ги заслепеше нашите очи. Мораме да признаеме, дека тоа сѐ тешки и комплицирани прашањата за Бога, тешки токму поради нашата гревовност и помраченост на нашиот ум. Човечкиот ум е помрачен, ослабена му е волјата, а човекот е измачен, истоштен и дезориентиран, бидејќи денес мисли едно, утре друго, сега мисли едно, а после половина час нешто сосема друго. Во текот на една минута може да се колеба со срцето налево и надесно, а сето тоа се случува затоа што е, дезориентиран и помрачен.
Бог – е прва и највисока реалност. Запрашајте сѐ, што е за вас реално. Реална е масата на која се потпираме. Реална е книгата која можам да ја разлистувам, читам и прераскажувам. Реално е електричното светло. Реални се ѕидовите, кои не можам да ги пробијам со рака, бидејќи ако удрам во нив, ќе се одбијам. Реални се и предметите, кои непосредно се однесуваат на мене: реален е крстот на моите гради, косата на мојата глава… Но, Бог е многу пореален, и доколку тоа не го чувствуваме, тогаш причината за тоа е гревот и отпаѓањето од благодатта. Сите згрешивме, сите сме лишени од славата Божја.
Бог – е живот сам по себе. Живот не се лебот и водата, ни процутениот цвет, ниту детето кое само што се родило, бидејќи сите тие сѐ појави во животот. А живот само по себе е Бог, и Он е прва и најважна реалност. Таа најпроста вистина нам не ни е очигледна само затоа што, за жал, ние сме деца на грешниот Адам, и затоа што разумот, волјата и чувствата, ни се помрачени со гревот.
Враќањето на човекот кон Бога е долготраен, комплициран пат. Човекот страда, зашто човекот не е само homo habilis – „човек способен“, ниту само homo sapiens – „човек разумен“, ниту само homo erectus – „исправен човек“. Човекот е уште и homo passus (од passion – страдање, страст) – „човек кој страда“. Една од човечките карактерни особини е неговото константно страдање: или надворешно, или внатрешно, а најчесто и едното и другото. Човекот страда, бидејќи живее неприроден живот, страда затоа што живее далеку од Изворот на животот, отцепен е од Него. Ако сакате, тоа е слично на телефон на кој му се празни батеријата и тој свири: „Брзо стави ме на полнач. Одвоен сум од изворот за напојување, мојата батерија умира…“ И црвената ламбичка сигнализира дека уште малку – и ќе се изгасне. Исто се случува и со човекот. А Извор на животот, Живот само по себе, Живот по името „Јехаје“ (еврејско „Јахве“, значи „Оној Кој Е“) е Бог. Немаше да се сомневаме во Него, да не е гревот, и ѓаволот и сите наши лични гревови, и грешки, и сл.
Сите ние се наоѓаме во тажна состојба која многу добро ја опишува Тјутчев. Човек:
Во безверието е сув, опустошен,
А неподнослив терет денес носи…
И сфаќа дека е целиот упропастен,
И жеден за вера – која треба да ја бара…
Умираме од безверие, умираме додека се одвојуваме од Изворот на животот. Нашата батерија сигнализира: „Уште малку и ќе се изгасне…“ Приклучокот е покрај нас. Имаме приклучок и имаме полнач. Има Црква, има Свети Тајни. Но не им прибегнуваме поради гордоста и за тоа што се сомневаме во постоењето на Бога, во плодотворноста на тој Извор за напојување.
Затоа, прашањето за Бога не е празно прашање. Тоа прашање е теоретско и философско, а воедно и животно. Тоа е прашање за жедните, оние кои бараат вода. Ако на зажеднетиот човек во пустината му речеме: „Нема да ти дадам вода, но еве ти ја нејзината формула – H2O“, – тој ќе се потсмева. Ако на современиот човек му кажеме, на пример Бог постои, но не го приведуваме кон Бога – тој ќе се исмејува. „Каде е Он“? Зошто сум болен, зошто сум сиромашен? Зошто жена ми ме остави, зошто децата сѐ болни? Зошто умре татко ми? Зошто??? Каде е вашиот Бог?“ Затоа, треба да му сѐ овозможи на човекот благодатно искуство да ја проживее Божествената реалност. Поради тоа и постои Црквата.
Без Црквата е бесмислено да се започнува разговор за Бога. Сите зборуваат за Бога, но вистински само Црквата Го пројавува Бога, го пројавува преку богослуженијата, преку Светите Тајни, преку своите праведници и светителите. Нашата болка во срцето, нашиот страв и грижи, сè токму во тоа, луѓето да Го бараат Бога и да Го најдат. За тоа зборува и апостол Павле во едно од своите Посланија: во Дела Апостолски запишани сѐ неговите зборови за тоа, дека Господ Бог од една крв размножи по својата земја мноштво народи и даде одредена духовна задача: За да го бараат Бога, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас; оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме (Дела 17, 27-28). Не е далеку од човекот – моралното битие, а човекот е создание морално. Така е предодреден. Не е создание кое само јаде, пие, чекори исправено, и по нешто зборува, туку создание кое си поставува прашања: „Кој сум?“, „Од каде сум?“, „Каде одам и како треба да живеам?“ Такви прашања само човекот си поставува на себеси. Ниту нилскиот коњ, ниту жирафата, ни антилопата, мрзливецот, стаорецот ниту врабецот – никого не го мачат егзистенцијални прашања. Само човекот, е оптеретен со овие прашања, и само Тој прашува: „Кој сум јас?“ Човекот треба да го бара Бога, бидејќи барањето за Бога е најважната егзистенцијална задача на човекот.
Бог е очигледна реалност, а човекот е сакано Божјо создание кое отпаднало од вистинскиот живот и стигнало до зоната на некоја привидност – во кралството на кривите огледала. Лутајќи во тоа кралство, човекот почнал да чувствува голема мака и неудобност што се наоѓа во нереален живот. Почнува да промислува и бара: каде си Ти? Зошто сум овде? Кој си Ти, Кој ме создаде? Дали Ти постоиш? Тоа се ужасно, тешки прашања, кои го раѓаат човека во човекот, и тогаш Бог постепено му се открива.
Бог е највисока, најчиста реалност која не подложи на сомнеж. Можеме да се сомневаме во тоа, дека јас ве гледам вас, и вие ме гледате мене. Можеби спиеме, можеби се е сон. Во тоа можеме да се сомневаме. Но да се сомневаме дали Бог е реалност, тоа не смееме. Он е пат, вистина и живот (Јован 14,6); и Он е реалност, помрачена за човекот, заради тоа што ѓаволот со него невкусно се пошегувал, а ние сме ја прифативме таа шега и го нарековме живот тоа што не е живот. Затоа барањето за Бога, е барање на вистинскиот извор од кој можеме да пиеме без запирање, без умирање.
Но, јас само што ја започнав приказната за Бога.
Добро е да се зборува за Бога, бидејќи Он е тука и не слуша. Господ никаде не е заминат. Он не е далеку на небото, Он е блиску; Он ги слуша нашите зборови. Нека Ги исполни нашите зборови со благодат, за истите да допрат до срцата на слушателите. Да ни даде разум за да можеме да кажеме што повеќе добро за Него. Како што вели Свети Григориј Богослов, „помнењето и зборувањето за Бога, е поважно од дишењето“.
Значи,Он е живот и Он е прва и најважна реалност.
Протоереј Андреј Ткачов
Превод од српски: Младен Јовчески, дипломиран теолог
Извор: http://www.pravoslavie.ru